Поранешен српски фудбалер From Wikipedia, the free encyclopedia
Никола Жигиќ (роден на 25 септември 1980 година) бил поранешен српски фудбалер кој настапувал на позицијата напаѓач или центарфор.
Жигиќ е роден во Бачка Топола, во тогашна СФР Југославија. Во младите години започнал да игра фудбал во екипата на АИК од Бачка Топола и за тој клуб постигнал 68 голови на вкупно 76 натпревари играјќи за првиот тим. Овој резултат го постигнал во период од три години, додека клубот се натпреварувал во третото ниво по квалитет во тогашната југословенска лига. Воената обврска во 2001 година го однела во градот Бар, каде што можел да ја продолжи својата голгетерска кариера настапувајќи за локалниот клуб од втората лига, екипата на Морнар. Краток период потоа минал во екипата од третата лига, Колубара, за подоцна да го потпише професионалниот договор со прволигашот Црвена ѕвезда од Белград. Потписот го ставил во месец јануари 2003 година. Никола Жигиќ поминал извесно време како позајмен играч во третолигашот Спартак од Суботица, пред да го одигра својот прв официјален натпревар во составот на Црвена ѕвезда, истата година. И покрај сугестиите дека неговата висина (2,02 метри) не одговарала за играње фудбал, и подобро било да се занимава со други спортови, Жигиќ својата прва сезона во новиот клуб ја завршил како најдобар стрелец во Првата лига,[1] и како најдобар домашен играч за таа година.[2][3] Заедно со својот клуб ја освоил, односно станал шампион во лигата и воедно бил и стрелец на победничкиот гол во финалето на купот. Таа сезона 2005/06 Жигиќ ја освоил двојната круна (првенството и купот),како и награда за второ место за играч на годината. Во својот тригодишен период минат во екипата на Црвена ѕвезда постигнал 70 голови на вкупно 109 натпревари во сите типови на натпреварувања.[4]
Во месец август 2006 година, Никола Жигиќ потпишал за шпанскиот клуб Рејсинг Сантандер. Партнерството со соиграчот Педро Мунитис му помогнал на клубот на крајот на сезоната да биде сместен на средината од табелата во Ла Лига. Подоцна Жигиќ се преселил во екипата на Валенсија, но не можел да се наметне како редовен во стартните единаесет играчи. Втората половина од сезоната 2008-2009 во Ла Лига ја поминал со составот на Рејсинг како позајмен играч, за кого постигнал 13 голови на само 19 натпревари. Никола Жигиќ во 2010 година му се приклучил на клубот Бирмингем Сити од Премиер лигата, а во својата прва сезона постигнал гол во победата во Лига Купот. Дури и по испаѓањето во Чемпионшип лигата (втора по ранг во Англија), и напорите на клубот да му се намали неговата висока плата,[5][6] тој сепак останал во екипата на Бирмингем цели четири години или до крајот на неговиот договор. Бидејќи бил без ангажман во ниту еден клуб, неколку месеци подоцна од сезоната 2014/15, тој повторно се приклучил во составот на Бирмингем, односно на почетокот од пролетниот дел (втората полусезона).
Жигиќ својот прв сениорски репрезентативен натпревар за селекцијата на Србија и Црна Гора го имал во март 2004 година, а по распадот на Србија и Црна Гора во 2006 година, тој настапувал на репрезентативно ниво за државата Србија. За таа селекција настапувал сѐ до 2011 година. За својата земја одиграл 57 натпревари и постигнал вкупно 20 гола. Тој бил член на селекциите на Светското првенство во 2006 и 2010 година, а накратко во 2011 година бил и капитен на својата земја.
Никола Жигиќ е роден во Бачка Топола, во тогашна СФР Југославија, син на Јован, поранешен фудбалер, и на Милица,[7] која била поранешна кошаркарка.[8] Средното образование го завршил во машинското училиште во Бачка Топола.[9] Неговиот брат Бранко, кој бил 15 месеци помлад од него, исто така станал фудбалер, и играл како централен дефанзивец во клубовите: Цемент од Беочин и во српската прва лига за клубот Пролетер од Нови Сад.[8][10] За време на југословенските војни во 1999 година, родниот град на Жигиќ бил изложен директно под летовите од бомбардерите на НАТО алијансата кога се упатувале во правец на Белград. Во поголемиот дел од тој конфликт, семејниот дом на Никола бил без струја и без вода.[11]
Жигиќ бил оженет со Сања.[11] Тие заедно имале две ќерки и еден син.[12][13] Од 2018[update] тие живеат во близина на Валенсија, Шпанија, а Никола Жигиќ му помагал во бизнисот на својот агент.[13]
Жигиќ се приклучил на клубот од неговиот роден град, екипата на АИК од Бачка Топола како доста млад, а во сениорскиот тим влегол во сезоната 1998-99 година.[4] Започнал да игра како среден бек, но набрзо сфатил дека повеќе сака да постигнува голови отколку да игра во одбраната.[14] Родителите на Жигиќ не сакале тој сериозно да се занимава со фудбал додека не го заврши своето образование. Затоа тој останал во клубот на АИК од Бачка Топола сѐ до 2001 година, притоа постигнувајќи 68 голови на вкупно 76 натпревари. Во тој период неговиот клуб се натпреварувал во српската лига на Војводина, третото ниво на југословенскиот фудбал.[4] Кога воената служба го однела во градот Бар, тој можел да игра за локалниот клуб, Морнар,[7] за кого постигнал 15 голови од 23 натпревари во Втората лига на СР Југославија 2001–02.[4] Откако пробите во Франција со екипите на Сент-Етјен и Кретеј не дале резултат,[15] Жигиќ се вратил назад во Србија каде одиграл 8 натпревари за третолигашкиот клуб на Колубара, постигнувајќи 3 гола.[4]
Никола Жигиќ го потпишал својот прв професионален договор во месец јануари 2003 година, со екипата на Црвена ѕвезда од Белград,[16] еден од најголемите клубови во земјата.[14] Бидејќи се сметало дека тој не е подготвен за првотимскиот фудбал на тоа ниво, вториот дел од сезоната 2002-03 го минал како позајмен играч во екипата на Спартак од Суботица, која се натпреварувала во третата лига по ранг.[17] Во екипата на Спартак постигнал 14 голови на само 11 првенствени натпревари.[4]
Повратникот, тренерот Славољуб Муслин го донел Жигиќ во сениорскиот тим на екипата на Црвена ѕвезда за сезоната 2003–04 во Првата лига.[17] Неговиот прв настап тренерот му го овозможил и тоа во стартните единаесет играчи на првиот ден по потпишување на договорот. Тој прв натпревар завршил со пораз.[18] Физичкиот изглед на Жигиќ и 16-годишна возраст и испровоцирало сугестии дека можеби подобро би му одговарало кошарка како спорт.[7][19] Жигиќ во наредниот натпревар го отворил резултатот во победата над екипата на Хајдук од Кула кој завршил со резултат од 2:0.[20] Помеѓу, тие натпревари тој реализирал хет-трик против екипата на Нистру во квалификациското коло за Купот на УЕФА 2003-04 [21]. Подоцна тој продолжил да придонесува за клубот со уште дополнителни три гола, кога составот на Црвена ѕвезда го победила составот на Одензе со вкупни 6:5. Овој натпревар бил од првото коло на европското натпреварување.[22] Тој постигнал два гола во победата од 3:0 во Вечното дерби против составот на Партизан. Прославата му била со имитирање на шут од кошарката.[23] До паузата од средината на сезоната, тој имал постигнато 12 првенствени голови, како и 6 во Купот на УЕФА. Подоцна Никола Жигиќ бил прогласен за играч на годината за 2003 година. За неговиот избор гласале капитените на тимовите од Првата лига преку весникот Вечерње новости[24] како и од Фудбалскиот сојуз.[3] Ја завршил сезоната како најдобар стрелец во лигата, со вкупно 18 голови.[1] на Црвена ѕвезда ја освоила својата 23-та титула.[25] Никола Жигиќ го постигнал победничкиот гол во финалето на купот.[26]
Партнерството со Марко Пантелиќ продолжило и во втората половина на сезоната 2003–04. Никола Жигиќ продолжил да постигнува голови и во новата сезона. По два гола негатива на екипата на Црвена ѕвезда во првиот натпревар од квалификациите за Лигата на шампионите против составот на Јанг Бојс, тој постигнал два гола во последните 12 минути за да му донесе нерешен резултат на својот тим и тоа на гостински терен.[27] На домашен терен (домашно првенство), соиграчот Пантелиќ постигнал вкупно 21 лигашки гол, а Никола Жигиќ погодил вкупно 15 пати додека на крајот на сезоната екипата на Црвена ѕвезда завршила на второто место, веднаш зад составот на Партизан.[4][28] Жигиќ постигнал гол и против екипата на Партизан за да ѝ помогне на својата, Црвена ѕвезда, да стигне до финалето на купот. Тој бил еден од петте редовни стартери кои не биле на располагање на тимот за натпреварот во финалето поради повреда или суспензија. Во финалето на купот екипата на Црвена ѕвезда го загубила натпреварот од составот на Железник.[29]
Во септември 2005 година, Жигиќ го продолжил договорот за уште една година, кој требало да истече на крајот на сезоната. Тој му помогнал на својот тим да напредува низ квалификациските рунди на Купот на УЕФА, и како што јавил дописникот на Ројтерс, „заврши брилијантна индивидуална изведба со два гола“, како и го обезбедил центаршутот за Милан Пуровиќ додека Црвена ѕвезда ја победила Рома со 3-1 во третиот натпревар од групната фаза. Неговиот прв гол, удар со глава, се чинело дека е постигнат од офсајд позиција, но во вториот, во 86 минута, тој го отфрлил Филип Мексес, избегнал уште двајца противници и ја извртел топката во горниот агол од 25 метри со послабата лева нога. Тој потоа рекол: „Никогаш не сум постигнал таков гол во целата моја кариера. Требаше да ја додавам топката, но немаше никој пред мене, па решив да одам на тоа и да видам што ќе се случи“. Победата ѝ дала можност и потреба на Црвена ѕвезда да победи на последниот натпревар од групата за да има шанса да се квалификува во нокаут рундата, но тие не успеале во тоа.
По втор пат во три години, Никола Жигиќ бил избран за најдобар играч во домашното првенство по спроведена анкета во која гласале сите капитени на прволигашките екипи.[2][30] Бил почестен и од Спортската асоцијација Црвена ѕвезда за најдобар машки спортист во 2005 година. Наградата била предвидена за спортисти кои го претставуваат клубот во сите категории на спортови, а не само во категоријата на фудбал.[31] По заминувањето на соиграчот Пантелиќ во екипата на Херта БСЦ, головите на екипата на Црвена ѕвезда биле порамномерно распоредени помеѓу останатите напаѓачи. Во лигата, Никола Жигиќ и Бошко Јанковиќ биле стрелци на вкупно 12 голови, а соиграчот Пуровиќ придонел со еден гол помалку. Екипата на Црвена ѕвезда ја освоила својата 24-та титула.[32] Неговата екипа во натпреварот против екипата на ОФК Белград во финалето од купот, губела со резултат од 2:0 , но со слободниот удар на Жигиќ во 67 минута од слободен удар и израмнувачкиот гол на Пуровиќ натпреварот се одигрувал во продолженија, при што Жигиќ постигнал гол со глава, а Душан Баста го поставил конечниот резултат од 4:2.[33] По натпреварот, Никола Жигиќ одбил да одговори на прашањата за неговата иднина во составот на Црвена ѕвезда.[34]
Никола Жигиќ ја започнал новата сезоната со екипата Црвена ѕвезда, но на 29 август 2006 година, потпишал четиригодишен договор со клубот од Ла Лига, Расинг од Сантандер. Финансиите официјално не биле откриени,[35] а имало различно пријавени суми движејќи се од 4,5 до 7 милиони евра.[36] Иако подобрите понуди биле одбиени, тие сепак пристигнале во погрешно време. Притисокот врз Црвена Ѕвезда да ја освои домашната титула значело дека тие веројатно нема да располагаат со еден од главните играчи на средината од сезоната.[37] Жигиќ чувствувал дека најдобро било да ги започне натпреварите со клуб на ниво на Расинг од Сантандер.[38] Во новиот клуб бил партнер со ситниот по раст Педро Мунитис.[39] Никола постигнал 11 гола, вклучувајќи и хет-трик во победата од 5:4 над составот на Атлетик Билбао.[40] Имал остварено и четири асистенции и пет реализирани пенали во лигашките натпревари во текот на сезоната. Екипата на Расинг завршила на десеттото место на конечната табела.[41] Пред почетокот на наредната сезона, новиот тренер на клубот Марселино Гарсија Торал изјавил „Сите знаеме колку бодови освои клубот на Расинг кога во него ги немаше Никола Жигиќ и Мунитис. Без нив, составот на Расинг не освојуваше бодови.“[42] Неговите игри во 2006 година му донеле капитенски избор за најдобар играч кој игра во странство.[2] Според тоа гласање тој ја освоил наградата Златна топка на Фудбалскиот сојуз на Србија за наредната 2007 година.[3]
Никола Жигиќ во месец август 2007 година потпишал за екипата на Валенсија. Тежината на трансферот бил непознат, но во медиумите се појавиле суми од 15 милиони евра,[43][44] па сѐ до околу 20 милиони евра,[45] бројка што најверојатно ја вклучува и платата на играчот која би ја земал во текот на петте години од целокупниот договор.[46] Тој во тоа време бил поврзуван со многу други клубови,[47] на пример екипата на Фенербахче доставила понуда која била финансиски подобра и за екипата на Расинг и за играчот, но Никола Жигиќ посакувал да остане во „најдобрата лига на Европа“ во земја каде што бил навикнат на јазикот, но и на културата.[45] Кога пристигнал во новиот клуб Никола имал повреда на глуждот[48] што ја одложило неговата интеграција во првиот тим и, според весникот Мундо Депортиво, била поткопана довербата на стручниот штаб кон него.[49] Подоцна, во месец септември, тој ја влошил повредата играјќи на еден натпревар од квалификациите за ЕВРО 2008,[50] и поради тоа не се појавил во составот на Валенсија сѐ до почетокот на месец октомври истата година.
Својот прв натпревар за екипата на Валенсија Никола го имал во групната фаза од Лигата на шампионите против составот на Челзи. На тој натпревар влегол во игра од клупата за резервни играчи. Наредниот првенствен натпревар, кој бил уште еден пораз на домашен терен против екипата на Еспањол, повторно имал мала минутажа дадена од страна на тренерот Кике Флорес. Жигиќ и под водство на наследникот, тренерот Роналд Куман немал доволен период на теренот[49][51]. Со приближувањето на преодниот рок, тренерот Роналд Куман му дал на Жигиќ период две седмици за да го убеди дека вреди да остане во екипата.[52] Пред натпреварот од Купот на Кралот на 19 декември, екипата на Валенсија немала постигнато гол на дури шест натпревари.[53] Тој пост го прекинале со победата на третолигашот Реал Унион, иако нисколигашот водел со резултат од 1:0. На тој натпревар Жигиќ влегол во игра и постигнал два гола за целосен пресврт на резултатот.[54] Следувало уште еден гол од страната на Жигиќ три дена подоцна, кога екипата на Валенсија обезбедила нерешен резултат од 2:2 против составот на Реал од Сарагоса.[51] Претходно подготвениот трансфер како позајмен играч во составот на Портсмут пропаднал бидејќи тренерот Роналд Куман се предомислил за заминувањето на играчот.[55] До крајот на сезоната, Никола одиграл само девет натпревари во лигата (од кои на два како стартер) во преостанатата сезона. Во тие девет натпревари имал и едно исклучување од играта.[51]
Шпекулациите за преселба во Премиер лигата[56] не биле исклучени. До месец октомври, Жигиќ се појавил само еднаш во составот на Валенсија, и тоа во Купот на УЕФА. Се појавила и можност да му се приклучи на неговиот поранешен клуб, Расинг од Сантандер, и тоа како позајмен играч во брза постапка. Оваа брза промена зависела од тоа дали екипата на Расинг ќе го ослободи играчот Луис Фернандес од медицински причини, поради дегенеративната состојба на неговото повредено колено. Таквата ситуација би довела до ослободување на простор во првиот тим. Лекарскиот комитет на ЛФП лигата одлучил дека состојбата кај повредениот сè уште не била доволно јасна, а со тоа и означувањето на крајот на кариерата на повредениот. Новите околности довеле до тоа Жигиќ да морал да почека до месец јануари 2009 година.[57] Во меѓувреме, тој настапил уште на четири натпревари за екипата на Валенсија, два во домашниот куп и два во купот на УЕФА. На три од тие 4 натпревари постигнал гол, но и понатаму не настапувал во првенствената сезона.[58]
Договорот за позајмен играч бил уредно обновен, а Никола Жигиќ конечно се вратил во клубот и градот во кои „се чувствуваат како дома“.[59] Екипата на Расинг требало да ги исплати платите и да го отпише долгот од продажбата на играчот Марио Регуеиро, и поради тоа немала опција за купување на нови играчи.[60] Продолжувајќи го партнерството во нападот со Мунитис во првиот натпревар од својата втора сезона во клубот, Жигиќ го постигнал единствениот гол на гостувањето кај составот на Реал од Ваљадолид. Исто така постигнал гол против екипата на Хетафе две седмици подоцна. Жигиќ постигнал гол и во наредниот натпревар на гостински терен во победата од 2:0 против екипата на Севиља. Тој ја завршил сезоната како најдобар стрелец на клубот Расинг, со 13 голови од само 19 одиграни натпревари.[58][61]
По затворената сезона во 2009 година, постоеле гласини кои го поврзувале Жигиќ со преселби во клубовите вклучувајќи ги: Сандерленд,[62] Монако[63] и Бордо,[64] но тој инсистирал на тоа дека неговата намера била и секогаш ќе биде да стане успешен играч со екипата на Валенсија.[65] Никола одиграл 26 натпревари за клубот на Валенсија во сезоната 2009-10 во сите натпреварувања, повеќе отколку во претходните две сезони заедно, но само 5 бил од лигашки карактер.[66] По само четири минути откако го заменил повредениот Давид Виља на првенствениот натпревар против екипата на Расинг во месец октомври, тој ја искористил грешката во одбраната и го постигнал единствениот гол на натпреварот. Од почит кон својот поранешен клуб, овој гол не бил проследен со прослава.[67] На 2 јануари 2010 година, неговиот удар со глава во 93 минута против екипата на Еспањол го однел тимот на Валенсија на третото место на табелата.[68] Подоцна против екипата на Депортиво Ла Коруња во Купот на Кралот 2009–10, тој постигнал два гола и клубот повел со резултат од 2:0 до крајот на првото полувреме. Сепак овој натпревар завршил со резултат од 2:2, а тимот на Валенсија испаднал од купот со вкупен резултат од 4:3.[69] На четири минути до крајот од возвратниот натпревар од четвртфиналето на Лига Европа, на екипата на Валенсија не ѝ бил досуден пенал кога дефанзивецот на екипата на Атлетико од Мадрид силно го повлекол Никола Жигиќ на земја што му бил скинат предниот дел од дресот. Тој натпревар завршил со нерешен резултат и без голови, па екипата на Атлетико напредувала според правилото со головите постигнати на гостински терен од првиот натпревар.[70][71] На гостувањето кај екипата на Еспањол, на 1 мај, Жигиќ повторно влегол во игра како замена за соиграчот Давид Вила. На тој натпревар ги постигнал двата гола во победата од 2:0 со која екипата на Валенсија обезбедила место во Лигата на шампионите за наредната сезона.[72]
На 25 мај 2010 година, Жигиќ потпишал четиригодишен договор со премиерлигашкиот клуб Бирмингем Сити за непозната сума на пари, за која медиумските шпекулации стигнувале до околу 6 милиони фунти.[19][73] Својот прв натпревар за клубот го имал на првиот ден од сезоната на гостувањето кај составот на Сандерленд: заменувајќи го соиграчот Гери О'Конор во 58 минута од натпреварот. Никола Жигиќ бил близу до постигнување на гол надвор од шеснаесетникот на противникот и „внел голема паника која дотогаш не постоела во противничката одбрана“ на домашниот тим. Екипата на Бирмингем се вратила по негатива од 2:0 за на крајот да обезбеди нерешен резултат.[74] Првиот гол на Жигиќ за клубот бил постигнат на 21 септември кога екипата на Бирмингем го победила составот на Милтон Кејнс Донс со резултат од 3:1 во натпревар од Лига купот. Тој го постигнал својот прв гол за екипата на Бирмингем, во Премиер лигата, на 16 октомври, отворајќи го резултатот против тимот на Арсенал, со удар со глава по центаршутот на Кит Фахи. Сепак овој натпревар екипата на Бирмингем го загубила со резултат од 2:1.[75]
Во жестокото четвртфинале од Лига купот против локалниот ривал, екипата на Астон Вила, Жигиќ постигнал навидум важечки гол кој бил поништен поради офсајд во кој се наоѓал некој негов соиграч. Во 86 минута бил заменет по неправилниот старт над него и досудениот казнен удар во корист на неговиот тим. Тоа бил гол постигнат при крајот на натпреварот кој ја обезбедил победата над лутиот ривал.[76] Тој го отворил резултатот против фаворитот Арсенал во финалето со удар со глава непосредно до гол линијата, а на една минута до крајот на регуларното време, голманот со долга топка упатена во казнениот простор му обезбедиле голема можност на Обафеми Мартинс да ја спроведе топката до мрежата и да го обезбеди победничкиот гол.[77] Фудбалскиот тренер кој на тој натпревар бил коментатор Дејвид Плат напишал дека: „Бирмингем ја заслужи својата победа преку одличната тимска игра и остроумното распоредување на силите на Никола Жигиќ“.[78] Поради „зачестените“ повреди на колкот и препоните, тој настапил само уште на два натпревари и тоа како замена. Неговото отсуство го оддалечил тимот од она што известувачот на Бирмингем Меил го нарекол нивниот „најефективен стил: почетно напредување, притискање на секој дел од теренот “. На крајот на сезоната екипата на Бирмингем биле исфрлени во понискиот ранг на англискиот фудбал, во Чемпионшип лигата[79].
И покрај инсистирањето на неговиот агент Милан Ќаласан дека неговиот клиент нема да игра во пониските дивизии,[80] Жигиќ најпрво бил подложен на операција на препоните на крајот на сезоната, а подоцна сепак ја продолжил својата кариера во екипата на Бирмингем од почетокот на месец септември. Тој за списанието „Меил“ изјавил дека со задоволство ќе остане во клубот и дека секој потег ќе зависи од тоа дали екипата ќе го продаде поради тешката финансиска состојба.[81] Неговиот прв гол во Чемпионшип лигата му донела победа на составот на Бирмингем со 1:0 над екипата на Лидс Јунајтед. На почетокот на натпреварот од групата Лига Европа во Брага (Португалија), за екипата на Бирмингем бил досуден пенал. Во отсуство на редовниот изведувач на пенали Марлон Кинг, Жигиќ ја презел одговорноста. Неговиот обид бил неуспешен односно голманот на екипата на Брага успела да го одбрани ударот. Составот на домашната Брага го добила натпреварот со резултат од 1:0.[82] Екипата на Бирмингем ја завршила групната фаза со еден бод зад екипата на Брага. Од таа група и составот на Клуб Бриж не успеал да се квалификува во нокаут фазата.[83] На гостински терен кај екипата на Лидс, Никола Жигиќ ги постигнал сите 4 голови во победата од 4:1, а сезоната ја завршил со вкупно единаесет постигнати голови во лигата и еден во полуфиналето на плеј-офот. Во полуфиналето од плеј офот екипата на Бирмингем загубила со вкупен резултат од составот на Блекпул.[84]
Во пресрет на сезоната 2012-13, Жигиќ бил блиску до враќање во Шпанија, овојпат во екипата на Реал од Мајорка. Составот на Бирмингем бил подготвен да му даде бесплатен трансфер за да ја намали сметката за плата за неговите пријавени 50.000 фунти неделно. Договорот пропаднал кога управниот одбор и агентот на играчот не можеле да се договорат за исплатата.[5] Претходно во летото агентот на Жигиќ настојувал да ги види преостанатите две години од неговиот договор.[85] Тој ја започнал наредната натпреварувачка сезона од клупата, и на првиот натпревар влегол во 85 минута за да донесе нерешен резултат во 94 минута на домашен терен против екипата на Чарлтон Атлетик.[86] Бил користен повеќе како замена отколку како стартер од страна на новиот тренер Ли Кларк, кој им давал предност на Питер Ловенкрандс и на Лерој Лита.[87] Во пресрет на јануарскиот преоден рок, извршниот директор на клубот Питер Пану потврдил дека продажбата на играчи е неопходна за да се избегне ризикот од административно пропаѓање. Дури и ако клубот можел да инкасира дури 6 милиони фунти од продажбата на англискиот голман Џек Батланд, платата на Жигиќ била поголема од тоа што клубот можел да си дозволи. Се тражело од играчот да ја покаже големината и „да излезе и да се покаже себеси“.[88] Клубот не успеал да вклучи клаузула (долнителен текст) во неговиот договор за намалување на неговата плата во случај на испаѓање од лигата,[6] а подоцна се покажало дека тие сепак биле согласни на значителни годишни зголемувања што претставувало голем финасиски проблем.[89]
Тој сепак не заминал, а во месец февруари, Кларк јавно го критикувал велејќи дека „можеби најлошиот однос со еден професионален фудбалер што некогаш сум го сретнал во животот“. И покрај таквиот однос, тој знаел дека Жигиќ требало да го започне претстојниот натпревар против составот на Ватфорд.[90] До тој инцидент со тренерот Жигиќ постигнал шест првенствени гола и тоа по еден на секои 165 минути игра, а и двапати бил исклучен од игра.[91] Кларк рекол дека Жигиќ сепак нема да биде вклучен во тимот против екипата на Вотфорд, но дека „во негови раце ќе биде“ дали ќе се подготви правилно за натпреварот против екипата на Шефилд Венсдеј три дена подоцна.[92] Одговорот од тренерот бил прифатлив за Жугиќ бидејќи го одиграл целиот нареден натпревар против екипата на Шефилд Венсдеј. Жигиќ сите преостанати натпревари ги започнувал како стартер и тоа бил најдолгиот период за континуирани игри во неговата кариера во екипата на Бирмингем.[93] Ја завршил сезоната со девет првенствени гола и бил веднаш зад најпрецизниот, соиграч Кинг.[94]
Жигиќ ги пропушти првите неколку седмици од сезоната 2013-14 поради проблем со грбот,[95] и откако се вклопил, настапувал редовно во текот на целата сезона, како еден од малиот број играчи со искуство во доста неискусниот и младешки тим со бројни позајмени играчи на краток рок.[96][97] Тимот се мачел преку целата година и на последниот ден од сезоната, му бил потребен барем еден бод или нерешен натпревар на гостувањето кај екипата на Болтон Вондерерс, но и поклопување на други резултати за да избегнат испаѓање во понизок ранг, односно во Лига 1. На решавачкиот натпревар, неговиот тим на 12 минути пред крајот имала два гола предност. Жигиќ постигнал гол, а три минути пред судиското надополнување, ударот со глава од непосредна близина на противничкиот играч бил отстранет од гол линијата од страна на Пол Кадис. Така екипата на Бирмингем го зачувала второлигашкиот статус.[98] Било објавено дека екипата на Бирмингем е „ограничено уверена“ дека ќе ги задржи услугите на Жигиќ за уште една сезона, но сепак со многу намалена плата, особено затоа што се верувало дека сака да аплицира за добивање на британско државјанство, за кое било потребен петгодишен престој во земјата. На крајот од договорот, сепак Жигиќ заминал од клубот. Тој бил последниот преостанат член на тимот што го освоил Лига купот.[97][99]
Бидејќи Жигиќ во месец ноември 2014 година бил без клуб по неговото заминување, повторно започнал да тренира со екипата на Бирмингем.[100] По успешната жалба за да добие работна дозвола, за која не се квалификувал со автоматскиот пристап, тој потпишал на 4 декември договор кој истекувал на крајот од сезоната.[101] Својот прв натпревар по враќањето го одиграл на 13 декември против екипата на Ридинг. Составот на Бирмингем победил со резултат од 6:1.[102] Играл многу ретко и тоа само девет натпревари од лигашкиот дел, како резервен играч и два натпревари од ФА Купот. Од клубот потврдиле дека тој ќе биде ослободен кога ќе му истече договорот.[103]
Селекторот Илија Петковиќ на 31 март 2004 година му овозможил на Жигиќ да го има првиот натпревар за репрезентацијата на Србија и Црна Гора. Тој влегол во игра како замена во 84 минута во пријателскиот натпревар против репрезентацијата на Норвешка, кој завршил со пораз од 1:0. Натпреварот се одиграл во Белград.[104] Неговото наредно појавување бил од стартот на натпреварот, 14 месеци подоцна, на пријателскиот натпревар против селекцијата на Италија кој се играл во Канада. На тој натпревар Жигиќ налетал на една упатена топка и го заобиколил голманот за со гол да го отвори резултатот. До крајот на натпреварот успеал еднаш да ја погоди и стативата. Тој натпревар завршил со нерешен резултат од 1:1.[105]
Тој, исто така, постигнал гол во неговиот нареден натпревар, против репрезентацијата на Полска на уште еден пријателски натпревар. Со таа игра се наметнал кај тренерот како играч кој би можел да биде стандарна опција.[4] На наредниот натпревар влегол од клупата за резервни играчи. Тоа бил натпреварот одигран во месец септември 2005 година од квалификациите за Светското првенство против екипата на Шпанија во Мадрид кој му донел пошироко меѓународно признание. По лошото прво полувреме тренерот Петковиќ изјавил дека „имавме среќа да имаме само еден гол заостанување во однос на противникот во првото полувреме“.[106] Во второто полувреме бил внесен Никола Жигиќ и тактиката била „да го постави во центарот на противничката одбрана и неговата екипа да игра со долги и високи нафлени топки...тактиката била доста успешна. “ [107] Жигиќ во еден момент при една нафрлена топка го притиснал противничкиот голман да ја промаши топката која паднала директно на главата на Дејан Станковиќ кој постигнал гол за израмнување. По 12 минути Матеја Кежман, промашил чиста позиција што можела да биде и шут за победа.[108] Тој резултат ја оставил репрезентацијата на Србија и Црна Гора на врвот од табелата во нивната група. Составот на Србија и Црна Гора ги потврдил квалификациите на домашен терен против репрезентацијата на Босна и Херцеговина. На тој натпревар асистенцијата на Жигиќ му овозможила на Матеја Кежман да го постигне единствениот гол на натпреварот.[109]
Единствениот старт на Жигиќ на Светското првенство во 2006 година бил на последниот натпревар, кога неговиот тим веќе бил елиминиран откако ги загубил првите два натпревари во групата. Тој постигнал гол во почетокот на првото полувреме од долга топка од Станковиќ против Брегот на Слоновата Коска – голот бил прв за Србија и Црна Гора на турнирот – но натпреварот завршил со пораз 3–2.[110]
Под водство на новиот национален селектор Хавиер Клементе, Жигиќ го постигнал единствениот гол во првиот натпреварувачки натпревар на репрезентацијата на Србија како посебна земја. Натпреварот се одиграл во месец септември 2006 година и бил од квалификациите за ЕВРО 2008 на домашен терен против селекцијата на Азербејџан.[111] Никола Жигиќ во месец март 2007 година постигнал еден гол, подоцна пропуштил уште две добри можности, а потоа бил и исклучен поради удар со лакт врз противнички играч во судиското продолжение во квалификацискиот пораз од селекцијата на Казахстан.[112] Поради казната која ја добил го пропуштил наредниот натпревар на домашен терен против селекцијата на Португалија. Овој натпревар завршил со нерешен резултат.[113] Никола го пропуштил натпреварот во Финска, во јуни по операцијата и повредата на лицето.[114] Тој сепак постигнал вкупно седум гола во тие квалификации, а селекцијата на Србија не успеала да се квалификува на Европското првенство.[115]
Никола Жигиќ настапувал редовно во текот на квалификациите за Светското првенство 2010 година, овојпат под раководство на тренерот Радомир Антиќ. За својата репрезентација придонел со три постигнати гола, а партнер во нападот му бил поранешниот соиграч од екипата на Црвена ѕвезда, Марко Пантелиќ. Селекцијата на Србија се квалификувала на големиот турнир и тоа за прв пат како независна држава.[4][116] Пред самиот турнир (Светското првенство), тој зборувал позитивно за неговиот развој од 2006 година, па рекол „Отидов во Германија како играч без репутација или вистинско искуство. Тактички научив многу и сум во многу подобра состојба и физички и психички. Ова е мое Светско првенство, мислам дека можам да одиграм водечка улога и сакам да покажам дека сум играч кој може да го направи тоа на големи натпревари.“[117] По поразот од репрезентацијата на Гана во воведниот натпревар од групата, селекцијата на Србија продолжила и се соочила со селекцијата на Германија. Во рок од две минути по исклучувањето на Мирослав Клосе, во првото полувреме, Жигиќ упатил центаршут до соиграчот Милан Јовановиќ кој го постигнал, а ќе се покажело и како единствен гол на натпреварот. Пеналот на Лукас Подолски во второто полувреме бил одбранет, а Радомир Антиќ победата ја посветил на целиот српски народ.[118] Во натпреварот со многу пропуштени можности против селекцијата на Австралија, репрезентацијата на Србија на крајот загубила со резултат од 2:1 и сепак завршиле на дното од групата.[119]
Головите на четирите од вкупно петте интернационалци кои настапувале за репрезентацијата на Србија во вториот дел од 2010 година го достигнал бројот од вкупно 20.[4] Жигиќ не бил избран за да го започне наредниот натпревар. Тоа бил дуелот од квалификациите за ЕВРО 2012 со селекцијата на Италија, на гостински терен. Тој натпревар бил прекинат по само 6 минути игра, поради дивеење на навивачите. УЕФА овој натпревар го доделила на домаќините како службена победа со резултат од 3:0.[120] Откако репрезентацијата на Србија не успеала да се квалификува на турнирот, а фудбалерите Дејан Станковиќ и Немања Видиќ се повлекле од репрезентативниот фудбал, Никола Жигиќ бил назначен за капитен на државната репрезентација.[121] Тој бил капитен на тимот на пријателските порази од селекциите на Мексико и Хондурас во 2011 година. Тоа биле неговите 56-ти и 57-ми настап за неговата земја, што се покажале и како негови последни во дресот со државниот грб.[4]
Екстремната висина на Никола Жигиќ му овозможувала доминација во воздушна игра. Тој бил опасен при поставена игра, постигнувајќи многу голови со глава и удирајќи ја топката пред другите.[78][122] Кога се приклучил на екипата на Црвена ѕвезда, тренерот го поставил да игра во тимот со формација 4–3–3, со тоа што Жигиќ бил во центарот во предната линија со двајца крилни играчи за да ги хранат со употребливи топки.[17] Тој се обидувал да го искористи своето физичко присуство за да ги наруши концепциите на противничките одбрани[17] и да го одвлече нивното внимание. Тренерот Пеп Гвардиола во 2009 година изјавил дека Никола Жигиќ не бил лесен за одбраната, односно бил „речиси незапирлив“ во воздухот, но најдобриот начин за да го онеспособиш бил да го оддалечиш што е можно подалеку од шеснаесетникот.[123] Говорејќи во 2010 година, Радован Ќурчиќ, тогашниот помошник тренер на репрезентацијата на Србија, го опишал Жигиќ како: „кралот на воздушната игра, тој е најдобриот што постои моментално во Европа. Тој поседува чувство за простор и движење без топка и може да им асистира на соиграчите со удари со глава и да поставува можности за гол“.[124]
По неговите први настапи во екипата на Расинг, тој ја покажал моќта во воздушната игра. Бил способен да игра со грб свртен кон голот, а неговата висина не му пречела во неговата подвижност и активност.[123] Тој посакувал да игра не како осамен во нападот, туку секогаш во тандем со некој поситен и побрз играч.[14] Фитнес тренерот на екипата на Расинг, Хавиер Мињано, бил изненаден што Никола Жигиќ бил „добро координиран во неговите движења, до таа мера, што не изгледало дека е толку висок кога работи на тренинзите“.[125]
Тој посакувал да ја прима топката во воздух, бидејќи секогаш можел да ги совлада пониските играчи, но тие можеле да ги искористат побрзите реакции и подоброто забрзување на земјата.[126] Според Дејвид Плат, главен фактор за победата на Бирмингем во Лига купот во 2011 година бил: „кажувајте му да го направи она што го прави најдобро и да ја освои топката со глава од директно дијагонално нафрлените топки од страна на крилните играчи“.[78] Сепак, тој технички бил доста усовршен, постигнувал голови со нозете и остварувајќи асистенции за останатите.[123][125] Во еден период од 2009 година списнието Мундо Депортиво го оценило Жигиќ како еден од оние неколку високи играчи со добар допир на топката,[122] а во 2010 година, германскиот репрезентативен дефанзивец Пер Мертезакер го опишал како „технички добар играч и тактички многу паметен“.[127]
Клуб | Сезона | Лигашки натпревари | Национален куп | Лига куп | Останати натпревари | Вкупно | ||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Лига | Натпревари | Голови | Натпревари | Голови | Натпревари | Голови | Натпревари | Голови | Натпревари | Голови | ||
АИК од Бачка Топола | 1998–99[4] | Српска лига на Војводина | 14 | 8 | — | — | 14 | 8 | ||||
1999–2000[4] | Српска лига на Војводина | 28 | 28 | — | — | 28 | 28 | |||||
2000–01[4] | Српска лига на Војводина | 30 | 30 | — | — | 30 | 30 | |||||
2001–02[4] | Српска лига на Војводина | 4 | 2 | — | — | 4 | 2 | |||||
Вкупно | 76 | 68 | — | — | 76 | 68 | ||||||
Морнар | 2001–02[4] | Втора лига на СР Југославија | 23 | 15 | — | — | 23 | 15 | ||||
Колубара | 2002–03[4] | Српска лига на град Белград | 8 | 3 | — | — | 8 | 3 | ||||
Спартак од Суботица | 2002–03[4] | Српска лига на Војводина | 11 | 14 | — | — | 11 | 14 | ||||
Црвена ѕвезда од Белград | 2003–04[4][26] | Прва лига на Србија и Црна Гора | 28 | 18 | 3 | 2 | — | 5 | 6 | 36 | 26 | |
2004–05[4][128] | Прва лига на Србија и Црна Гора | 25 | 15 | 3 | 2 | — | 5 | 3 | 33 | 20 | ||
2005–06[4][129] | Прва лига на Србија и Црна Гора | 23 | 12 | 3 | 2 | — | 7 | 6 | 33 | 20 | ||
2006–07[4][130] | Српска Суперлига | 3 | 2 | 0 | 0 | — | 4 | 2 | 7 | 4 | ||
Вкупно | 79 | 47 | 9 | 6 | — | 21 | 17 | 109 | 70 | |||
Расинг од Сантандер | 2006–07[131] | Ла Лига | 32 | 11 | 1 | 0 | — | — | 33 | 11 | ||
Валенсија | 2007–08[51] | Ла Лига | 15 | 1 | 3 | 4 | — | 3 | 0 | 21 | 5 | |
2008–09[58] | Ла Лига | 0 | 0 | 2 | 1 | — | 3 | 2 | 5 | 3 | ||
2009–10[132] | Ла Лига | 13 | 4 | 4 | 3 | — | 9 | 2 | 26 | 9 | ||
Вкупно | 28 | 5 | 9 | 8 | — | 15 | 4 | 52 | 17 | |||
Расинг од Сантандер (како позајмен играч) | 2008–09[58] | Ла Лига | 19 | 13 | — | — | — | 19 | 13 | |||
Бирмингем Сити | 2010–11 | Премиер Лига | 25 | 5 | 2 | 0 | 7 | 3 | — | 34 | 8 | |
2011–12 | Чемпионшип | 35 | 11 | 1 | 0 | 1 | 0 | 6 | 1 | 43 | 12 | |
2012–13 | Чемпионшип | 35 | 9 | 1 | 0 | 0 | 0 | — | 36 | 9 | ||
2013–14 | Чемпионшип | 33 | 7 | 1 | 0 | 1 | 0 | — | 35 | 7 | ||
2014–15 | Чемпионшип | 9 | 0 | 2 | 0 | — | — | 11 | 0 | |||
Вкупно | 137 | 32 | 7 | 0 | 9 | 3 | 6 | 1 | 159 | 36 | ||
Вкупно во кариерата | 413 | 208 | 26 | 14 | 9 | 3 | 42 | 22 | 490 | 247 |
Репрезентација | Година | Натпревари | Голови |
---|---|---|---|
Србија и Црна Гора | 2004 година | 1 | 0 |
2005 година | 9 | 3 | |
2006 година | 3 | 1 | |
Србија | 2006 година | 6 | 3 |
2007 година | 7 | 4 | |
2008 година | 7 | 2 | |
2009 година | 8 | 3 | |
2010 година | 12 | 4 | |
2011 година | 4 | 0 | |
Вкупно | 57 | 20 |
Во колоните за оценки и резултати прво се наведени оценките на Србија и Црна Гора/Србија .[4]
Индивидулни признанија
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.