Шеќерна болест
From Wikipedia, the free encyclopedia
Шеќерна болест или дијабетес (лат. diabetes mellitus грч. διαβήτης) е хронично системско пореметување на метаболизмот,[2] кое се одликува со хипергликемија, т.е. трајно зголемување на нивото на гликоза во крвта. Генерално е условен од наследни фактори,[3] а настанува како последица на намалено излачување или намалено биолошко дејство на хормонот инсулин, односно во комбинација на овие два фактори.[4] Тој недостаток ја попречува размената на јаглехидрати, масти и белковини во организмот (што се манифестира со карактеристични тегоби), а по подолго време влијае и на структурата и функцијата на крвните садови, нервите и другите витални органи и органски системи.
Шеќерна болест | |
---|---|
Универзален син круг, симбол за дијабетес.[1] | |
Специјалност | Дијабетологија |
Дијабетесот денес се вбројува меѓу најчестите ендокринолошки заболувања, со тенденција на зголемен пораст (особено во развиените земји на светот).[5] Тоа е последица на модерниот стил на живот и зголемениот број на надворешни етиолошки предизвикувачи, меѓу кои посебно се издвојува претераниот вишок на килограми. Шеќерната болест најчесто се јавува во поодмината животна возраст како последица на општите дегенеративни и склеротични промени во организмот (кои го зафаќаат и панкреасот), а кај младите лица може да настане поради генетски пореметувања или оштетувања на панкреасот кај одредени заразни заболувања.[6]