From Wikipedia, the free encyclopedia
Аристотел (грчки: Αριστοτέλης; 384 — 322 пне.)[1] — филозоф и научник роден во македонскиот град Стагирa, на полуостровот Халкидик, недалеку од денешното село Казанџи Маала. Неговиот татко, Никомах, умрел додека Аристотел сè уште бил дете, за подоцна Проксен да стане негов старател.[2] На осумнаесет години, тој се придружил на Платоновата академија во Атина и останал таму сè до неговата триесет и седма година (приближно 347 п.н.е.). Неговите дела покриваат многу теми меѓу кои: физика, биологија, зоологија, метафизика, логика, етика, естетика, поезија, театар, музика, реторика, лингвистика политика и, кои претставувааат првиот сеопфатен систем на европската филозофија. Набрзо по смртта на Платон, Аристотел ја напуштил Атина и по барање на Филип II Македонски, го подучувал Александар Велики почнувајќи од 343 година п.н.е.[3] Според Енциклопедија Британика, „Аристотел бил првиот вистински научник во историјата... секој научник му е нему должен."[4]
Аристотел | |
---|---|
line-height:1.25em | |
Роден(а) | 384 пр. н.е. padding-top:0;line-height:1.4em |
Починал(а) | 322 п.н.е. (aged 62) Евбеја, Македонско Кралство |
Период | античка филозофија |
Подрачје | западна филозофија |
Школа | перипатетичари, |
Претежна дејност | биологија, зоологија, физика, метафизика, логика, етика |
Значајни идеи | Златна средина, Аристотелова логика, силогизам, хексис, хиломорфизам, Теорија за душата. |
Влијаел врз
|
Александар го посетувал Аристотеловото училиште во тогашниот град Миеза наречено Миески нимфеј, западно од денешното село Копаново, Негушко. Подучувањето на Александар во му донело многу можности и изобилство на материјали. Тој основал библиотека во Ликеј којашто овозможила објавување на стотици негови книги. Фактот дека Аристотел бил ученик на Платон придонел за неговите поранешни погледи за платонизмот, но по смртта на Платон, Аристотел се впуштил во емпириски проучувања и се пренасочил од платонизмот кон емпиризмот.[5] Аристотеловото гледиште за природните науки претставува основа на многу од неговите дела.
Аристотеловото гледиште за физичката наука длабоко влијаело на средновековната мисла. Влијанието се провлекло и во ренесансата и не било систематски заменето сè до просветителството и теориите како класичната механика. Некои од Аристотеловите зоолошки набљудувања, како што е хектокотилната (репродуктивна) рака на октоподот, не биле потврдени или одбиени сè до XIX век во нововековната наука. Во метафизиката, аристотелизмот длабоко влијаел врз еврејско-исламските филозофски и теолошки мисли за време на средниот век и подолжил да влијае врз христијанската теологија, особено схоластичката традиција на католичката црква. Аристотел бил добро познат помеѓу средновековните муслимански интелектуалци и почитуван како „Првиот учител“ (арапски: المعلم الأول).
Неговата етика, иако секогаш влијателна, се здобила со голем интерес со современото доаѓање на доблесната етика. Сите гледишта на Аристотеловата филозофија остануваат да бидат предмет на активно изучување и до денес. И покрај тоа што Аристотел напишал многу елегантни расправи и дијалози, Цицерон го опишал неговиот книжевен стил како „златна река“.[6] Се смета дека само третина од неговиот труд е зачувана.[7]
Аристотел, чие име значи „најдобрата цел“,[8] се родил во 384 пне. во Стагира (кај денешно Казанџи Маала), Халкидик, окулу 55 км источно од денешен Солун.[9] Неговиот татко Никомах бил личен лекар на Аминта III Македонски. Иако малку се знае за детството на Аристотел, тој веројатно поминал некое време во македонската палата, запознавајќи се за првпат со македонската монархија.[10]
Кога имал осумнаесет години, Аристотел отпатувал во Атина за да го продолжи своето образование во Платоновата Академија. Тој таму останал речиси дваесет години пред да ја напушти Атина во 348/47 година пне. Традиционалната приказна кажува дека неговото заминување се должи на разочарувањето од предавањето на Академија во рацете на внукот на Платон, Спевсип, иако е можно тој да стравувал од антимакедонските чувства и заминал пред да умре Платон.[11]
Потоа Аристотел го придружувал Ксенократ до судот на својот пријател Хермиј во Мала Азија. Таму, тој патувал со Теофраст до островот Лезбос, каде заедно ја истражувале ботаниката и зоологијата на островот. Аристотел се оженил со Питија, посвоена ќерка или внука на Хермиј. Таа му родила ќерка, кои исто така ја именувале Питија. Набрзо по смртта на Хермиј (кому му подигнал олтар)[12], Аристотел бил поканет од Филип II да биде учител на неговиот син Александар Македонски во 343 година п.н.е.[3]
Аристотел бил назначен за глава на Македонската кралска академија. Во тој период тој предавал не само на Александар, туку и на двајца други идни цареви: Птоломеј и Касандар.[13] Аристотел го охрабрил Александар за источното освојување и неговиот однос кон Персија бил непоколебливо заштитнички настроен кон грчките соседи. Во еден популарен пример, тој го советува Александар да биде „водач на Грците и деспот на варварите, да се грижи за едните како за што се грижи за неговите пријатели и роднини и да се справи со другите како со ѕверови и растенија“.[13]
Во 335 година пне, Аристотел се вратил во Атина, основајќи своја школа таму позната како Лицеј. Аристотел држел предавања во школото наредните дванаесет години. Додека бил во Атина, неговата жена Питија умрела и Аристотел стапил во односи со Херпилиса,[14] која му родила син кого го именувал по неговиот татко, Никомах. Според енциклопедијата Суда, тој исто така имал и љубовник, Палаефат.[15]
Периодот додека бил во Атина, помеѓу 335 и 323 година пне, се смета за период во кој Аристотел создал моногу негови дела.[3] Тој пишувал многу дијалози од кои само делови се зачувани. Оние делови кои се зачувани се трактати и не биле наменети за распространето објавување. Општо се смета дека биле помагала на неговите ученици при предавање. Неговите најважни трактати се: Физика, Метафизика, Никомахова етика, Политика, За душата и Поетика.
Аристотел не само што го проучувал речиси секој предмет што е можно, туку и дал огромен придонес за повеќето од нив. Во физичката наука Аристотел изучувал анатомија, астрономија, ембриологија, географија, геологија, метеорологија, физика и зоологија. Во филозофијата, тој пишувал за многу предмети како што се: естетика, етика, власт, метафизика, политика, економија, психологија, реторика и теологија. Тој исто така го проучувал образованието, странските обичаи, книжевноста и поезијата. Неговиот севкупен труд претставува виртуелна енциклопедија на грчкото знаење.
При крајот на неговиот живот, Александар и Аристотел биле странци во поглед на односот на Александар со Персија и Персијците. Широко позната традиција во антиката искажува сомнеж дека Аристотел е поврзан со смртта на Александар, но постојат малку докази.[16] На пример, Плиниј го обвинил Аристотел дека го отрул Александар.[17]
По смртта на Александар, антимакедонското расположение во Атина се вратило. Во 322 година пне, Евримедон Хиерофантски го осудил Аристотел затоа што не ги чествувал боговите, принудувајќи го да избега на семејниот имот на неговата мајка во Халкида, објаснувајќи: „Нема да дозволам Атињаните двапати да направат грев против филозофијата“,[18][19] – обраќање кон Атињаните пред пресудата и погубувањето на Сократ. Тој починал во Евбеја од природна смрт, назначувајќи го неговиот студент Антипатар за главен извршител и оставил тестамент во кој барал да биде погребан до неговата жена.[20]
Чарлс Болдштајн тврди дека гробот на Аристотел се наоѓа на светиот пат меѓу Халкида и Еретрија и дека содржи две игли за пишување, перо, печат-прстен, теракота како и тоа што би требало да биде, земјени остатоци од Аристотел во форма на черепни остатоци.[21]
Во глсвно, деталите за животот на Аристотел не се добро осознаени. Биографиите за Аристотел напишани во древните времиња се често шпекулативни и историчарите се согласуваат само за неколку клучни точки.[22]
Аристотеловата логика е заснована врз законот на идентитет („А е А“), на законот на противречноста („А не е не-А“) и на законот на исклучување на третото („А не може да биде А и не-А, ниту А ни не-А“). Таквото гледиште е изложено јасно во следнава реченица од неговото дело „Метафизика“ (1005б): „Невозможно е едно исто истовремено да му припаѓа и да не му припаѓа на истото и во истата смисла. И ако другите одлуки можеме да му ги додадеме на тоа начело за да им се спротивставиме на дијалектичките приговори - да го направиме тоа. Според тоа, тоа е најсигурното од сите начела...“[23]
Како и неговиот учител Платон, филозофијата на Аристотел се стреми кон универзалното, односно општоста. Онтологијата на Аристотел, универзалното го гледа во поединечните нешта, кои тој ги нарекува суштината на нештата, додека во Платоновата онтологија, универзалното постои независно од поединечните нешта и е поврзано со нив како нивен прототип. За Аристотел, епистемологијата е основана врз проучувањето на поединечни феномени и достигнува до познавањето на суштината, додека за Платон епистемологијата започнува со знаењето за поединечни копии на истите. За Аристотел, „формата“ сè уште ја означува безусловната основа на појавата, но „посочува“ кон поединечната материја. Во појасна смисла, Аристотеловиот метод е истовремено индуктивен и дедуктивен, додека оној на Платон е првенствено дедуктивен поради а priori принципи.[24]
Делото „Никомаховата етика“ е посветено на Никомах, синот на Аристотел со неговата втора жена, кој и самиот се занимавал со философија. Во оваа книга, Аристотел го нарекува човекот „општествено животно“ кое не може да живее без другите луѓе. Според тоа, постојат некои закони кои го врзуваат еден човек со друг, а потоа, по тие закони постои и општеството. Оттука, во инстинктите на човекот не е војната, туку дружењето со луѓето. Пријателството има три мотиви: пријатно, добро и корисно, а оттука има три вида пријателства: поради дружење, од добрина и од користољубие. Последново чувство е од најнизок вид, егоистично и минливо и содржи исто толку омраза колку и љубов, поради што не може да биде предмет на етиката. Потоа, исто како Сократ и Хесиод, и Аристотел го поставува прашањето: дали меѓу себе се сакаат сличните и сродните луѓе или, пак, несродните? Аристотел одговара дека е потребна сличност меѓу пријателите, зашто е потребна силата на нагонската љубов, а не само моќта на размислувањето. Според него, пријателството има моќ да изедначува, да ги прави луѓето слични и сродни. Затоа, пријателството е основа на секоја правда, најголем закон во општеството и единствената можност за живот во заедница. Поради тоа, и законодавците го ставаат пријателството над правото. Понатаму, постои и пријателство кон себе, кое е или лошо или добро. Тоа е добро само ако човекот во себе го сака она што е највисоко: разумот. Етиката, пак, е наука за пријателството и сите човечки закони прават еден голем законик на срцето и пријателството.[25]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.