мочурливо подрачје во Бразил From Wikipedia, the free encyclopedia
Пантанал (португалски: Pantanal) — природна област во која е сместено најголемото тропско моклишно подрачје на светот. Сместена е претежно во бразилската држава Јужно Мато Гросо, но навлегува и во државата Мато Гросо и делови од Боливија и Парагвај. Се протега на површина од 140.000 до 195.000 км2 и има до дванаесет посебни екосистеми, секој со свои хидролошки, геолошки и еколошки особености.[1][2][3][4][5]
Околу 80% од плавните низини на Пантанал се дом на вчудовидувачки разновидни водни растенија и поддржува голем број животински видови.
Името „Пантанал“ потекнува од португалскиот збор pântano, што значи „мочуриште“, „бара“ или „блато“. За споредба, Бразилската Висорамнина месно се нарекува planalto, што значи „висорамнина“.
Пантанал е огромна котлина со блага стрмност која ги прима водите од горските краишта (Планалто), кои потоа полека се одлеваат преку реката Парагвај и нејзините притоки. Оваа образба е производ на големата предандска котлина на Земјината кора, потесно поврзана со андската орогенеза во терцијарот. Се состои од пространа внатрешна делта, каде се спојуваат неколку реки што извираат од околната висорамнина, оставајќи наноси и остатоци од одрони, кои низ историјата го полнат котлинското подрачје на Пантанал. Ова место е особена физиографска покраина во поголемата Паранско-парагвајска Низина.
Пределите на Пантанал се ограничени со чикитанските суви шуми на запад и северозапад, шумите на Сувиот Чако на југозапад и Влажниот Чако на југ. На север, исток и југоисток се протегаат саваните на областа Серадо. Просечните годишни врнежи во Паранал се движат од 1.000 до 1.400 мм, но водната маса се дополнува од горното течение на реката Парагвај. Просечната температура изнесува 25 °C, но може да се движи од 0 до 40 °C.
Плавните екосистеми како пантаналскиот е определен од сезонските поплави и суши,[1] од состојба на стојна вода, до сува почва, кога водостојот е значително под корењата.[1] Почвата е песоклива на повисоките места до поглиновита и милеста во поречијата.
Надморската височина се движи од 80 до 150 м.[1] Годишните врнежи на плавната котлина изнесуваат од 1.000 до 1.500 мм, при што најобемни се врнежите од ноември до март.[1] Во делот на Пантанал во поречието на Парагвај, водостојот сезонски се крева од 2 до 5 метри, додека останатите подрачја на Пантанал доживуваат помалку колебања.[1] Плавните води течат бавно (2-10 см во секунда[1]) поради малиот наклон и отпорот на густата растителност.
Кога надојдената вода првпат ќе ја прекрие сувата почва, истата осиромашува со кислород.[1] Ова честопати предизвикува помор на рибите кога нема прибежишта од кислородна вода (причината сè уште е нејасна, но се претпоставува дека се должи на ширењето на токсичната бактерија во обескислородената вода наместо самиот недостаток на кислород).[6]
Растителноста на Пантанал, наречена „Пантаналски комплекс“, е мешавина од растителни заедници типични за различните биоми: тропските растенија од амазонските дождовни шуми, полупустинските растенија од кориите типични за североисточен Бразил, оние од бразилската серадска савана и боливиската и парагвајската чаковска савана.[1] Шумите се застапени на повисоките места во подрачјето, додека пак сезонски плавните предели се прекриени со тревишта. Клучниот чинител кој го ограничува растот се поплавувањето и сушноста во другата сезона.[1] Во пантаналскиот екосистем се познати 3500 видови растенија.
Пантаналскиот екосистем е дом на 1000 вида птици, 400 вида риби, 300 вида цицачи, 480 вида влекачи и преку 9000 разни подвидови безрбетници.
Јаболковиот полжав е клучен вид во екосистемот. Со годишното поплавување на мочуриштето, тревата и другите растенија угинуваат и почнуваат да гнијат. Во текот на овој процес, микробите се распаѓаат и го земаат целиот кислород во плитката вода, гушејќи ги покрупните разградувачи. За разлика од други разградни животни, јаболковиот полжав има и жабри и бели дробови, поради што живее и напредува во обескислородени води, каде има улога на преработувач на хранливите материи. За да дојде до кислород, полжавот издига цевче до површината и вшмукува воздух во дробовите. Со оваа способност, полжавот ја јаде сета мртва растителна материја и ја претвора во ѓубриво кое е хранливо за растенијата. Полжавот воедно е храна за разни животни.[7][8][9]
Меѓу најретките жители на пантаналското блато се мочуришниот елен (Blastocerus dichotomus) и џиновската видра (Pteroneura brasiliensis). Во дел од Пантанал живеат и следниве загрозени животни: зумбуловата ара (Anodorhyncus hyacinthinus), качулестиот орел, гривестиот волк (Chrysocyon brachyurus), грмушарското куче (Speothos venaticus), низинскиот тапир (Tapirus terrestris) и џиновскиот мравојад (Myrmecophaga tridactyla). Чести видови се капибарата (Hydrochoerus hydrochaeris) и јакарскиот кајман (Caiman yacare). Во 1996 г. Пантанал имал 10 милиони кајмани — најголема густина на крокодиловидни животни во светот.[10] Во подрачјето живее и јагуарот (Panthera onca), чие население е меѓу најцеловидните на планетата.
Највеќето риби се гнилојадци, кои се хранат со ситни честички од наносот и на површината од растенијата.[1] Ова е начелна одлика на сите риби во јужноамериканските плавни низини. Рибите прават сезонска преселба од речните текови во плавните подрачја[1] и имаат бројни приспособувања кои им овозможуваат да опстанат во мочурливата вода сиромашна со кислород.[1]
Покрај кајманот, други влекачи во Пантанал се жолтата анаконда (Eunectes notaeus), златното тегу (Tupinambis teguixin), црвеноногата желка (Geochelone carbonaria) и зелената игуана (Iguana iguana).
Помал дел на Пантанал во Бразил е заштитен како национален парк, наречен „Пантанал Матогросенсе“. Овој парк е основан во 1981 г. и зафаќа површина од 1.350 км2. Сместен е во општината Поконе, помеѓу заливот Свети Mарко и реките и устието на реката Гурупи. Во 1993 г. е прогласен за рамсарско место од меѓународно значење.
Околу 99% од земјиштето на Пантанал е во приватна сопственост и е ставена во служба на земјоделството и сточарството.[11] Во областа има 2500 фарми (фазенди) со вкупно 8 милиони грла говеда,[12] а забележлив проблем е и прекумерниот риболов на извесни видови. Оттука се јавува потребата за заштита на подрачјето. Природонаследниот резерват „СЕСК Пантанал“ во Бразил е во приватна сопственост, основан во 1998 г. и се протега на површина од 878,7 км2 во североисточниот дел на областа, недалеку од националниот парк. Во него има трајни реки, сезонски потоци, трајни и сезонски плавни езера, мочурливи честаци и сезонски поплацени шуми. И овој резерват е прогласен за рамсарско место.
Друго позначајно заштитено подрачје во Пантанал е националниот парк „Отукис“ во Боливија. До него се доаѓа преку градот Пуерто Суарес.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.