Remove ads
From Wikipedia, the free encyclopedia
Востанието во вардарскиот дел на Македонија во 1941 година е акт на антифашистичкото и националноослободително движење на македонскиот народ.[1]
Оваа статија можеби бара дополнително внимание за да ги исполни стандардите за квалитет на Википедија. Ве молиме подобрете ја оваа статија ако можете. |
До предвечерјето на Втората светска војна истакнати претставници на Македонското националноослободително движење станале водечки членови и организатори на илегалната Комунистичка партија во Македонија. Во условите на окупација и новата поделба на Македонија, секретарот на Покраинскиот комитет на КП во Македонија Методија Шаторов-Шарло кон крајот на април 1941 година, врз основа на ставот на Коминтерната за една територија - една партија, ја поврзал партиската организација од Вардарскиот дел на Македонија со БКП. Сè до нападот на Нацистичка Германија на Советскиот Сојуз, ПК на КП во Македонија се ориентирал главно на собирање оружје и воена опрема.
Во недоволно расветлени околности бил примен и повикот на ЦК на КПЈ за оружено востание, 4 јули, по што уследило и енергично спротивставување за враќање на поранешната организациона поставеност на КП во Македонија. Покажувајќи се како единствена политичка сила што може да го поведе македонскиот народ на востание, КПЈ ги повикала на востание тогашните околу 700 членови на КПЈ и СКОЈ во Вардарска Македонија и сите родољуби, без разлика на нивната национална, верска, општествена и политичка припадност.
Во таа борба требало да се разрешат егзистенцијалните проблеми и меѓуетничката омраза и нетрпеливост, да се создаде националноослободителна армија, македонски народноослободителен фронт, да се воспостави соработка со сите внатрешни и надворешни антифашистички сили и да се воспостави народна власт на слободните територии. Со енергично спротивставување, КПЈ донела одлука за враќање на старата организациона поставеност, а секретарот Шаторов-Шарло бил сменет и исклучен од КПЈ на 24 јули. Но тој ги игнорирал тие одлуки сè до првата половина на септември 1941 година.
Во меѓувреме, во Битола и во други места на Македонија биле организирани илинденски демонстрации (2 август) и штрајкови, биле извршени успешни диверзии во рудникот за хром Радуша и на аеродромот Петровец (Скопско), а кај богомилскиот тунел прилепските илегалци убиле еден бугарски стражар. Наскоро биле формирани Скопскиот НОПО (22 август) и Прилепската партизанска чета (12 август).
Во спорот со покраинското раководство арбитрирала Коминтерната и со тоа и официјално бил вратен поранешниот статус, со нов раководен состав. Новото раководство презело енергични организациони и политички мерки за продолжување на оруженото востание и по само неколку дена формирало Покраински воен штаб на чело со Лазар Колишевски, а била зајакната и организационата мрежа на воените штабови при месните комитети. Наскоро бил формиран и нов ПК на СКОЈ за Македонија, на чело со Мара Нацева (во втората половина на септември). Новото раководство ги обновило прекинатите врски со партиските организации од Македонија под италијанска окупација и испратило инструктори на теренот. Кон крајот на истиот месец упатило и директивно писмо до месните комитети, до членовите на КПЈ, СКОЈ и вонпартијците за оружена борба, со потсетување дека Слободата нема никој да ни ја подари! и потребата за придобивање на народот за општонародно востание.
Организациите на КПЈ и СКОЈ организирале разни протести и ученички штрајкови во Скопје, Битола, Велес, Охрид, Кавадарци и на други места против наставата на бугарски јазик, високите уписни такси, носењето униформи, бугарската матура и сл. Во почетокот на октомври ПК на КПЈ за Македонија упатил проглас за оружена борба и стапување во партизанските одреди до сите слоеви на населението - работниците, интелигенцијата, младината, жените и членовите на Партијата
Наскоро потоа бил формиран и Прилепскиот НОПО Гоце Делчев (11 октомври), кој според однапред подготвениот план, поделен во три групи, уште истиот ден извршил напад на бугарската полициска станица (участокот), затворот, поштата и ПТТ врските во Прилеп. По нападот на Прилеп градот бил блокиран и притоа биле уапсени повеќе од 900 граѓани, а одреден број и во Битола.
Наредниот ден биле формирани и кумановските Козјачки и Карадачки НОПО (12 октомври).
По два дена кај кумановското село Белановце, бугарската војска и полиција го разбила Карадачкиот одред (14 октомври), кај кумановското село Малотино и Козјачкиот одред (17 октомври), а кај месноста Бел Бунар, близу Скопје, и Скопскиот партизански одред.
Со тоа завршил нивниот краток, но историски мошне значаен борбен пат. Тие не постигнале позначајни воени резултати, но претставувале мошне значајна политичка победа за почетокот на општонародното востание.
Веќе на 5 ноември ПК КПЈ за Македонија донел одлука до средината на истиот месец партизански одреди да формираат Битолската, Велешката, Крушевската и Ресенската партиска организација, а соодветни подготовки да се извршат и на територијата на Западна Македонија (под италијанска окупација). Но веќе наредниот ден дошло до апсење на секретарот на ПК Лазар Колишевски, па одлуката не била реализирана. Во услови на засилени полициски прогони и апсења (1.937 уапсени, од кои 134 членови на КПЈ и на СКОЈ и нивни симпатизери), на чело на ПК дошол Бане Андреев, кој (со уште некои членови) потпаднал под влијанието на бугарскиот делегат на ЦК на БРП Бојан Б’лгаранов, коешто се одразило во колебање, одлагање и непостојаност во однос на ставовите за оружената борба. И покрај противењето на мнозинството членови на ПК, било одлучено да се расформира постојниот Прилепски НОПО Гоце Делчев и да се распушти Покраинскиот воен штаб.
Во покраинското раководство продолжиле недоразбирањата и судирите околу натамошниот развој на оружената борба, поради што повторно уследила критика и интервенција од ЦК на КПЈ. Кон крајот на 1941 г. тоа го спречувала и настапената зима, заострениот полициски и воен режим, судските заплашувања (со дури 38 смртни пресуди, 63 временски казни), големиот број интернирани лица и принудно иселување на 26.451 српски колонисти од Македонија.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.