Кредитен рејтинг
From Wikipedia, the free encyclopedia
Кредитен рејтинг (англиски: Credit Rating) претставува вреднување на кредитоспособноста на должникот да го отплаќа својот долг, односно оценка на бонитетот, со помош на утврдени симболи, а предмет на оценка може да биде претпријатие, банка, осигурително друштво, многу други профитни и непрофитни организации и државата.
Основна задача на кредитниот рејтинг е намалување на асиметричните информации помеѓу инвеститиорите и издавачот на хартиите од вредност. Тој игра значајна улога во економската политика и инвестициските одлуки, и речиси е невозможно да се позајмува капитал на финансиските пазари без кредитобарателот да има одреден кредитен рејтинг.
Кредитниот рејтинг го определуваат специјализирани компании наречени агенции за кредитен рејтинг. Тие имаат пристап до привилегирани информации, врз основа на кои формираат независна и објективна проценка на способноста на должникот да го врати долгот. Нискиот кредитен рејтинг означува дека кај деловниот ентитет или држава постои висок ризик за неисполнување на обврските кон доверителите, додека високиот кредитен рејтинг е знак за должник кој може навремено да си ги отплаќа своите долгови.
Постојат краткорочни и долгорочни кредитни рејтинзи. Краткорочниот рејтинг се однесува на кредитоспособноста на должникот за исполнување на обврските во рок од една година, додека долгорочниот се однесува за период подолг од една година.