From Wikipedia, the free encyclopedia
Либерализмот — идеологија, филозофско мислење и политичка традиција заснована на идеи како слободата и еднаквоста пред законот.[1][2][3] Либералите поддржуваат најразлични движења и идеи зависно од тоа како ги разбираат главните начела, но во главно ги поддржуваат следниве идеи: слободните пазари, слободната трговија, ограничената власт, граѓанските, политичките и човековите права, капитализмот, демократијата, секуларноста, родовата еднаквост, расната еднаквост, интернационализмот, слободата на говорот, слободата на медиумите и слободата на верата.[4][5][6][7][8][9][10] Жолтата боја најчесто се поврзува со либерализмот како политичко движење.[11][12][13]
Либерализмот се издвојува како своевидно движење во времето на просветителството, кога станува познато помеѓу западните философи и економисти. Главниот двигател зад идејата на либерализмот било да се заменат начелата за привилегијата за наследство, државната религија, апсолутната монархија, божественото право на кралевите и традиционалниот конзервативизам со посредната демократија и владеењето на правото. Либералите ставиле крај на меркантилистичките политики, кралските монополи и сите бариери за трговија, проповедајќи идеи за слободен пазар и слободна трговија.[14] Повеќемина сметаат дека философот Џон Лок е оној кој го издвојува либерализмот како засебна традиција, врз основа на општествениот договор, тврдејќи дека секој човек има природно право на живот, слобода и сопственост и владите не смеат да ги прекршат овие права.[15] Додека британската либерална традиција го нагласува ширењето на демократијата, францускиот либерализам го става фокусот на отфрлањето на авторитаризмот и е поврзан со национализмот.[16]
Лидерите во Славната револуција од 1688 година[17], Американската револуција од 1776 година и Француската револуција од 1789 година ја користеа либералната филозофија за да го оправдаат вооруженото уривање на кралската тиранија. Либерализмот започнува брзо да се шири особено по Француската револуција. Во XIX век се воспоставуваат либерални влади во државите низ цела Европа и Јужна Америка, додека во САД е воспоставена таква влада заедно со републиканството.[18] Во Викторијанска Британија, либерализмот се користел како критика на политичкиот естаблишмент, повикувајќи се на науката и разумот во име на народот.[19] Во текот на XIX и почетокот на XX век, либерализмот во Отоманската империја и Блискиот Исток мотивира периоди на реформи како што се Танзимат и Ал-Нахда, како и на подемот на конституционализмот, национализмот и секуларизмот. Овие промени, заедно со другите фактори, помогнале да се создаде чувство на криза во исламот, која продолжува до ден-денес, што доведува до исламска преродба. Пред 1920 година, главните идеолошки противници на либерализмот биле комунизмот, конзервативизмот и социјализмот,[20] но тогаш либерализмот се соочува со поголеми идеолошки предизвици од фашизмот и марксизам-ленинизмот како нови противници. Во текот на XX век, либералните идеи се рашируваат уште повеќе, особено во Западна Европа, бидејќи либералните демократии се најдоа на победничката страна во двете светски војни.[21]
Во Европа и Северна Америка, воспоставувањето на социјалниот либерализам (широкот познат едноставно како либерализам) стана клучна компонента во ширењето на социјалната држава.[22] Денес, либералните партии продолжуваат да имаат моќ и влијание низ целиот свет. Основните елементи на современото општество имаат либерални корени. Раните бранови на либерализам го популаризираа економскиот индивидуализам при проширување на уставната влада и парламентарните овластувања.[14] Либералите бараа и воспоставија уставен поредок кој ги цени важните поединечни слободи, како што се слободата на говорот и слободата на здружување; независно судство и јавно судење од порота; и укинување на аристократските привилегии.[14] Подоцнежните бранови на модерната либерална мисла и борба беа под силно влијание на потребата од проширување на граѓанските права.[23] Либералите се залагаа за родова и расна еднаквост во нивната намера да ги промовираат граѓанските права и глобалното движење за граѓански права во 20 век постигна неколку цели кон обете цели. Другите цели што често ги прифаќаат либералите вклучуваат универзално право на глас и универзален пристап до образование.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.