Remove ads
дански филозоф From Wikipedia, the free encyclopedia
Серен Оби Кјеркегор (дански: Søren Aabye Kierkegaard; 5 мај 1813 – 11 ноември 1855) — дански филозоф од XIX век, се смета за воспоставувач на основите на егзистенцијализмот, филозоф на личноста, постмодернист, хуманист, идеалист и христијански мислител.
Серен Аби Кјеркегор | |
---|---|
Кјеркегор на цртеж (~1840) | |
Роден(а) | 5 мај 1813 Копенхаген, Данска |
Починал(а) | 11 ноември 1855 42) Копенхаген, Данска | (возр.
Период | Филозофија на XIX век |
Подрачје | Западна филозофија |
Школа | Данско златно доба, предвесник на т.н. „континентална филозофија“,[1] егзистенцијализам (агностички, атеистички, христијански), егзистенцијална психологија, апсурдизам, дијалектичка теологија и мн. д-р |
Претежна дејност | христијанство, метафизика, епистемологија, естетика, етика, психологија, филозофија |
Значајни идеи | Се смета за татко на егзистенцијализмот, егзистенцијален очај, три сфери на човековото постоење, витез на вербата, бесконечна квалитативна разлика, скок на вербата |
Потпис | |
Кјеркегор е роден во Копенхаген. Татко му го воспитувал во религиозен дух. Кјеркегор уште од рана возраст бил измачуван со тегобност од исчекување на неодредена казна, поради гревот на неговиот татко од младоста.[2] Тоа се одразило врз животот на Кјеркегор и неговата филозофија. Тој студирал теологија и филозофија, а докторирал со тезата за иронијата и нејзината примена кај Сократ[3]. Во Берлин отпрвин со воодушевување студирал кај Шелинг, но набргу се разочарал и се вратил дома. Во Копенхаген се посветил на филозофијата. Во животот се вљубил само еднаш, но ја нашуштил свршеницата затоа што сметал дека таа нема да биде среќна со него како филозоф кој е постојано незадоволен од себе и од светот[4]. Во родниот град на јавните места ги подучувал луѓето на вистината и етичкиот живот, налик Сократ. Кјеркегор бил против официјалното христијанство и стоел пред портите на црквата одвраќајќи ги верниците да влегуваат внатре (слично како и Мартин Лутер), а од друга страна тоа го предизвикал гневот кај црковната хиерархија. Кјеркегор од своја страна пак ја презирал толпата и немал контакти со општествените движења на своето време. Исцрпен од своите внатрешни демони и противставувања во животот, истоштен паднал на улица и умрел релативно млад.
Филозофски, Кјеркегор ги поврзува Хегеловата филозофија и подоцнежниот егзистенцијализам. Кјеркегор силно ги отфрла и Хегел и она што тој го смета за празна формалност на данската црква. Многу од неговите дела расправаат за религиозни проблеми како: природа на верата, институцијата на христијанската црква, христијанската етика и теологија. Заради ова, делото на Кјеркегор некогаш се класифицира како христијански егзистенцијализам (спротивно на егзистенцијализмот на Жан Пол Сартр или праегзистенцијализмот на Фридрих Ниче, двата изградени врз изразено атеистичка основа). Делото на Кјеркегор е тешко за толкување, заради тоа што голем дел од неговото рано творештво се објавува под разни псевдоними и често овие псевдо-автори коментираат на делата на претходните псевдо-автори.
Кјеркегор се противставува на тогаш општоприфатената филозофија на Хегел за Апсолутниот дух, првенствено Кјеркегор го критикува филозофскиот систем[5][6], кој сака од сите идеи и сите негови делови да направи целина, од тука произлегува и дека човекот треба да се потчини на идејата. Кјеркегор го претпочитува личниот однос на човекот кон светот, за него, основниот проблем на човекот е егзистенцијата како единечно постоење во светот. Егзистенцијата е еднократна и неповторлива, таа е конкретно постоење, испреплетена со апсурди и парадокси, со кои човекот како единка е оставен да се бори сам со себе. Никаква рационалност не може да му ја објасни егзистенцијата на човекот, ниту како тој да живее во светот исполнет со парадокси.
Егзистенцијата е секогаш она единечното, единствената реалност. Да се заклучува од мислењето кон постоењето е противречно, бидејќи мислењето навистина од реалноста го одзема постоењето и го мисли така што го укинува и го преведува во апстракција. Човекот како човек, сам по себе е егзистенција, и таквата егзистенција е несигурна, случајна, минлива, неповторлива и конечна единечност. Егзистенцијата на човекот е еднократна во својата можност. Човекот е суштество на можности, на слободата и има лична одговорност за тоа што ќе стане, каква ќе биде неговата судбина и што ќе биде тој. Со овој пристап Кјеркегор ги претставува одговорноста и потресеноста од егзистирањето. Егзистенцијата е непредвидлива, таа е парадокс, а тоа е така зошто егзистенцијата во себе содржи противречности кои се исклучуваат меѓу себе. Поради тоа човекот се наоѓа на крстопат во доживувањето на тие противречности, меѓу конечното и бесконечното, смислата и бесмисленоста, смртта и бесмртноста, човечкото и божественото. Противречностите го доведуваат човекот да се соочи со својата егзистенција како вистина, преку стравот што произлегуваат од личното соочување со животот и смртта. Кјеркегор истакнува дека човекот е суштество болно на смрт, а смртта кај човекот доведува до небиднина, и затоа само смрта може да биде сигурна за човекот. Човекот е постојано во грижа за својата егзистенција и постојано се наоѓа во ситуација на или - или, да избира, и да не знае што да прави и како тоа да го направи, и тоа кај човекот предизвикува вина, очај и грев. Поради тоа човекот се наоѓа во безизлезна ситуација и во неможност да се определи, со оглед на тоа дека му е сигурна само смртта.
При таквата егзистенција и таквите можности за избор, на човекот му остануваат само очајот, лудилото или верата. Според Кјеркегор решението од ништото е изборот на верата која е она вистинското. Но верата е реткост, бидејќи се однесува на вистинската, автентична егзистенција, која што луѓето ја избегнуваат. На патот на автентичната егзистенција се разликуваат три стадиуми. Егзистенцијата ги поминува стадиумите во форма на развој, што не се одвива постепено, туку со нагли премини од еден во друг стадиум. Естетски живот. Првиот стадиум е кога личноста им се препушта на сетилата, фантазијата, на миговните задоволства, на неповторливоста во моментот на уживањето. Идеалот на таквиот живот е Дон Жуан. Етички живот. Вториот стадиум е кога личноста постапува според должностите, во согласност со животниот повик, дејствување со етичка обврска кон другите и кон општеството со надминување на несигурноста. Идеалот на овој стадиум е Сократ. Религиозен живот. Третиот стадиум е кога животот се поставува во релација со Апсолутот, со Бога, кога човекот се откажува од себеси, се негира себеси со тоа што потиснува сѐ во него световно и се претопува во Бог. Идеалот е Исус Христос.
Според Кјеркегор личниот однос кон Бога е најзначаен. Верата е единствениот спас на човекот. А само со вистинската, личносна вера во Бога се надминува стравот од минливоста. Овој премин кон Бога е придружен со болка и страдање, а со тоа и промена на целокупниот живот на човекот. Луѓето многу ретко го достигнуваат овој стадиум, затоа што луѓето многу ретко егзистираат како вистински, слободни и одговорни личности. Кјеркегор истакнува дека секој го промашил својот живот, ако не стане свесен дека е дух кои стои пред Бога. Само личниот однос кон Бога како лична вера во Бог е единствениот вистински начин да се најде смисла на егзистенцијата. Верата е приватен, личен однос кон Бога затоа што сите животни проблеми се поединечни. И секој човек мора да го најде својот личен пат кон верата во Бога. Вистинската религиозност на поединецот се покажува со поимот повторување. Тоа значи дека христијанинот мора да ја повтори самиот во себе целокупната содржина на вистинската вера. Без таков личен, свој пат не може да се биде религиозен, судбината на Спасителот треба секој во себе да ја повтори. Зашто само со повторување може да се негира вредноста на надворешниот свет, без повторувањето единката ќе го изгуби своето Јас и нема да биде сопствена егзистенција и автентичност. Кјеркегор сметал дека црквата и официјалното христијанство се приспособиле на светот и на неговите празни вредности. Со самото тоа, Црквата го изневерува христијанството. Притоа Кјеркегор протестирал дека Црквата наместо да ја воспостави верата, таа понудила сигурност, наместо личното барање на верникот, таа го воспоставила учењето молитиви на памет.[7]
Кјеркегор во 19. век бил заборавен, но во 20. век бил откриен како прв филозоф на егзистенцијализмот. Неговото влијание широко се чувствува во книжевноста (Ибзен, Стриндберг, Рилке и др.), во филозофијата и во современата теологија. Денес, Данска го слави како свој најголем филозоф, а во протестанската теологија е еден од највлијателните современи филозофи на религијата.
Големото влијание на Кјеркегор е забележливо во творештвото на американскиот писател Џон Апдајк, кој во една прилика напишал: „... едно време, за сите мои книжевни дела мислев како на илустрации на Кјеркегор“.[8]
Голем дел од своите дела Кјеркегор ги пишува под псевдоними, особено во првата фаза како и првите дела од втората фаза на неговото творештво. Тие претставуваат различни начини на размислување кај самиот Кјеркегор. Кјеркегор пишува на овој начин, со цел да спречи, неговите дела да бидат третирани како филозофски систем со систематска структура. Кјеркегор притоа истакнува дека:
„ | Во делата со псевдоним, не постои еден единствен збор што е мој. Немам мислење за овие работи, освен како трето лице, без знаење на нивното значење, освен како читател... [10] | “ |
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.