![cover image](https://wikiwandv2-19431.kxcdn.com/_next/image?url=https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/e/eb/Vicunacrop.jpg/640px-Vicunacrop.jpg&w=640&q=50)
Викуња
From Wikipedia, the free encyclopedia
Викуња (шпан. vicuña, науч. Vicugna vicugna) — еден од двата претставника на семејството камили (Camelidae) во Јужна Америка (заедно со гванакото) што живее во високите предели на Андите. Таа е сродник на ламата и дели заеднички предок со алпаката. Обете се одгледуваат претежно за волната. Викуњата дава само мало количество волна, но истата е крајно фина и многу скапа бидејќи животното се стриже на секои 3 години и мора да се фати во дивина. Кога ќе се сплете, волната е многу мека и топла. Инките високо го ценеле ова животно поради предивото, од кое се правела облека која по закон смееле да ја носат само членовите на кралското семејство.
Викуња | |
---|---|
![]() | |
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Колено: | Хордати |
Класа: | Цицачи |
Ред: | Парнокопитни |
Семејство: | Камили |
Род: | Викуњи |
Вид: | Викуња |
Научен назив | |
Vicugna vicugna (Molina, 1782) | |
Во поново време дошло до драстично намалување на нивната бројност, и оваа состојба траела сè додека викуњата не била прогласена за загрозен вид (1974), кога опстојувале само 6.000 единки. Благодарение на заштитата, денес ги има околу 350.000,[1] и не се сметаат за загрозени, но и понатаму се под заштита за да се спречи нивното бесправно ловење, губиток на живеалиштето и други закани.
Викуњата е национално животно на Перу и стои на државниот грб како претставник на животинското царство.