Фотосинтеза
From Wikipedia, the free encyclopedia
Фотосинтезата — процес во кој растенијата создаваат храна. Во него, од неоргански соединенија (јаглерод диоксид, вода и минерални соли), со помош на сончевата светлина и хлорофилот (кој го има само во растителните клетки) се синтетизираат органски соединенија (јаглехидрати, белковини, липиди итн.), кои се неопходни за исхраната на растението. Фотосинтезата се одвива само во зелените делови од растението, т.е. во оние клетки кои содржат хлоропласти во кои се наоѓа хлорофилот.
Првиот експеримент со фотосинтезата е дело на фламанскиот лекар и хемичар Јан Баптиста ван Хелмонт (1580-1644), кој се бавел и со алхемија и верувал дека и водата може да се претвори во нешто друго. За да го докаже тоа, тој го извел познатиот експеримент со дрвото со намера да докаже дека водата се претвора во дрво. Имено, во една саксија, тој посадил врбова садница и презицно ја измерил масата на саксијата, на земјата во неа и на садницата при што вкупната маса била 92,25 килограми. Потоа, во текот на пет години, редовно ја полевал садницата со дождовница. На крајот од експериментот, масата на саксијата, земјата и дрвото изнесувала 166 килограми, односно 73,75 килограми повеќе отколку на почетокот. Оттука, ван Хелмонт заклучил (погрешно) дека порастот на масата е резултат на претворањето на водата во дрво и во лисје. Се разбира, заклучокот на ван Хелмонт е погрешен, зашто порастот на масата е резултат на процесот на фотосинтеза со кој од водата и јаглерод диоксидот се образуваат најпрвин едноставни, а потоа и сложени јаглехидрати (целулоза). Меѓутоа, и покрај погрешниот заклучок, неговито експеримент е значаен, зашто е првиот што се однесува на процесот на фотосинтеза.[1]