Топчиево
гратче во Солунско, Егејска Македонија From Wikipedia, the free encyclopedia
гратче во Солунско, Егејска Македонија From Wikipedia, the free encyclopedia
Топчиево или Топчин (грчки: Γέφυρα, Гефира; до 1926 г. Τοψίν, Топсин[2]) — гратче во Солунско, Егејска Македонија, денес во општината Илиџиево на Солунскиот округ во областа Централна Македонија, Грција. Населението брои 3.059 жители (2011).[3][4] Сè до Балканските војни, ова било чисто македонско село.[4]
Топчиево Γέφυρα | |
---|---|
Музејот на Балканските војни во Топчиево | |
Координати: 40°43.57′N 22°41.37′E | |
Земја | Грција |
Област | Централна Македонија |
Округ | Солунски |
Општина | Илиџиево |
Општ. единица | Каваклиево |
Надм. вис. | м | 35
Население (2011)[1] | |
• Вкупно | 3.059 |
Час. појас | EET (UTC+2) |
• Лето (ЛСВ) | EEST (UTC+3) |
Пошт. бр. | 570 11 |
Гратчето е сместено во областа Вардарија на Солунското Поле, 25 км северозападно од Солун и км западно од Каваклиево. Лежи на раскрсницата каде патот за Солун се дели за Воден и Скопје.[4]
Археолошките наоди укажуваат на постоењето на приморска населба со висока култура и трговски врски со јужна Грција и егејските острови. Во могилата во југоисточниот дел на денешното гратче се откриени древномакедонски наоди: многу монети, три важни гробници и 30 гроба од VI до II век п.н.е. Археолозите Михалис Тивериос и Марија Цимбиду-Авлонити сметаат дека овде се наоѓал македонскиот град Халастра.[5]
Топчиево за првпат се спомнува во XV век под името Топчи Ибрахим и тоа двапати, што вели дека уште тогаш селото се состоело од Горно и Долно Маало. Во друг документ од истиот период Топчилар е спомнат како тимар на солунски бег. Во XVII–XVIII век Топчи бил чифлик во Солунската каза и припаѓа на селата за кои се плаќало дополнителен данок на домаќинства.[6]
Околу 1854 г. е изградена црквата „Св. Ѓорѓи“ во Долно Топчиево, која е дело на лерински мејстори.[7]
Во 1861 г. еден англосаксонски патописец ги забележал работниците кои овде го граделе главниот мост на Вардар. Во записот се вели дека тие почнале од двата брега и работеле до средината, па на местото кајшто е најдлабоко запреле и преку него ставиле даски, кои ги тргале кога ќе се појавел патник, и ги враќале откако патникот ќе им плати колку што бараат.[8]
Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Попчиево (Poptchievo) било село со 52 домаќинства од 256 жители Македонци.[9][10] Во 1900 г. според Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во Топчиево живееле 266 Македонци христијани.[9][11] Во јуни 1904 г. целото село потпаднало под врховенството на Бугарската егзархија со исклучок на семејството на гркоманскиот андарт Божин, кој бил приврзаник на Вселенската патријаршија. Во септември 1904 г. тројца четници на војводата Апостол Петков го раниле Божин во обид да го одвдеат кај војводата и му ја убиле сопругата, поради што турските власти привеле седум селани и месниот свештеник.[12] По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во Тончиево (Tontchievo) живееле 184 лица, сите Македонци под егзархијата.[9][13]
Во 1904 г. селото било чифлик на солунскиот еврејски богаташ Жако Модијано.[12]
Во овој период во селото се појавиле и обиди на грчката пропаганда. Според записите на грчкиот просветар Димитриос Сарос од 1906 г. Топсин (Τοψἱν) бил словенојазично (т.е. македонојазично) село во Поленинската епископија, во сопственост на солунскиот Евреин Саул Модиљано. Во документот се вели дека селото се состоело од 178 жители христијани и 64 турски Роми, што укажува. Во него работело грчко основно училиште со 27 ученици (25 момчиња и 2 девојчиња) и 1 учител.[6][14] Селското училиште било сместено во мала ќелија во притворот на црквата „Св. Ѓорѓи“.[6] Во овој период Боривое Милоевиќ во селото завел 25 македонски, 5 турски и ч ромски куќи.[4]
За време на Првата балканска војна селото е окупирано од грчка војска која извршила грабежи и предизвикала страв од глад.[15] Во Топчиево престолонаследникот Константин го договорил преземањето на Солун од отоманската вјска во грчки раце. Во таа зграда денес е сместен Музејот на Балканските војни.
По Втората балканска војна Топчиево е припоено кон Грција согласно Букурешкиот договор, кога населението броело 167 лица.[4] Веднаш потоа, како и во текот на Првата светска војна, иселен е дел од македонското население, и на негово место се доведени Грци дојдени од Чаталџа во Источна Тракија и Созопол во Бугарија.[3] Така, во 1920 г. во Топчиево се попишани 350 жители. До 1924 г. тука биле вкупно 442 доселенички семејства, од кои 321 од Бугарија, 211 од Источна Тракија, со вкупно 1699 жители.[4] Во 1926 г. селото е преименувано во Гефира, што во превод значи „мост“. Во 1928 г. тука дополнително се доведени Власи од Мечово и Широко во Епир.[16] Истата 1928 г. во селото е попишан 1.821 жител, од кои 1.649 жители (468 семејства) биле дојденци, а остатокот биле месни Македонци.[17]
Поради плодната почва и близината до Солун, Топчиево продолжило да се развива. Така, во 1940 г. во него живееле 1.944 лица, кои во 1951 г. станале 2.132. На пописот од 1961 г. заведени се 2.058 жители, броејќи го Долно Топчиево одделно, со 287 жители.[18] Во 1971 г. населението се зголемило на 2.383. Растот продолжил и понатаму — во 1981 г. 2.619, а во 1991 г. 2.785 жители.[4] Во 2001 г. Топчиево достигнало 3.258 жители, кои во 2011 г. се намалиле на 3.059 лица.[3]
Во 1928 г. Топчиево станало своја општина, а во 1978 г. е отворено и средно училиште.[3]
Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:
Година | 1940 | 1951 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 2001 | 2011 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 1.944 | 2.132 | 2.058 | 2.383 | 2.619 | 2.785 | 3.258 | 3.059 |
Населението на Топчиево се занимава со земјоделство. Се произведуваат големи количества памук, овошје, жито и други култури.[4]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.