From Wikipedia, the free encyclopedia
Бане Андреев - Ронката (Велес, 12 август 1905 - Белград, 31 октомври 1980 [1]) — македонски комунист, учесник во НОБ и повоен министер во сојузната влада. Репресиран е за време на Информбирото. Носител е на Партизанска споменица 1941.
Бане Андреев завршил основно училиште и гимназија во Велес. Во 1922 година станува член на СКОЈ, а во 1923 година на КПЈ. Во 1924 година станува член на Месниот комитет на КПЈ за Велес и на Покраинскиот комитет на СКОЈ за Македонија. Учествува како делегат на Покраинската конференција на СКОЈ за Македонија, а во 1926 година е избран за член на ЦК на СКОЈ. Во август 1926 година е уапсен, но во април 1927 година, по осум-месечен притвор, е ослободен.
Студира на Белградскиот универзитет. Поради активностите во СКОЈ е следен од полицијата и, во големата провала на комунистите во Белград, ноќта помеѓу 11 и 12 јануари 1929 година е уапсен и во мај истата година е осуден на 15 години според Законот за заштита на државата. Ја издржува казната во Лепоглава и Сремска Митровица, откаде бега на 22 август 1941 година, заедно со поголема група комунисти.
Во 1939 година Кочо Рацин нему му ја посветува песната „Татунчо“ од стихозбирката „Бели мугри“, преку посветата пред песната „На Бана“.[2]
По случувањата со Методија Шаторов - Шарло, во септември 1941 година е составен нов ПК на КПЈ за Македонија во состав: Лазар Колишевски, Бане Андреев, Борка Талески, Благоја Јанков, Вера Ацева и Мара Нацева. На чело на ПК е поставен Лазар Колишевски, но во текот на ноември 1941 г. тој е притворен од полицијата и на негово место доаѓа Бане Андреев. Тој продолжува да го води Покраинскиот комитет по патот на Шарло. Во пролетта 1942 година под негово раководство биле формирани велешкиот, прилепскиот, преспанскиот и крушевскиот партизански одред. Еден од поголемите во тоа време беше велешкиот одред формиран на 21 април 1942 година на Лисец. Видниот комунистички раководител во Македонија Мирче Ацев со свое писмо до ЦК на КПЈ од 9 август 1942 г. соопштува дека новото раководство на чело со Бане Андреев, после затворањето на Колишевски оди по патот на Шаторов, заземајќи став дека:
„ | «...Македонскиот народ уште ја нема изживеано својата илузија за ослободување, дека уште им верува на бугарските власти..., дека нема услови ниту објективни, ниту субјективни за водење на партизанска војна, од тоа призлегува дека не треба да создаваме партизански отреди...Продолжи политиката на Шаторовото раководство, таа дури се продлабочи.» | “ |
Југословенското комунистичко раководство е незадоволно од своите неуспеси во Македонија и неможноста да ги изолира македонските комунисти од Бугарија. На 16 јануари Тито изпраќа писмо до македонските комунисти во кое кажува:
„ | Главните одлики на партиската организација во Македонија се следните: Несигурноста во спроведувањето на политичката линија на нашата партија, колебање во нејзиното преименување на практика, организациона бркотница и слабост, мек однос спрема колебливите, странски опуртунистички и непартиски елементи внатре во партијата, тесно поставување на прашањето за слобода и независност на македонскиот народ, необврзаност на народните маси во водењето на акции, неизживеаност и либерален однос спрема автономичките тенденции од организациско партиен карактер, како и автономистичките тенденции од национален карактер! | “ |
Поради сите овие случувања во ПК на КПЈ за Македонија, во Македонија се испратени инструктори од Србија и Црна Гора. Така, прв пристигнува инструкторот на ЦК на КПЈ Добривое Радославлевиќ, а во текот на февруари 1943 и Светозар Вукмановиќ-Темпо – делегат на ЦК на КПЈ.
Од јуни 1943 година Бане Андреев бил избран за член на Централниот Комитет на новоформираната Комунистичка партија на Македонија. Централниот Комитет на КПМ е во состав: Лазар Колишевски (не присуствувал на своето избирање) – полит. секретар, Мара Нацева – орг. секретар, членови: Цветко Узуновски, Кузман Јосифовски Питу, Страхил Гигов и Бане Андреев.
Во април 1943 година Бане Андреев е уапсен од бугарската полиција во Битола и до ноември истата година е интерниран во Северна Бугарија (село Шијаково). Во 1944 година е избран за член на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ, а подоцна и за потпретседател на АСНОМ. Тој има и свое обраќање на денот на Заседанието на АСНОМ. Во рефератот кој е колективен труд на Иницијативниот одбор и на членови на ЦК КПМ и Главниот штаб на НОВ и ПОМ, меѓу друго се вели:
„ | ...На овој историски ден, на Илинден 1944 година, судбоносен за развитието на македонскиот народ, се состануе првото во историјата на нашиот народ Народно собрание - АСНОМ, како симбол на национална слобода и прокламатор на првата во историјата после Самуилоа македонска држава кое претставува кулминациона точка и е преломен момент во историјата на нашиот народ, кој ќе почне една нова епоха, епоха на творческа работа, национален живот, епоха на напредок. Во овој свет историски момент требе да кажеме оти македонскиот народ през векови тежки борби и натчовечни напреженија везден имал пред очите слободата на целиот македонски народ во рамки на слободна македонска држава. Во овој момент, кога целиот борчески пиемонт во Македонија е ангажиран во борбата против фашискиот окупатор, тој ги кани и останалите два дела на македонскиот народ да влезат во големиот антифашиски фронт, дека това е едниот пат за спечелување на правото на самоопределение и дека това е единствениот начин за обединение на целиот македонски народ во слободната заедница на слободните народи на Југославија. Борческиот пиемонт на Македонија тржествено прокламира оти нема да откаже никаква помош и нема да жали никакви жертви за ослободуене и на другите два дела на нашиот народ и за општото обединение на целиот македонски народ. Ако се знае оти борческиот пиемонт на Македонија е дел на Титова Југославија, тогај ќе стане јасно колку голема може да биде нашата помош и колку тврдо е нашето желание за обединението на целиот наш народ. | “ |
Меѓу другото во истиот реферат вели:
„ | ...Правото на македонскиот народ оди до самоопределуене, отцепуене и присаединуене со други народи. | “ |
По ослободувањето, во март 1945 година е назначен за министер за рударство во Привремената влада на Демократска федеративна Југославија. На изборите за Уставотворното собрание во ноември 1945 година е избран за пратеник. По формирањето на првата Влада на ФНРЈ, повторно е избран за министер за рударство.
На Петтиот конгрес на КПЈ во јули 1948 година е избран за кандидат за член на ЦК КПЈ, а на Првиот конгрес на КПМ во декември истата година е избран за член на Централниот комитет.
Поради сомнеж дека прикриено ја поддржува политиката на Советскиот Сојуз и на Резолуцијата на Информбирото, Андреев на 16 јуни 1949 година пишува изјава во „Борба“ во која ја искажува својата верност на југословенската партија.[3] Сепак, наскоро е уапсен, по што на 17 јануари 1950 година е исклучен од КПЈ[4] и е разрешен од сите политички функции.
Ги ревидира своите ставови во однос на судирот со СССР и подоцна повторно е примен во СКЈ. Се вработува во Институтот за економски истражувања на Србија, каде работи повлечено од државно-политичките збиднувања до своето пензионирање во 1965 година.[5] Починал во Скопје во 1980 година.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.