Туризам
From Wikipedia, the free encyclopedia
Туризам (англиски: Tourism) е стопанска дејност, која вклучува патување за рекреација, одмор или бизнис цели. Светската туристичка организација ги дефинира туристите како луѓе кои „патуваат и остануваат во места надвор од нивната вообичаена околина повеќе од дваесет и четири (24) часа и не повеќе од една последователна година за одмор, бизнис и други цели кои не се поврзани со извршување активност исплатена во местото кое се посетува“.[3] Туризмот стана популарна глобална активност за одмор. Во 2007 г. имало над 903 милиони меѓународни туристички пристигнувања, со пораст од 6,6% во споредба со 2006 г. Меѓународните туристички приходи изнесувале 856 милијарди американски долари во 2007 г.[4]
И покрај несигурностите во глобалната економија, меѓународните туристички пристигнувања во текот на првите четири месеци од 2008 г. имале сличен растечки тренд како истиот период во 2007 г.[4] Меѓутоа, како последица на економската криза во 2008 г., меѓународната побарувачка за патување доживеала силно намалување кое почнало во јуни 2008 г., со паѓање на порастот на меѓународните туристички пристигнувања за 2% во текот на летните месеци, додека растот од јануари до април 2008 г. достигнал просечни 5,7% во споредба со нивото во 2007 г. Растот од 2006 до 2007 г. бил само 3,7%, бидејќи вкупните меѓународни туристички пристигнувања од јануари до август биле 641 милион туристи, повеќе од оние 618 милиони во истиот период во 2007 г.[5]
Туризмот е битен за многу земји, како Обединетите Арапски Емирати, Египет, Грција и Тајланд, и многу островски земји, како Бахамите, Фиџи, Малдивите и Сејшелите, како резултат на големиот прилив на пари од тргувањето со нивните стоки и услуги и можноста за вработување во услужните дејности поврзани со туризам. Овие услужни дејности опфаќаат услуги за транспорт, како воздухопловни компании, патување со брод и такси, услуги за сместување, кои опфаќаат хотели и одморалишта, и места за забава, како забавни паркови, казина, трговски центри, разни места за музика и театар.