Remove ads
From Wikipedia, the free encyclopedia
Монопол — облик на пазарна структура, т.е. крајна форма на непотполна или ограничена конкуренција на пазарот во која вкупното производство и вкупната понуда на секторот ја создава едно претпријатие — монополист. Притоа, монопол постои кога едно лице има моќ да го одреди или количеството што го нуди или цената по која го нуди производот.[1]
Наспроти состојбата на совршена конкуренција, каде што производството и понудата на одделен производ ги создваат голем број мали фирми, стои состојбата на монопол. Совршената конкуренција и монополот, според тоа, се екстреми во морфологијата на пазарните структури, кои релативно малку се застапени во реалниот економски живот. Монополот е форма на непотполна конкуренција која, исто така, ги опфака и следниве пазарни структури: Олигопол (состојба на неколку продавачи и многу купувачи) и монополистичка конкуренција. Монополот има силно влијание врз цената на производот. Овој тип на пазарна структура, во основа, е присутен во стопанската инфраструктура - железницата, телекомуникациите, ПТТ-услугите и слично.
За да постои класичен монопол трба да се исполнат две претпоставки:
Главни одлики во монополот се:
Пречките за влез во секторот во кој делува монополот може да бидат од различна природа:
Во отсуство на договор меѓу производителите, монопол може да настане само ако производот што го нуди една фирма значително се разликува од производите на другите фирми, т.е. вкрстената еластичност на побарувачката за прозиводот на монополот во однос на цената на сите други производи е мала. Оттука, монополот се јавува ако за неговиот производ нема доволно добри супститути, т.е. моќта на монополот да ја одредува цената на својот производ зависи од бројот на другите производи кои слуѓат како супститути и до тоа дали тие се блиски супститути.[2]
Погрешно е тврдењето според кое монополот настојува да продава по највисока цена. Исто така, не е точно дека монополот ќе произведува колку што е неговиот капацитет. Тој настојува да го изнајде најсоодветниот компромис помеѓу количината и цената, односно монополот никогаш нема да произведе и продаде толку производи колку што изнесува неговиот капацитет. Кај монополот постои тенденција вештачки да го ограничува производството за да се постигне повисока цена и повисок вкупен приход, а со тоа и повисок профит. Но, овој факт покажува дека монополот нерационално ги користи расположливите ресурси, што од аспект на општеството претставува загуба. Ова упатува на штетноста од постоењето на монополот и дава одговор на прашањето, зошто луѓето (потрошувачите) се противат на монополите и зошто современите влади ги регулираат монополите.
Монопсонот претставува монопол на страната на купувачите, т.е. пазарна структура во која постои само еден купувач кој има моќ да влијае врз цената на производните фактори. Монопсонот се соочува со растечка крива на понудата на фирмите-продавачи, а цените на таа крива ги претставуваат просечните трошоци на монопсонот. Притоа, маргиналниот трошок (MC) на монопсонот ја има следнава форма:[3]
MC = p(1 + 1⁄η)
каде: p е пазарната цена, а η е еластичноста на побарувачката.
Бидејќи има моќ да ја контролира цената на производните фактори, монопсонот произведува со понаква комбинација на ресурсите во споредба со конкурентскиот пазар, т.е. неговите криви на трошоците се разликуваат од оние во совршена конкуренција. Имено, монопсонот ги комбинира факторите на производството според следново правило:[4]
маргиналниот производ на факторот А⁄маргиналниот трошок на факторот А = маргиналниот производ на факторот Б⁄маргиналниот трошок на факторот Б
Според ова правило, монопсонот ќе ги замени производните фактори со нееластична понуда, т.е. производни фактори чии цени растат брзо со промена на купеното количество со производни фактори кои се одликуваат со еластична понуда (нивните цени слабо реагираат на обемот на купеното количество).[4]
Билатерален монопол постои ако постои една фирма-продавач и една фирма-купувач, т.е. комбинација на монопол и монопсон. Во тој случај, кривата на понудата на продавачот (монополот) ја претставува кривата на просечните трошоци на купувачот (монопсонот). Притоа, и монополот и понопсонот го максимизираат профитот на она ниво на производството каде неговиот маргинален приход се изедначува со неговиот маргинален трошок. Бидејќи маргиналните приходи и маргиналните трошоци на монополот и монопсонот се различни, во услови на билатерален монопол не постои рамнотежна цена која би ја изедначила понудата и побарувачката, т.е. пазарната цена е неопределена (price indeterminacy). Поради тоа, билатералниот монопол е нестабилна пазарна структура.[5]
Во основа, и монополот го применува истото правило за максимизирање на профитот. Меѓутоа, бидејќи неговото производство има влијание врз пазарната цена (тој не се соочува со дадена пазарна цена), односно се соочува со опаѓачка крива на побарувачката (таа има негативен након), неговиот маргиналниот приход на монополот е понизок од пазарната цена. Притоа, маргиналниот приход (MR) зависи од еластичноста на побарувачката:[6]
MR = p(1 + 1⁄η)
каде: p е пазарната цена, а η е еластичноста на побарувачката.
Соочен со дадена крива на побарувачката и при дадени трошоци на производството кои ја определуваат неговата крива на понудата, монополот ќе го избере она количество кое, помножено по продажната цена, ќе обезбеди најголем можен профит. Притоа, точката на максимизирање на монополскиот профит е утврдена на нивото на кое се остварува најголема разлика меѓу цената на побарувачката и цената на понудата. Оттука, иако може да произведе поголемо количество од производот, монополот го ограничува понуденото количество на нивото кое му обезбедува максимален профит, а тоа создава економска неефикасност.[7][8]
Бидејќи монополистот го ограничува производството или ја одредува цената на нивото кое му обезбедува максимален профит, се смета дека монополот секогаш произведува помало количество и одредува повисока цена во споредба со состојбата на конкуренција. Меѓутоа, според Алфред Маршал, тоа не мора да биде точно, зашто монополистот има поголеми можности да ги искористи економиите на обемот и да избегне некои трошоци кои би се појавиле ако производството го произведуваат повеќе претпријатија (на пример, трошоците за маркетинг). Поради тоа, цената на монополистот може да биде утврдена на пониско ниво во споредба со цената што би се формирала во услови на конкуренција.[9] Во продолжение, монополистот може намерно да одреди пониска цена и да жртвува дел од тековниот профит со намера да го прошири бизнисот во иднина, т.е. да привлече повеќе купувачи во иднина. На пример, железницата може да наплатува пониска цена на превозот до некое место со цел да ги стимулира луѓето и претприемачите да се населат и да инвестираат во тоа место, што ќе го зголеми идниот бизнис на железницата. На тој начин, иако не се раководи од филантропски туку од себични мотиви, монополот може да го зголеми потрошувачкиот вишок.[10]
Доколку државата воведе данок изразен како процент од монополскиот профит или како фиксен износ независен од обемот на производството, тоа нема да има никаков ефект врз точката на максимизација на монополскиот профит, т.е. монополот ќе продолжи да го произведува она количество кое му обезбедува максимален профит. Меѓутоа, ако државата воведе данок на произведеното количество, тоа ќе го стимулира монополистот да го намали производството и да ја зголеми цената, т.е. ќе доведе до нова точка на максимизација на профитот при пониско производство и повисока цена; од друга страна, воведувањето субвенција на обемот на производство ќе предизвика спротивни ефекти, т.е. монополистот ќе го зголеми производството и ќе ја намали цената поместувајќи кон на нова точка на максимизација на профитот.[11]
Ако постојат монополи во производството на два комплементарни производа, тогаш секој од нив посебно ќе настојува да го максимизира својот профит и нивната стратегиска борба може да резултира во помало количество на крајниот прозивод и во повисока продажна цена. Поради тоа, набљудувано од општетсвен аспект, подобро е двата монопола да се спојат, т.е. еден монопол да го контролира производството на двата комплементарни производа, зашто тоа ќе доведе до поголемо производство и пониска цена (поголем потрошувачки вишок). Меѓутоа, бидејќи ниту еден монопол не е апсолутен, зашто со текот на времето се појавуваат нови производи кои се супститути на монополскиот производ, решението за спојување на овие монополи е штетно на долг рок, зашто ги намалува можностите за појава на нови конкуренти кои навлегуваат на монополскиот пазар.[12]
Во 2017 година, регулаторните тела на ЕУ го казниле „Гугл“ со казна од 2,42 милијарди евра за кршење на антимонополските правила, затоа што „Гугл“ ја злоупотребил својата доминација на пазарот како пребарувач. Тоа била највисоката казна за монополско однесување изречена во ЕУ, надминувајќи ја казната од 1,06 милијарди евра изречена на „Интел“ во 2009 година.[13]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.