From Wikipedia, the free encyclopedia
„Доктор Живаго“ е роман на рускиот писател Борис Пастернак, првпат објавен во 1957 година. Романот е насловен според главниот лик, лекарот Јуриј Живагo. Зборот „живаго“ го има истиот корен со зборот „живот“ (жизнь), кој, воедно, е една од најголемите и најважните теми во романот. Во него се раскажува за еден човек кој е распнат помеѓу две жени, за неговата работа за време на Руската револуција и за време на Руската граѓанска војна. Уште подлабоко, овој роман зборува за маките на поединецот кој животот, отсекогаш го знаел како драматична борба помеѓу две сили кои се надвор од неговата контрола. „Доктор Живаго“ е еден од најпознатите политички романи во 20 век.
Во романот се појавуваат поголем број ликови, како:[18]
Иако содржи делови који се напишани во 1910 и 1920 година, „Доктор Живаго“ не бил завршен сè до 1956 година, кога Борис Пастернак го дал на увид на весникот Новиј мир. Весникот одбил да го објави поради Пастернаковите политички ставови кои не биле прифатливи во Советскиот Сојуз. Имено, како и самиот главен лик, авторот повеќе се грижел за благосостојбата на поединецот, наместо за благосостојбата на општеството, поради што советските цензори го прогласиле делото за антимарксистичко, затоа што во него има имплицинтни критики на затворските логори. Во 1957 година, италијанскиот издавач Џанџакомо Фелтрин го копирал ракописот на романот од СССР, па истовремено го објавил во две изданија, прво на руски, а потоа и на италијански јазик во својата издавачка куќа „Фелтринели“ во Милано. Следната година, романот бил објавен и на англиски јазик, а потоа уште на осумнаесет јазици. За популарноста на романот придонесол и фактот дека на Борис Пастернак му била доделена Нобеловата награда за литература во 1958 година. Романот бил објавен во Советскиот Сојуз во 1988 година, и тоа на страниците на весникот „Новиј мир“.
„Доктор Живаго“ е првото подолго прозно дело на Пастернак и во него тој значително ги изменил својата книжевна постапка и израз. За разлика од неговата рана проза која се одликува со субјективно есеистичка ориентација, во овој роман доминира стремежот кон поголема објективност, односно тој се вратил на традиционалниот стил на раскажување, прикажувајќи го животниот пат на еден човек од смртта на мајка му во 1905 година до неговата смрт во 1929 година (со епилог за некои подоцнежни настани). Во позадината на оваа животна приказна се прикажани главните историски настани во Русија: револуцијата од 1905 година, Првата светска војна, Октомвриската револуција, почетокот на изградбата на социјализмот и Сталиновата епоха. Притоа, јадрото на романот го сочинуваат љубовта и слободата: иако д-р Живаго општествено пропаѓа прилично рано, а потоа и умира, сепак неговата ќерка од врската со Лара го продолжува неговото физичко наследство, а книгите го претставуваат неговото духовно наследство. Така, Пастернак ја изложува идејата за уметноста како еден од најважните облици на создавањето трајни духовни вредности и како најскапоцениот начин на човековот траење и достигнување на вечноста. Уште повеќе, во романот доминира идејата за човековата слобода и можноста за нејзиното остварување. Во романот се испитува дали поединецот, соочен со страшните тоталитарни околности, успева да ја сочува индивидуалноста во себе. За разлика од егзистенцијалистите, Пастренак не се задржува само на апсурдноста и парадоксалноста на растојанието меѓу животните услови и личната слобода, туку пее химна за големата човекова победа, за имунитетот на личноста. Според него, во човекот постојат длабоки, внатрешни сили кои успеваат да го ослободат од општетсвениот детерминизам. Во продолжение, Пастернак ја изложува идејата за љубовта како првата човекова судбина, фаталност од најголемите длабочини на битието, како сила која овозможува максимална хармонија во животот; љубовта е најважниот начин на стекнување на слободата, овозможена од делувањето на вечните, природни сили во човекот. На тој начин, во романот Пастернак го искажува своето старо верување за природната перспектива на човекот, кое е застапено уште во неговото автобиографско дело „Заштитна повелба“. Човекот е такво природно суштество кое со сите искуства стреми кон целосно проживување на сопствената индивидуалност, а на врвот од тоа движење, тој успева да се слее со надиндивидуалното, со општиот тек на нештата. Оттука, индивидуалноста не е цел, туку само средство, а ослободувањето се состои во „враќањето“ на човекот кон својата природа. Во таа смисла, романот содржи модерна варијанта на романтичарската „филозофија“, т.е. порака која ги поврзува Русоовата и Хегеловата теорија на отуѓувањето со Блоковите сфаќања. Тука има и остатоци на христијанството, како што е основната идеја за враќањето на човекот кон својата суштина која личи на христијанскиот мит за враќањето во изгубениот рај. Исто така, во романот има и непосредно, отворено христијанство од толстоевски тип, но тоа е повеќе декларативно, отколку литерарно. Уште повеќе, некои книжевни критичари сметаат дека романот претставува библиска парабола.[19]
Непосредно по појавата на романот, поголем број критичари го пречекале со воодушевување, нарекувајќи го „доцен плод на големата класична раскажувачка традиција“, кој „го евоцира целото руско искуство во текот на последните педесет години“ и претставува „клучна книга не само на подерна Русија, туку и на целиот наш противречен и страсен век“. Книгата се одликува со оригиналност и уметничко мајсторство и содржи блескави и неповторливи пасажи во која објективноста е секогаш лирска, а рационалноста е стопена со поезијата. Во романот, Пастернак го изменил својот стар метод — комбинирањето на метафората (поетската слика) со коментарот (дискурзивната расправа) и применува поголема рационалност, при што метафората е збогатена, по цена на претерана барокна раскошност, додека коментарот е исчистен од филозофската заматеност, губејќи дел од свежината, но добивајќи на едноставноста. Сепак, таквата поразвиена книжевна постапка во принцип го зачувува изворното значење на поетската слика. На крајот од романот, како додаток, се ставени „Песните на Јуриј Живаго“ кои претставуваат или поетска надградба на некои моменти од животот на Живаго или се однесуваат на некои слободни теми.[20]
Според Света Лукиќ, набљудуван во целост, романот зазема видно место во светската книжевност и има непроценливо значење за руската книжевност, зашто Пастернак ја продолжува традицијата на слободоумната, оригинална расправа за централните проблеми на човекот и на општеството. Сепак, романот има и некои недостатоци, кои првенствено се изразени во отсуството на кохерентност. На пример, некои места кои се однесуваат на љубовта и на слободата (првата средба на Јура и Лара во младоста, нивната средба на фронтот, сцената со Лара и мртвиот Живаго итн.) се маркантни во книжевна смисла, но не се подреднеи на целината и не го држат јадрото на романот. Истиот впечаток се добива и со тоа што бројни други фрагменти се надвор од главниот тек на книгата, како: детството на Гордон, првата љубов на Дудоров, средбата со глувонемиот човек, младиот селски кретен Галузин, претераните описи на природата и на физичката работа со која се бави Живаго итн. Со овие фрагменти, центарот на романот постојано се поместува настрана од она место каде би требало да биде. Исто така, главните ликови во романот, кои се паметни но невитални, повеќе лимфатични отколку несреќни, не оставаат секогаш впечаток дека се длабоко зафатени и погодени од крупните историски настани што се случуваат околу нив, а кога се, тие не им се спротивставуваат. Најчесто, тие вегетираат во ламентации, во жалење за минатото и декадентски, лесно и брзо се претопуваат во минливоста, заборавот или смртта. Од техничка гледна точка, книжевниот израз на Пастернак се колеба меѓу автентичната метафора, вообичаената прозна нарација и есеистичкиот коментар при што понекогаш овие средства се судираат меѓусебно како различни ракописи. Навистина, планот на книгата е целосен, складен, затворен и строг како да е правен според некој геометриски систем, но е недокажан и авторот не успева секогаш да ги направи убедливи оние неколку среќни околности кои ги спојуваат главните ликови — Живаго и Лара. Понекогаш, Пастернак запаѓа во сентименталност, па дури на границата на кичот, а во последните глави се спушта на нивото на социјалистичкиот реализам. Романот е напишан поетски каприциозно и претставува еден вид антологија на убавите фрагменти од творештвото на Пастернак, кој прави лирски ексцеси и на местата каде што тие не се неизбежни, останувајќи претерано дискретен таму каде што е потребна поголема експликација. Оттука, романот делува невоедначено, како дел на значаен, но веќе уморен писател.[21]
Врз основа на романот се снимени неколку филмски верзии, а најпознат е истоимениот филм од 1965 година во режија на Дејвид Лин.[22]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.