село во Општина Куманово From Wikipedia, the free encyclopedia
Скачковце (познато и како Скачковци) — село во Општина Куманово, во областа Которлак, во околината на градот Куманово.
Скачковце Скачковци | |
Воздушен поглед на селото Скачковце | |
Координати 42°2′53″N 21°49′31″E | |
Регион | Североисточен |
Општина | Куманово |
Област | Которлак |
Население | 105 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 1305 |
Повик. бр. | 031 |
Шифра на КО | 17090 |
Надм. вис. | 430 м |
Слава | Света Троица |
Скачковце на општинската карта Атарот на Скачковце во рамките на општината | |
Скачковце на Ризницата |
Селото се наоѓа во средишниот дел на територијата на Општина Куманово, југоисточно од градот Куманово, недалеку од десната страна на патот Куманово-Свети Николе.[2] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 430 метри. Од градот Куманово е оддалечено 17 километри.[2]
Покрај селото поминува регионалниот пат 1204, кој ги поврзува Куманово и Свети Николе, од каде постои локално асфалтно исклучување до селото.
Ова релативно поголемо село се наоѓа на источната поблага страна на ридот наречен Голем (516 м.), како и на Црковниот Рид (548 м.). Околни села се Орашац на северозапад, Колицко на југ, Кучкарево на исток и Новосељане на север. Во минатото, мештаните со водата за пиење се служеле од две послаби чешми во самото село. Имало и бунари длабоки 15 до 20 метри, но нивната вода не била добра за пиење. На атарот извираат изворите Бела Вода и Поток.[3]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Бивак, Умиште, Каљиште, Островица, Ѓубриште, Трештено Дрво, Големи Рид, Карчев Крст, Честе Чуке, Кошара, Средњи Рид, Лиска, Жужље, Жељкин Рид, Балин Дол, Бели Брегови, Падина, Бегово Трло, Гладно Поле, Бабаќиште, Селиште, Тумба, Горна и Долна Лука, Новоселски Рид, Длабока Рупа, Задине, Турски Гробишта и Пеќ.[3]
Скачковце има збиен тип, каде роднинските куќи се поблиску и групирани. Поголеми групи на куќи кои имаат имиња се Деспотовци, Каревци, Петринци, Ваневци и други.[3]
Подрачјето на Скачковце е населено уште од железното време, за што сведочи наоѓалиштето Брекче на 1,5 километри источно од селото.[4]
Северозападно од селото, на Црковниот Рид, се наоѓа возвишението Каљиште, за кое мештаните кажуваат дека таму некогаш имало кале. Кај тоа возвишение на површината на земјата се гледаат парчиња црепови и цигли.[3]
Во месностите Задине и Турски Гробишта има остатоци на турска населба и гробишта, чии мештани изумреле од колера. Тоа биле Черкези, кои подоцна се преселиле во селото Косматац. Во споменатите гробишта биле закопувани и муслиманските скачковски Роми.[3]
Преданието наведува дека Скачковце е старо село. Најпрвин се наоѓало 800 метри источно од денешната местоположба на месноста Селиште, што е веднаш покрај патот Куманово-Свети Николе. Тие се раселиле бидејќи во селото навраќале Турци патници на ноќевање и ручек. Мештаните се преселиле на денешната положба бидејќи била поскриена.[3]
Од доселениците од Селиште во Скачковце денес потекнуваат само четири рода: Деспотовци, Каревци, Ваневци и Здравевци. Некои се вистински староседелци. Меѓутоа, побројни се доселените родови, едни од XIX век, други по завршувањето на отоманскиот период. Доселениците дошле од разни краеви (Прилепско, Овче Поле, Паланечко и други).[3]
Во текот на отоманскиот период во селото имало чифлиг на Јашар-бег, кој го основал во средината на XIX век. Таму работеле селаните, но имало и Албанци, поради кои населението страдало. Јашар-бег го добил селото под свое откако се појавиле арбанашките Качаци, поради што тој се понудил да го брани селото од нив. Мештаните му ја предале својата земја и станале негови чифчии.[3]
Јашар-беговата кула била срушена во 1918 година. Во кулата престојувале Арбанаси од карадачките села Никуштак, Отља и Липково.[3]
Атарот на селото зафаќа простор од 10,3 км2, при што преовладува обработливото земјиште со површина од 545 хектари, на шумите отпаѓаат 271 хектар, а на пасиштата 164 хектари.[2]
Во основа, селото има полјоделска функција. Во селото работат продавници и фабрички погон.[2]
Поради местоположбата на селото на граница на ниско земјиште на североисток и повисоко земјиште на југозапад, во селото подеднакво биле развиени земјоделството, сточарството и шумарството. По Втората светска војна, голем дел членовите на домаќинствата биле вработени надвор од селото.[3]
Споменатиот чифлиг на Јашар-бег постоел до 1912 година, кога селаните ја присвоиле неговата земја. За земјата добиле тапии дури во 1935 година со аграрната реформа.[3]
Во минатото, во атарот на селото престојувала стока на некои влашки сточари од Осоговските Планини.[3]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Скачковце живееле 270 жители, сите Македонци.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Скачковце имало 200 Македонци, патријаршисти.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 300 Македонци.[7]
Од Скачковце се иселил голем дел од населението и тоа преминало од средно во мало село по големина, населено со македонско население. Така, во 1961 година селото имало 576 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 166 жители.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Скачковце живееле 160 жители, од кои 159 Македонци и 1 Србин.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 105 жители, од кои 100 Македонци, 1 Србин, 1 останат и 3 лица без податоци.[9]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 270 | 200 | 508 | 512 | 576 | 474 | 328 | 219 | 166 | 160 | 105 |
Скачковце е македонско село.[3]
Според истражувањата од 1971 година, родови во селото се:
Пред крајот на турското владеење во Куманово целосно се иселиле родовите Здравковци и Норци, во селото биле староседелци.
Во турско време во селото Шупљи Камен се иселиле родовите Чумљаци и Даневи. Скачкулинци се иселиле во селото Карабичане. После Втората светска војна има иселеници во Куманово (20 семејства) и во Скопје.[3]
Кон крајот на XIX век, Скачковце било село во Кумановската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Куманово, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Орашац.
Во периодот од 1962 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово. Селото припаѓало на некогашната општина Орашац во периодот од 1955 до 1962 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Орашац, во која покрај селото Скачковце, се наоѓале и селата Алакинце, Вак’в, Винце, Д'лга, Доброшане, Живиње, Колицко, Малино, Орашац, Пчиња и Шупли Камен. Во периодот 1950-1952 година селото било дел од некогашната Општина Орашац, во која влегувале селата Орашац и Скачковце.
Во селото постои избирачкото место бр. 1141 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[14]
На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 79 гласачи.[15]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.