Цијанобактерии
From Wikipedia, the free encyclopedia
Цијанобактериите (науч. Cyanobacteria), познати и како Cyanophyta, Cyanophyceae, Oxyphotobacteria — колено бактерии што ја добиваат својата енергија преку процесот на фотосинтеза, и се единствените фотосинтетски прокариоти кои создаваат кислород како спореден производ на овој процес.[2] Името „цијанобактерии“ доаѓа од нивната боја (грчки: κυανός, сино).[3][4] Во минатото биле познати како „сино-зелени алги“, но подоцна се преименувани во „цијанобактерии“ со цел да се избегне поимот „алги“, кој во современата употреба е ограничен само на еукариотски фотосинтетски организми.[5]
Цијанобактерии | |
---|---|
Anabaena spiroides | |
Научна класификација | |
Домен: | Bacteria |
Колено: | Cyanobacteria |
Класи и редови | |
Таксономијата е сѐ уште нецелосна.[1] |
За разлика од хетеротрофните бактерии, цијанобактериите обично се поголеми, немаат камшичиња, а имаат внатрешни мембрани во облик на плоснати вреќички наречени тилакоиди каде се одвива фотосинтезата.[6][7]
Фототрофните еукариоти вршат фотосинтеза во посебни органели наречени пластиди кои по потекло се ендосимбиотски цијанобактерии. Кај растенијата пластидите се диференцираат во повеќе типови со различна функција - хлоропласти, етиопласти и леукопласти.
Со создавањето и ослободувањето на кислород, цијанобактериите драматично го имаат променето хемискиот состав на Земјината атмосфера и океаните, кои за време на почетокот на животот биле некислородни редуцирачки. Овој настан во историјата на планетата Земја е познат како „Голема кислородна катастрофа“ или „’рѓосување на Земјата“.[8] Зголемувањето на нивото на слободен кислород довело до изумирање на огромен дел од тогашната анаеробна биосфера, но истовремено се создале услови за експанзија и еволуција на аеробните организми.