From Wikipedia, the free encyclopedia
Кредитен рејтинг (англиски: Credit Rating) претставува вреднување на кредитоспособноста на должникот да го отплаќа својот долг, односно оценка на бонитетот, со помош на утврдени симболи, а предмет на оценка може да биде претпријатие, банка, осигурително друштво, многу други профитни и непрофитни организации и државата.
Основна задача на кредитниот рејтинг е намалување на асиметричните информации помеѓу инвеститиорите и издавачот на хартиите од вредност. Тој игра значајна улога во економската политика и инвестициските одлуки, и речиси е невозможно да се позајмува капитал на финансиските пазари без кредитобарателот да има одреден кредитен рејтинг.
Кредитниот рејтинг го определуваат специјализирани компании наречени агенции за кредитен рејтинг. Тие имаат пристап до привилегирани информации, врз основа на кои формираат независна и објективна проценка на способноста на должникот да го врати долгот. Нискиот кредитен рејтинг означува дека кај деловниот ентитет или држава постои висок ризик за неисполнување на обврските кон доверителите, додека високиот кредитен рејтинг е знак за должник кој може навремено да си ги отплаќа своите долгови.
Постојат краткорочни и долгорочни кредитни рејтинзи. Краткорочниот рејтинг се однесува на кредитоспособноста на должникот за исполнување на обврските во рок од една година, додека долгорочниот се однесува за период подолг од една година.
Државен кредитен рејтинг е оцена на кредитоспособнаоста на одредена држава навремено да ги покрива обврските кон своите доверители. Кредитниот рејтинг на државата зависи од условите под кои е задолжена државата.[1] Во зависност од кредитниот рејтинг се одредува и каматната стапка на должничките инструменти (обврзници) кои ги издава државата, како и цената на тие инструменти на пазарот на капитал. Колку е поголема кредитоспособноста на заемобарателот, толку е помала каматната стапка, а поголема цената на должничкиот инструмент.[2] Кредитниот рејтинг, исто така, влијае на приносот на овие хартии од вредност. Процесот на доделување на кредитниот рејтинг е сложен, долготраен и континуиран. Кредитниот рејтинг не се донесува врз основа на универзална формула. Проценката на ризичноста на должникот покрај објективната проценка на финансиските и економски показатели кои им стојат на располагање на аналитичарите, содржи и субјективна проценка. Методологијата која се користи за различни предмети на проценка (компанија, држава и сл.) мора постојано да се усогласува со промените во економијата, нови ризици, последици од криза, итн.
Постојат одредени детерминанти кои се клучни при одредување на кредитен рејтинг на држава:[3]
Кога кредитниот рејтинг на државата и се доделува по првпат, кредитната рејтинг агенција од државата бара низа на податоци кои се однесуваат на погоре наведените детерминанти. Сериите на податоци вообичаено се бараат за период од пет години, како и краткорочни и среднорочни проекции. Составен дел на процесот на доделување на кредитен рејтинг е и доаѓањето на аналитичари од кредитната рејтинг агенција во земјата, каде на терен, во детални разговори со претставници на сите релевантни институции и нивоа на власт прибираат дополнителни информации за економската и политичката состојба во земјата и трендовите. Покрај достапните документи и информации, врз одлуката големо влијание има и субјективната проценка на аналитичарите од рејтинг агенцијата.
После доделувањето на првиот рејтинг, редовно, еднаш во годината се врши ревизија на рејтингот преку повторна оценка на важните детерминанти кои го определуваат кредитниот рејтинг.
Кредитниот рејтинг на корпорација, банка, осигурителна компанија и сл., исто така, се определува од страна на агенцијата за кредитен рејтинг, на барање на самиот деловен ентитет. Кај корпорациите, кредитниот рејтинг може да се однесува на целата корпорација, но може да се однесува и само на финансиските инструменти, т.е. обврзници кои ги издава таа корпорација. Кај корпорациите, кредитниот рејтинг, како и кај државите, се определува врз основа на одредени детерминанти, како што се: финансиската состојба на корпорацијата, перспективите за во иднина, способноста на менаџментот, историјата на корпорацијата како должник, итн.
Кредитните рејтинг агенции доделениот кредитен рејтинг го класифицираат во однапред дефинирани групи со различно ниво на ризик. Групите се означени со букви. Вообичаено, со голема буква А се означуваат група на земји кај кои не постои ризик или постои ниско ниво на ризик. Со буквата В се зоначуваат земјите кај кои постои умерен кредитен ризик, додека во групите C и D влегуваат земји со среден или висок степен на кредитен ризик. Па така, долгорочниот рејтинг кај агенциите „Стандард и Пурс (Standard&Poor’s)“ и „Фич (Fitch)“ има распон на оценката од „ААА“ до „ВВВ-“ за инвестициона оценка и од „ВВ+“ до „D“ за шпекулативна оценка.[4][5]
Варијациите во одделните групи се прават со додавање на уште една или две букви и со знаците „+“ или „-“, а тие се нарекуваат „перспектива“ (Outlook). Овој знак го прикажува можниот тренд на промена на кредитниот рејтинг на државата. Трендот може да биде позитивен, негативен, стабилен или еволутивен, и ја одразува можноста за одредени финансиски или други економски промени на краток рок од еден до три месеци. Секако, промената на перспективата не значи и автоматска промена на кредитниот рејтинг, туку само го одразува мислењето на рејтинг агенцијата за можното движење на кредитниот рејтинг на краток рок.
Табела 1: Ознаки за кредитниот рејтинг од страна на трите водечки агенции[6]
Мудис | Стандард и Пурс | Фич | Значење |
---|---|---|---|
Ааa | AAA | AAA | Инвестициона оценка |
Aa1 | AA+ | AA+ | Инвестициона оценка |
Aa2 | AA | AA | Инвестициона оценка |
Aa3 | AA- | AA- | Инвестициона оценка |
A1 | A+ | A+ | Инвестициона оценка |
A2 | A | A | Инвестициона оценка |
A3 | A- | A- | Инвестициона оценка |
Baa1 | BBB+ | BBB+ | Инвестициона оценка |
Baa2 | BBB | BBB | Инвестициона оценка |
Baa3 | BBB- | BBB- | Инвестициона оценка |
Ba1 | BB+ | BB+ | Шпекулативна оценка |
Ba2 | BB | BB | Шпекулативна оценка |
Ba3 | BB- | BB- | Шпекулативна оценка |
B1 | B+ | B+ | Шпекулативна оценка |
B2 | B | B | Шпекулативна оценка |
B3 | B- | B- | Шпекулативна оценка |
Caa1 | CCC+ | CCC | Шпекулативна оценка |
Caa2 | CCC | Шпекулативна оценка | |
Caa3 | CCC- | Шпекулативна оценка | |
Ca | Шпекулативна оценка | ||
C | D | D | Шпекулативна оценка |
Кредитниот рејтинг на Македонија е оценет од три агенции: „Стандард и Пурс“, „Фич“ и Јапонската кредитна рејтинг агенција (JRC).
Првиот кредитен рејтинг на Македонија, агенцијата „Стандард и Пурс“ го поставила во 2004 година, со ознаката ББ.[7] Тоа е ознака за обврзници со шпекулативен карактер, која не е добро заштитена и има скромна сигурност на плаќање. Ваквиот тип на обврзници влегуваат во групата на обврзници со неивестиционен карактер. Како позитивни фактори кои влијаеле на оценката на кредитниот рејтинг наведени се: силната поддршка за Охридскиот рамковен договор, брзиот прогрес кон политичка стабилност, членството во ЕУ како движечка сила за поголеми реформи, макроекономската стабилност и умерена надворешна задолженост во сите сектори. Од друга страна, како негативни фактори на влијание се наведени: структурните проблеми во економијата и прашањата поврзани со управувањето се товар на економските и фискалните перформанси, нефлексибилната структура на државните расходи, како и неефикасниот и скап систем за социјална заштита. Сепак, очекувањата биле позитивни. Следната година, „Стандард и Пурс“ го покачиле кредитниот рејтинг на Македонија, на нивото ББ+.[8] Тоа се должело на непрекинатиот прогрес кон политичка стабилност, прогресот во структурните реформи, макроекономската стабилност и опаѓачкиот тренд на нивото на задолженост. Негативно влијание имале структурната ригидност и проблемите во економијата, нефлексибилната структура на трошоците на владата и ризикот од задоцнети меѓуетнички тензии. Ова ниво на кредитен рејтинг, Македонија го имала до 2008 година, кога бил намален кредитниот рејтинг на Македонија на нивото ББ.[9][10] Истиот кредитен рејтинг, Македонија го добила и во 2010 и 2011 година. Во мај 2014 година, „Стандард ен Пурс“ го оцениле кредитниот рејтинг на Македонија на нивото од ББ-, како резултат на јавниот и надворешниот долг и очекувањата за раст на економијата.[11] Во 2015 година, агенцијата „Стандард и Пурс“ ѝ доделила на Македонија кредитен рејтинг од „ВВ-“,[12] а во 2017 година го потврдила кредитниот рејтинг од „ББ-“ со стабилен изглед.[13] Истата оцена била потврдена и пролетта 2018 година.[14]
Американската агенција „Фич“ првиот кредитен рејтинг за Македонија го поставила на 1 ноември 2005 година, на нивото од „ВВ“.[15]. Како јаки страни за кредибилитетот на државата биле наведени долгорочниот тренд на ниска стапка на инфлација и макроекономската стабилност, внимателното водење на фискалната политика умерениот јавен долг, умерениот надворешен долг, како и статусот на потенцијална членка на ЕУ. Фактори со негативно влијание врз кредитниот рејтинг биле: високата невработеност и тешката бизнис клима во државата, ризикот од шокови во политичката стабилност, значителниот дефицит на тековната сметка, високите домашни каматни стапки итн. Во јуни 2006 година, „Фич“ го зголемил кредитниот рејтинг на Македонија, на нивото од „ВВ+“.[16]. Како причина за тоа бил добиениот статус на земја-кандидат за членство во ЕУ, во декември 2005 година, но и добрата фискална политика и ниските нивоа на задолженост. Сепак, ниското домашно штедење и инвестирање, како и ниската стапка на странски директни инвестиции влијаеле кредитниот рејтинг да не се искачи на повисоко ниво. Нивото на рејтинг од „ВВ+“ според „Фич“ се задржало и во следните години.[17] Во 2015 година, десетта година по ред, агенцијата „Фич“ го потврдила кредитниот рејтинг на Македонија на нивото „ВВ+“ при што стабилниот изглед бил заменет со негативна перспектива,[18] а истата оцена била повторена и во февруари 2016 година.[19] На 19 август 2016 година, „Фич“ за првпат го намалил долгорочниот кредитен рејтинг на Македонија од „ВВ+“ на „ВВ“.[12]
Првата оценка на кредитниот рејтинг од страна на „JRC“, Македонија ја добила на 13 септември 2007 година, во висина од ББ+.[20] Причините за ова ниво на рејтинг биле економската стабилност и добрата фискална политика, спроведувањето на структурните реформи насочени кон понатамошна економска експанзија и кандидатскиот статус за влез во ЕУ. Од друга страна, фактори кои го оспорувале кредитниот рејтинг биле: високата стапка на невработеност, ниското ниво на индустриска развиеност на економијата и дефицитот на примарната сметка. Следната оценка на кредитниот рејтинг од страна на „JRC“ пристигнала во ноември 2009 година и се задржала на истото ниво, ББ+.[21] Како позитивен фактор за поддршка на кредитниот рејтинг била наведена упорноста и заложбите на државата за решавање на сите пречки на патот кон ЕУ. Како негативни фактори биле: недоволната индустриска развиеност на државата, поради која БДП по глава на жител изнесувал само 32,5% од просекот во ЕУ, невработеноста и политичките ризици.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.