македонска глумица From Wikipedia, the free encyclopedia
Јелена Јованова Периќ (Бања Лука, 21 октомври 1984 ) — македонска театарска, филмска и телевизиска глумица. Таа е една од најталентираните и најнаградувани македонски глумици од помладата генерација.
Јелена Јованова Периќ | ||
Родена | 21 октомври 1984 Бања Лука, СР Босна и Херцеговина, СФРЈ | |
---|---|---|
Националност | Македонка | |
Народност | Македонка | |
Позната | по улогите во: Преспав На терапија | |
Занимање | глумица | |
Сопружник | Стјепан Периќ | |
Деца | 2 |
Јелена Јованова е родена во Бања Лука на 21 октомври 1984 година. Нејзиниот татко е Македонец од Штип, а мајка ѝ е Србинка од Приедор. Таа има постар брат кој работи како новинар. Нејзините родители се запознале и долго време пред нејзиното раѓање живееле во Загреб, каде што е роден нејзиниот брат, но подоцна решиле да се преселат во Штип. Покажала големи склоности кон уметноста уште на рани години, а започнала со глума во средношколските денови.[1]
Во 2002 година ја добила наградата за надежен млад глумец во Македонија на Драмскиот аматерски фестивал во Кочани за улогата на Кристина во „Дупло дно“ од Горан Стефановски. Се запишала на Факултетот за драмски уметности во Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, каде што дипломирала на отсекот за глумечка игра во класата на професорот Владо Цветановски во 2007 година.[2]
Јелена првите театарски улоги ги добила уште како студент, а во тој период особено се прославила како Бисера во „Демонот од Дебар маало“ од Горан Стефановски.[3] Оттогаш, одиграла бројни улоги во театарски претстави поставени во Народниот театар во Штип, Драмскиот театар во Скопје и Македонскиот народен театар.[1] Меѓу позначајните се издвојуваат оние на Хани во „Кој се плаши од Вирџинија Вулф?“ од Едвард Олби;[4][5] на Хасанагница во театарската адаптација од Љубомир Симовиќ на истоимената епска песна;[6] како и на Рокси Харт во мјузиклот „Чикаго“ од Фред Еб и Боб Фоси,[7] којшто го означил враќањето на овој жанр на театарското поприште во Македонија.[8] Од 2009 година работи во Македонскиот народен театар.[2]
Во филмската уметност, Јелена се пробила со улогата на Јасмина во ирскиот филм номиниран за Оскар за најдобар странски филм „Како да ме нема“ во режија на Хуанита Вилсон од 2010 година,[9] а веќе следната година ја добила улогата на Есма во режисерскиот првенец на Анџелина Џоли „Во земјата на крвта и медот“ и со тоа станала најмлада глумица од Македонија која настапила во холивудски филм.[1] Подоцна, се појавила во главната улога на Јована во првиот македонски филмски мјузикл „Црно и бело“,[10] го толкувала ликот на Вера во шпанскиот филм „El desentierro“,[11] а во ликот на Светлана глумела во српскиот детски филм „Ловци на вештерки“.[12]
Телевизиската кариера ја започнала со надсинхронизација на цртани филмови, телевизиски и радиски реклами.[2] Во периодот од 2008 до 2012 година била водителка на телевизиската емисија за автомобили „Високи Октани“. Во 2013 година зела учество во првата сезона од македонското издание на реалното шоу „Танц со ѕвездите“, каде што настапила заедно со Христијан Димитровски.[13] Претстојниот период го посветила на глума во телевизиски серии. На самите почетоци ја добила главната улога на Марина во хрватската серија „Тајни“.[14] Потоа, преку ликот на Милена се појавила и во првата македонска серија снимена според странска лиценца „На терапија“.[15] Особена популарност стекнала со улогата на Јелена во македонската ситуациска комедија „Преспав“.[16]
Остварила учество на филмските фестивали во Сараево, Торонто и Каиро, како и на работилници со театарските работници Ненси Бишоп, Леон Лучев и Александра Кочова.[2]
Во брак е со хрватскиот глумец Стјепан Периќ од 2015 година, со кого се запознала за време на снимањето на серијата „Тајни“.[17] Со него има два сина — Јаков, роден во јуни 2020 година,[18] и Тома, роден во септември 2024 година.[19] Живее во Загреб и работи во Скопје, па постојано е на релација меѓу Хрватска и Македонија.[20]
Година | Филм | Улога |
2006 | Тајната книга ТВ-филм | Гласот |
2009 | Мојот живот ТВ-филм | Таа |
2010 | Како да ме нема ТВ-филм | Јасмина |
2011 | Во земјата на крвта и медот ТВ-филм | Есма |
2012 | Скопје ремикс ТВ-филм | Паган |
2012 | Трето полувреме ТВ-филм | Еврејска мајка |
2013-2014 | Тајни ТВ-серија | Марина |
2015 | Скора ТВ-филм | Миш |
2015 | Кај пукнало да пукте ТВ-серија | Надалија |
2016 | Дете ТВ-филм | Мајка |
2016 | Устав на Република Хрватска ТВ-филм | Полицајка |
2016-2023 | Преспав ТВ-серија | Јелена |
2017 | Инсајдер ТВ-серија | Милена |
2017 | Железната приказна ТВ-филм | Надире |
2018 | Ловци и вештерки ТВ-филм | Светлана |
2018 | Црно и бело ТВ-филм | Јована |
2018 | Еј ТВ-филм | Бани |
2019 | Помеѓу нас ТВ-филм | Леона |
2019 | Врба ТВ-филм | Мелина |
2019 | Фамилија Марковски ТВ-серија | Ели |
2020 | Хомо ТВ-филм | Јулија |
2022 | Еден тон сладолед ТВ-филм | Ева |
2023 | Нешто слатко ТВ-филм | Каја |
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.