Долно Барбарево
село во Општина Пробиштип From Wikipedia, the free encyclopedia
село во Општина Пробиштип From Wikipedia, the free encyclopedia
Долно Барбарево — село во Општина Пробиштип, во Злетовско-пробиштипскиот регион, во околината на градот Пробиштип.
Долно Барбарево | |
Воздушен поглед на селото Долно Барбарево | |
Координати 42°00′00″N 22°07′30″E | |
Регион | Источен |
Општина | Пробиштип |
Население | 4 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 2210 |
Повик. бр. | 032 |
Шифра на КО | 21010 |
Надм. вис. | 580-620 м |
Долно Барбарево на општинската карта Атарот на Долно Барбарево во рамките на општината | |
Долно Барбарево на Ризницата |
Селото се наоѓа во крајниот северозападен дел на територијата на Општина Пробиштип, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Свети Николе.[2] Селото е ридско, на надморска височина од 620 метри.[2]
До селото се стигнува преку регионалниот пат 1205, преку исклучување во самиот град Пробиштип, а потоа патот продолжува преку селата Плешенци, Долни, Горни Стубол и Горно Барбарево. Од селото Горно Барбарево, патот продолжува како земјен пат.
Долно Барбарево е сместено на тромеѓето помеѓу Пробиштипската, Кратовската и Светиниколската општина, а покрај јужното подножје на еруптивната планинска верига Плавица—Црни Врв.
Селото е сместено на силно еродиран терен во изворниот дел на реката Белошица, а недалеку од некогашниот Секулички Превој, преку кој во минатото минувал караванскиот пат Стоби-Пауталија, односно денешен Ќустендил.
Долно Барбарево е сместено спроти Горно Барбарево на источните падини на ридот Големо Брдо (770 м.). Други околни ридови се: Струга, Големо Брдо, Ковиљ, Мици Габер и други.
До ослободувањето, Горно и Долно Барбарево биле едно село во кои се разликуваа следниве две големи маала: Шуке Маало, или Големо Барбарево, сместено од левата страна на Белошица, и Амбар Маало, или Мало Барбарево, сместено од десната страна на реката на околу 1,5 км растојание од првото маало. По ослободувањето, Шуке Маало е прогласено за село Горно Барбарево, а Амбар Маало за село Долно Барбарево.
Народното предание Барбарево го смета за многу старо село. Дека во неговиот простор постоела населба уште во многу далечпото минато сведочи фактот што на конусниот рид Градиште се сочувани остатоци од старовремската тврдина, за која А. Керамидчиев смета дека потекнува уште од времето на Римјаните. Карактеристично е името на ова село, кое несомнено потекнува од грчкиот збор „варварис“ од што може да се заклучи дека го основале Варвари, односно Словени, (како што Византијците ги нарекувале) при своето доселување во оваа област. Преданието вели дека во средниот век Барбарево се наоѓало во месноста Селиште и дека тогаш неговите жители биле мадемџии (рудари) и работеле во рудниците на преседлината Џгури. На денешното место тоа било преместено за време на некое безредие (веројатно за време на Карпошовото востание). И по преместувањето на селото барбаревци не било претворени во чифчии, туку останале раети — мадемџии и доганџии.
Ова село, како и Горно Барбарево, се состои од повеќе родовски маала што едно од друго се оддалечени 50—100 метри. Во некои маала, веднаш до куќите, се наоѓаат градини засадени со зеленчук и овошки.
Атарот на селото зафаќа простор од 11,2 км2, при што преовладуваат пасиштата со површина од 628,3 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 347,3 хектари, а на шумите само 88,9 хектари.[2]
Во основа, може да се каже дека селото има полјоделско-сточарска функција.[2]
Долно Барбарево, како составен дел на некогашното единствено село Барбарево, во минатото било раетско село чии жители имале обврски да работат во кратовските рудници. По ослободувањето од тие обврски било засилено овчарството за која сточарска гранка има поволни природни услови во просторот на селото. За време на предвоена Југославија неговите жители својот опстанок во прв ред го засновале на овчарството. По ослободувањето, бројот на овците значително е намален. Говедарството се заснова на одгледување оратни волови чиј број околу седумпати е поголем од бројот на кравите. Свињогојството и живинарството сосема слабо се застапени.
Во ова село, како и во Г. Барбарево ниедно домаќинство немало плуг, туку земјата се обработувала на традиционален начин — со дрвено рало. Најголем дел од површината под ниви се села со пченка, јачмен и пченица, додека производството на ’рж, суршка и овес е незначително. Скоро 1/3 од обработливата површина се користела за производство на граор и уров. За производство на индустриски култури (сончоглед, тутун, памук и афион) се користела околу 1/12 од обработливата површина. Одгледувањето на градинарски култури, особено бостан, грав и компири) релативно добро била застапено, a овоштарството и лозарството многу слабо.
Денес стопанството е сведено на најниска граница, обработливите земјоделски површини се претворени во пасишта, а градинарските, индустриските култури, лозарството и овоштарството воопшто не се застапени.
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Барбарево (Горно и Долно) живееле 780 жители, сите Македонци.[3] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Барбарево (Горно и Долно) имало 848 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[4]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 150 Македонци.[5]
Во 1961 година селото броело 335 жители, а во 1994 година само 20 жители, македонско население.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Долно Барбарево живееле 11 жители, сите Македонци.[6]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 4 жители, сите Македонци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 780 | 848 | 369 | 390 | 335 | 203 | 59 | 34 | 20 | 11 | 4 |
Долно Барбарево е македонско село.[11]
Според истражувањата од 1970-тите, родови во селото се:
Кон крајот на XIX век, Долно Барбарево било село во Кратовската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Пробиштип, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година, при што биле споени поранешните општини, Пробиштип и Злетово. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Пробиштип.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Пробиштип. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Пробиштип.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Немањици, во која покрај селото Долно Барбарево, се наоѓале и селата Арбасанци, Горно Барбарево, Макреш, Мечкуевци, Немањици, Орел, Патетино, Равници и Стануловци. Некогашната општина Немањици постоела и во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Горно Барбарево, Долно Барбарево, Макреш, Немањици и Орел.
Во селото постои избирачкото место бр. 1563 според Државната изборна комисија, сместено во простории на приватна куќа.[12]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 2 гласачи.[13] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 2 гласачи.[14]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.