Remove ads
From Wikipedia, the free encyclopedia
Торбестите габи или Ascomycota се монофилетски габи кои сочинуваат околу 75% од сите опишани габи. Во оваа група се вклучени повеќето од габите кои се комбинираат со алгите за да формираат лишаи, како и оние кај кои нема морфолошки докази за полово размножување. Меѓу аскомицетите се вбројуваат некои од најпознатите габи: Saccharomyces cerevisiae, комерцијалниот квасец и основата на пекарската и пивската индустрија, како и основата на развојната молекуларна биологија, потоа Penicillium chrysogenum, произведувачот на пеницилин, Morchella esculentum, јадливата морела и Neurospora crassa, организмот "еден-ген-еден-ензим". Постојат и некои отровни торбести габи, како Aspergillus flavus, произведувачот на афлатоксин, кој е истовремено и токсин и еден од најпознатите канцерогени соединенија, Candida albicans, причинител на кандидоза, пеленски сипаници и вагинитис, како и Cryphonectria parasitica, одговорна за уништувањето на 4 милијарди кестенасти дрвја во источен САД. Бесполовите торбести габи, како Penicillium или Candida, биле класифицирани одделно во Deuteromycota бидејќи половите одлики биле важни при класификацијата на торбестите габи. Меѓутоа, споредбата на секвенцата на нуклеинските киселини, како и бесполовите фенотипски одлики, дозволиле интеграција на асексуалните габи во Ascomycota. Deuteromycota не е повеќе признаена за формален таксон во систематиката на габите.
Торбести габи | |
---|---|
Morchella conica | |
Научна класификација | |
Царство: | Габи |
Оддел: | Ascomycota |
Поттипови/Класи | |
|
Најопштата одлика која ги соединува сите торбести габи е аскусот. Во него се одвиваат јадреното соединување и мејозата. Во аскусот, една митотичка делба обично се случува по мејозата за да се формираат осум јадра, и подоцна осум аскоспори. Аскоспорите се формираат во аскусот од страна на мембрански систем, кој го пакува секое јадро со својата соседна цитоплазма, со што го овозможува местото за формирање на ѕидот на аскоспората. Се смета дека овие мембрани потекнуваат од плазмалемата на аскусот кај Pezizomycotina и јадрената мембрана во Saccharomycotina.
Во времето кога се ослободуваат од аскусот, тенкоѕидните хаплоидни аскоспори се отпорни на непогодни услови. Но, кога ќе настапат поволни услови тие ќе из‘ртат за да формираат нова хаплоидна габа.
Телото на торбестите габи се состои од типична еукариотска клетка опколена со ѕид. Телото може да претставува една клетка (како кај квасците) или долг цевкаст филамент поделен на клеточни сегменти, наречени хифи. И квасците и хифите имаат клеточни ѕидови направени од различни пропорции на хитин и β-гликани.
Како и другите габи, и торбестите габи се хетеротрофни и ги добиваат хранливите материи од мртви или живи организми. Доколку е присутна вода, како кај сапротрофитите тие можат да го конзумираат речиси секој јаглероден супстрат, вклучувајќи го и горивото (Amorphotheca resinae) и бојата за ѕидови (Aureobasidium pullulans), а својата најголема улога ја играат во рециклирање на мртвиот растителен материјал. Како биотрофи, тие можат да формираат симбиоза со алгите (лишаи), корењата на растенијата (микориза) или листовите и стеблата на растенијата (ендофити). Други торбести габи (како Ceratocystis и Ophiostoma) формираат симбиотски асоцијации со многу членконоги, каде тие овозможуваат исхрана на ларвите на тврдокрилците кои се развиваат. За возврат, тврдокрилците ги разнесуваат габите на други супстрати. Како паразити, аскомицетите се вбројуваат за едни од најопасните кај растенијата и животните, вклучувајќи ги Pneumocystis carinii, одговорна за пневмонија кај луѓето и Ophiostoma ulmi која ги уништува брестовите во Северна Америка и Европа.
Кај торбестите габи се изразени две фази на развиток: анаморф, во која организмот се размножува по бесполов пат и телеоморф, во која тој образува полови структури. Заедно овие две фази се нарекуваат холоморф. Анаморфот и телеоморфот не се слични, во зависност од условите организмот може да премине во телеоморф, но тоа може и да не се случи, како резултат на што често една иста торбеста габа се опишувала како два различни видови. На пример, името Aspergillus fisheri дадено на анаморфот е различно од тоа (Neosartoria fisheri) дадено на телеоморфот, ситуација аналогна на Amorphotheca resinae и Hormoconis resinae, како и на многу други. Денес молекуларните методи ги спречуваат овие појави.
Бесполовото размножување кај торбестите габи практично секогаш се одвива со конидии. Морфологијата на конидиите е мошне разнообразна. Тие можат да бидат едноклеточни, со различен број на напречни прегради, со надолжни и напречни преградички (мурални прегради). Најчесто конидиите се елипсовидни, а можат да бидат и округли. Многу сложена градба имаат конидиите на неколку водни габи кои живеат (делумно) на распаднати потопени листови од листопадни дрвја и грмушки.
Конидиите можат да бидат безбојни или кафеавкасти поради присуството на меланин. Тие можат да се суви или потопени во слуз. Сувите конидии се распространуваат со ветровите, а слузавите со водата (обично со дождовните капки) или малите животни (на пример, пренесувањето на конидиите на Ophiostoma ulmi - причинителот на холандска болест на брестот - со тврдокрилци). При ниска влажност и исушена слуз, и слузавите конидии се пренесуваат со ветровите. Испуштањето на конидиите е обично пасивно.
Конидиите понекогаш се развиваат директно од мицелиумот, но почесто од посебни конидионосци (конидиофори) кои можат да бидат прости или разгранети (некогаш особено многу). Конидиите се образуваат поединечно или се групираат во ланци или главички. Конидиофорите исто така може да се создаваат поединечно или во групи. Најпростата варијанта на ваквите групации е коремијата: конидиофорите формираат силно зближени букети, често се споени со своите страни, а понекогаш анастомозираат. Коремиите се карактеристични, на пример, за анаморфот на некои Eurotiales (поточно, претставниците на формалниот род Penicillium, а кај некои видови се образуваат само при определени услови).
Кај некои видови конидиофорите формираат слој на површината од конвексниот сплет од хифи или строми во вид на перниче. Ваквиот тип на конидиофори се познати како спородохии. Се среќаваат кај анаморфот на Nectria cinnabarina.
Најсложените конидијални структури се пикнидиите. Тие обично имаат сферична форма, облечени во густа светла или темна обвивка со тесен отвор на врвот. Во пикнидиите се формира густ слој на кратки конидиофори на кои се развиваат конидии, кои излегуваат од пикнидиите низ отворот или пукнатините во обвивката, често во маса од слуз. Понекогаш конидиофорите не се диференцираат, а конидиите се образуваат директно од клетките на обвивката од пикнидиите.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.