From Wikipedia, the free encyclopedia
Историја на книжевноста или историја на литературата го проследува развитокот на литературата и литературните процеси во контекст на цивилизацискиот развој на човештвото.[1] Настојува да прибере што повеќе податоци за литературните состојби на определен период, има научноистражувачки карактер, во постојана потрага е на нови текстови од архивската граѓа, кои би придонеле за расветлувањето на дадениот период. Оваа наука настојува да ги протолкува сложените врски и односи на литературата и општеството. Може да биде фкусирана на различни подрачја: историја на оддела (национална) литература, споредбена (компаративна) литература и општа (светска) историја на литературата.
Книжевност |
---|
Основни облици |
Родови |
Епика · Лирика · Драма |
Извори |
Форми |
Историја и списоци |
Општ преглед на книжевноста |
Дискусија |
Денес немаме друг начин да дојдеме до најстарите култури освен преку археолошките ископини и пишаните споменици кои се зачувале до денес. Долго време за најстари литератури се сметаа египетската, индиската и хебрејската. Но, кон крајот на 19 век се открија ископините на Сумерското Царство, кои покажаа развиена цивилизација, а на глинените плочи покрај другите написи до нас дојде Епот за Гилгамеш. Овој еп се смета за најстариот пишан литературен текст воопшто, потекнува од пред околу 3 до 4 илјади години пред новата ера.
Пред три илјади години на територијата на денешен Ирак, меѓу реките Тигар и Еуфрат (Месопотамија) постоело Асиро-Вавилонско Царство. Таму, главни културни центри биле градовите Вавилон и Урук. Вавилонската кула била величествена архитектонска градба, храм кој достигнувал до „облаците“ за да им се приближи човекот на боговите. (Во „Библијата“ има приказна за градењето на Вавилонската кула).
Усното творештво создавано на сумерски јазик се претпоставува дека било запишано околу 2000 п.н.е., а создавано стотици години пред тоа. Записите се пронајдени при крајот на 19 век, во библиотеката на еден храм во градот Нипур. Пронајдени се циклуси песни од кои најинтересни се песните за Гилгамеш. Тие претставуваат еден вид епска поема.
„Гилгамеш“ е јуначко-митолошки еп (епска поема).
Дел од песните имаат историска содржина во кои е опишана војната меѓу градовите Урук и Киш. Војската на Урук ја предводел Гилгамеш, а војската на Киш - Акој. Војната е прикажана многу реалистички. Другите песни имаат митолошки карактер и во нив се претставени многу сумерски богови и божици, како и борби со чудовишта. Еден дел од песните се рефлексивни - исполнети со мисли за животот и смртта, бесмртноста и славата.
Епот за Гилгамеш се состои од 12 плочи, 12 пеења, кои може да ги поделиме на два дела, две тематски целини:
Бесмислено е да бараме вечен живот, но нашите дела можат да нè направат бесмртни - тоа е идејата во поемата.
Меѓу најстарите пишани текстови зачувани до денес се и Ведите, напишани на древен ведски јазик - санскрит. Тие се дел од таканаречената индиска книжевност. Името на Ведите потекнува од зборот „вид“, што на санскрит значи: увид, знаење. Еден од најголемите непријатели на човекот, се тврди во Ведите, е незнаењето. Се смета дека постоеле 108 Веди, но денес се останати само четири: Ригведа, Самаведа, Јаџурведа и Атхарваведа. Во нив е содржан целокупниот поглед на светот на еден стар народ. Химните содржани во Ведите се исполнети со радост и восхит за постоењето, а видливиот свет се смета дека опфаќа само една четвртина од целокупното постоење. Од сите овие најважна е Ригведата која содржи 1017 химни составени од ведски формули и мантри. За истражувачите е интересна и Јаџурведата, затоа што во неа е сместена легендата за потопот, која ја има и во Епот за Гилгамеш, а подоцна и во Библијата.
Втората фаза од индиската литература е појавата на Упанишадите, кои биле тајни учења наменети само за посветените. Во овој период се вбројува и создавањето на двата големи епа Рамајана и Махабхарата, т.е. од првото илјадалетие пред нашата ера. И двата овие епа зборуваат за борбата меѓу доброто и злото.
Египетското писмо настанало за време на Средното Египетско Царство, а Старите Грци го нарекле хиероглифи (света резба), затоа што оделе во Египет за да учат од тамошните мудреци астрономија и геометрија. Најстарите зачувани текстови се наречени „Текстови на пирамидите“, и се врзани за елиополиската космогонија. Од средното и Новото Царство меѓу религиозните и магиските дела најпознати се: „Текстови на саркофазите“ и Египетската книга на мртвите, која содржи 12 поглавја. Од подоцнежниот период потекнуваат и разни други дела. Филозофските приказни, на пример за двајцата скарани браќа чии имиња се Вистина и Лага, или приказната за „Проколнатиот принц“, каде темата е судбина; авантуристичкиот расказ „Приказната за бродоломникот“, која веројатно била урнек за поновата приказна за Синбад морепловецот.[2] Лирскиот зборник „Песни од реката“ изобилува со љубовна поезија, во која се опева радоста на животот.
Иако не е најстара, кинеската литература има најдолга историја на ист јазик. Најстарите пишани споменици кои потекнуваат од вториот милениум пред нашата ера, немаат литературна вредност. Тука спаѓа книгата со пророштва И Чинг („Книга на промени“), една од најнеобичните книги кои постојат. Најважното дело на таоизмот е Дао де ѓинг („Патот на доблеста“), стихови кажувани од мудрецот Лао Це, кој самиот ништо не пишувал, туку делото го напишале неговите ученици. Така тој се вбројува меѓу ретките умови на човештвото кои ништо самите не напишале, слично на Буда, Сократ, Исус и Мухамед. Од книжевен аспект, најважно од класичните дела е Ши Кинг (1200-500 г. п.н.е.). Ова е зборник на најстарата кинеска поезија, на која се воспитувале сите генерации кинески поети. Од 3000 песни, изборот содржи само 305, а изборот му се припишува на Конфуциј.
Антика е термин кој го означува периодот на европската политичка и културна историја во кој водечка улога имале стара Грција и Рим. Антиката го опфаќа периодот од околу 15 векови, од 1000 година п.н.е. до 500. н.е., помеѓу падот на Западното Римско Царство (476) и затворањето на паганските филозофски училишта во источното, Јустинијаново царство.
Старогрчката литература е најстарата запишана литература на територијата на денешна Европа. Таа се создавала врз основата на старогрчката митологија. Литературните почетоци се врзуваат за еолските и јонските градови во Азија, каде што се развила поезија во која се опевале подвизите на легендарните јунаци. Од таа богата книжевност останати се две ремек-дела Илијада и Одисеја, а името на човекот кој ги испеал - Хомер. Од 8 век п.н.е. потекнува спевот „Теогонија (Раѓање на Боговите)“, кој го испеал Хесиод. Додека Хомер се смета за татко на јуначкиот еп, Хесиод пеел митолошко-поучен еп, кој зборува за настанувањето на светот.
Меѓу 7 век п.н.е. и 5 век п.н.е. културата и уметничкиот живот биле многу богати. Во големите светилишта Делфи и Олимп се одржувале светите игри, религиозни фестивали на кои се натпреварувале спортисти, но и поети. Книжевните дела на поединци биле високо вреднувани. Најстар вид лирска песна била елегијата, која на почеток воопшто не била тажна песна, туку морализаторска, која поучува. Елегии пишувале Калин од Ефес, Тиреј од Спарта, како и Солон, атинскиот законодавец. Меѓу најпознатите лирски автори се: поетесата Сафо, Анакреонт кој ја опевал животната радост, љубовта и гозбите, Пиндар, автор на обемно дело од кое останале зачувани само Епиникиите, и други.
Театарската уметност се развила во три драмски облика: трагедија, комедија и сатирска игра. Публиката која ја следела претставата се поистоветувала со главниот јунак и со неговата способност да се жртвува себеси заради некое општо добро. На тој начин, гледачот се подготвувал за херојски дела. Првите претстави се играле во самите храмови, а подоцна се граделе камени амфитеатри, кои ја зголемувале звучноста на сцената. Во Македонија такви амфитеатри има во ископините на Стоби, во Хераклеја и во Охрид.
Римската или латинската литература се развивала под влијание на хеленската и затоа нејзината вредност е двојна - таа не е само одраз на развитокот на римското робовладетелско општество, туку е и ризница во која се сочувани некои дела на хеленски научници и поети, чии оригинали се изгубени. Римската литература може да се подели на неколку периоди: докласичен (до 80 г. п.н.е.), класичен (од 80 п.н.е. до 120 г.) и посткласичен период (од 120 г. до почетокот на VI век). Според ова, таа опфаќа цели осум векови.
Главно дело на еврејската традиција е Библијата. Зборот biblia на старогрчки јазик значи книга. Од нејзиното комплетирање во 4 век од нашата ера, кога Европа преку Византија и Рим официјално го прифаќа христијанството, и сè до ренесансата, сите одговори европскиот човек ги барал во оваа „Книга над книгите“. Таа е разновидна збирка на текстови кои настанале во долг временски период, почнувајќи од 13 век п.н.е. Поделена е на два дела: Стар завет и Нов завет. Стариот завет е света книга на јудаизмот, содржи 50 книги во кои се изнесува историјата на еврејскиот народ од најстари времиња до појавата на Исус Христос. Новиот завет содржи 27 книги во кои се зборува за делата на Исус Христос и неговите апостоли.
Средновековната книжевност е создадена во духот на актуелните општествени сознанија со доминантен акцент на црковната христијанска идеологија. Средновековните романи и раскази биле омилен жанр, покрај христијанските и библиските содржини. Средновековната литература е составена од богат систем на жанрови и родови. Скоро сите жанрови биле преземени од византиската литература.[3] Основната структура се градела врз библиските текстови. Расказите и романите биле преводи или преработки на тогаш најпознатите светски дела, со белези на рицарски морал. Првите оригинални раскази настанале во периодот од 9 век до 12 век. Меѓу романите, најстар и најпознат е „Романот за Александар Македонски“, кој потекнува од 2 век или 3 век, напишан од Псевдо-Калистен од Александрија. Овој роман е поставен на фантастична основа, со интересно испреплетени легендарни приказни за Александар Македонски, како и историски податоци за него.
Средновековниот период во Македонија се одликува со дејноста на две книжевни школи: Охридската и Лесновскa. Ракописите од Охридската и од Лесновската школа се совпаѓаат едни со други според повеќе правописни и јазични особености, и ја претставуваат македонската варијанта на црковнословенскиот јазик.
Оваа книжевност се дели во три категории: религиозна, љубовна и артуровска. Меѓу најдобрите дела од овој период се сметаат „Орачот Пирс“ од Вилијам Ленгленд, „Кантербериски приказни“ од Џефри Чосер и „Сер Гавејн и Зелениот Витез“.
Најзначајниот автор од ова време е Џефри Чосер, кој пишувал кон крајот на 14 век. Чосер често се смета за таткото на англиската книжевност и за прв автор кој ја покажал уметничката сила на народниот англиски јазик, наспроти францускиот или латинскиот. „Кантербериски приказни“ му се најважното дело.
Дека имало повеќејазична читателска публика во 14 век може јасно да се покаже со примерот на Џон Гауер, кој пишувал на латински, средноанглиски и англонормански.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.