![cover image](https://wikiwandv2-19431.kxcdn.com/_next/image?url=https://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/3/3d/Anvil_shaped_cumulus_panorama.jpg/640px-Anvil_shaped_cumulus_panorama.jpg&w=640&q=50)
Ала
From Wikipedia, the free encyclopedia
Ала или хала (множина: али, але или хали) — митско суштество кое се јавува во македонскиот, српскиот и бугарскиот фолклор. Алите се сметаат за демони на невремето чија главна цел е да ги водат облаците што носат град кон нивите, лозјата или овоштарниците со цел да ги уништат или украдат плодовите. Алите се мошне алчни и особено сакаат да јадат деца, иако нивната лакомост не е ограничена само на земјата. Се верува дека со нивните обиди да ги изедат сонцето и месечината го предизвикуваат затемнувањето на овие небесни тела. Доколку успеат, тоа би значело крај на светот. Кога човек ќе се сретне со алата, неговото ментално или физичко здравје, па дури и животот му е изложен на опасност. Меѓутоа, човекот може да ја добие нејзината благонаклоност доколку ѝ пристапи со почит и доверба. Добрите односи со алата се навистина корисни, бидејќи таа ги збогатува нејзините љубимци и им помага кога се во неволја.
![Thumb image](http://upload.wikimedia.org/wikipedia/commons/thumb/3/3d/Anvil_shaped_cumulus_panorama.jpg/640px-Anvil_shaped_cumulus_panorama.jpg)
На некои места од фолклорните записи алите се често нејасно опишани и постојат доста разлики во описите. Алата може да е претставена како црн ветер, огромно суштество со неодреден облик, чудовиште со огромна уста во облик на човек или змија, жена-змеј, гавран, итн. Во одредени описи, алите можат да се преобразат во човек или животно, па можат дури и да го опседнат човековото тело. Овие разлики најверојатно се должат на фактот дека алата е синтеза помеѓу словенскиот демон на невремето и сличен демон на пред-словенското население кое живеело во централниот дел на Балканот.[1] Во народните приказни каде што алата е претставена како човек, нејзината личност е неверојатно слична на руската Баба Јага. Се смета дека алите живеат во облаците или пак во езерата, изворите, таинствените далечни места, шумите, ненаселените планински места, пештерите или големите дрва.[2] Алите често се непријатели со луѓето, но и тие имаат моќни непријатели кои можат да ги уништат, а тоа се пред сè змејовите. Во приказните со христијанско влијание, Св. Илија ѝ е непријател на алата. Меѓутоа, според некои верувања, св. Илија и змејот заедно се борат против алата. Орлите исто така се сметаат за заштитници од алите. Тие ги бркаат од нивите, со што го спречуваат уништувањето на плодовите.