Генетика
From Wikipedia, the free encyclopedia
Генетика (од старогрчки: γενετικός генетикос, „да роди“ и од γένεσις генезис, „потекло“)[1][2][3] или наследознание — гранка на биологијата што се занимава со проучување на гените, наследноста и варијацијата кај живите организми.[4][5]
Генетиката се справува со прашања какви што се молекуларната градба и функција на гените, однесувањето на гените во контекст на клетка или организам (на пример, доминантност и епигенетика), закономерностите на наследување од родителите до потомството, како и генската распределба, варијација и промена во популациите. Поради тоа што гените се универзални за сите живи организми, генетиката може да се користи за проучување на сите живи системи, од вируси до бактерии, преку растенијата и домашните животни, до човекот (како што е во медицинската генетика).
Фактот што живите суштества наследуваат белези од нивните родители е користен уште од праисториските времиња за да се подобрат земјоделските растенија и животни по пат на селективно размножување. Меѓутоа, современата наука генетика, која се обидува да го сфати процесот на наследување, е зачната со работата на Грегор Мендел во средината на XIX век.[6] Иако тој не ја познавал физичката основа на наследноста, Мендел воочил дека организмите наследуваат белези преку дискретни единици на наследувањето кои денес се нарекуваат гени.
Гените соодветствуваат на подрачја во рамките на ДНК, молекула составена од ланец од четири различни видови на нуклеотиди — последователноста (низата) од овие нуклеотиди е генетската информација која организмите ја наследуваат. Природно ДНК се среќава во двонишковидна форма, при што нуклеотидите на секоја нишка се комплементарни еден со друг. Секоја нишка може да биде шаблон за создавање на нова партнерска нишка. Ова е физичкиот метод за создавање копии од гени кои можат да се наследат.
Низата од нуклеотиди во еден ген се транслира (преведува) од страна на клетките при што се добива ланец од аминокиселини кои создаваат белковини — редоследот на аминокиселините во една белковина соодветствува на редоследот на нуклеотиди во генот. Врската меѓу нуклеотидната низа и аминокиселинската низа е позната како генетски код. Аминокиселините во белковината одредуваат на кој начин таа ќе се извие во тридимензионален облик; а од своја страна, оваа структура е одговорна за функцијата на белковината. Белковините ги имаат речиси сите функции потребни на клетката за нејзиниот опстанок. Промена на ДНК во генот може да ги измени аминокиселините на белковината, со што се менува нејзиниот облик и функција: ова може да има драматичен ефект на клетката и на организмот во целост.
Иако генетиката игра голема улога во изгледот и однесувањето на организмите, всушност комбинацијата од генетика и она што организмот го искусува во текот на животот е одлучувачко за крајниот исход. На пример, додека гените имаат улога во одредувањето на големината на организмот, исхраната и здравјето со кои е соочен истиот по зачнувањето имаат исто така големо влијание.