Remove ads
македонски сликар From Wikipedia, the free encyclopedia
Никола Мартиноски (Крушево, 18 август 1903 - Скопје, 7 февруари 1973) — истакнат македонски уметник и академик и една од најважните личности за развојот на македонската култура во XX век.[3] Роден е во Крушево во 1903 година, дипломирал на Школата за убави уметности во Букурешт, Романија во 1927 како најдобар студент за таа година. Во 1927 и 1928 година престојувал во Париз каде ги посетува Академи де ла Гранд Шомјер (Académie de la Grande Chaumière) и Академи Рансон (Académie Ranson).
По враќањето во Македонија, освен воведувањето на европските модерни сликарски тенденции карактеристични за Париската школа на овие простори, тој се истакнувал и со својата општествена активност. Мартиноски е иницијатор и раководи со формирањето на Средното ликовно училиште во Скопје, Друштвото на ликовни уметници, Уметничката галерија во Скопје или денес позната како Национална галерија на Македонија, учествува во формирањето на Македонската академија на науките и уметностите, институции кои и денес се основни носечки елементи на македонскиот културен живот. Неговите уметнички дела се наоѓаат во колекциите на повеќе музеи и галерии, како и во голем број приватни колекции во земјата и во странство.
Мартиноски имал повеќе самостојни изложби пред и по војната. Првата изложба била во 1929 во Скопје, а потоа следувале изложби во Белград, Загреб, Љубљана, Париз, Дижон и во други места. Групно излагал во многу европски земји и во земјата со слики, цртежи и графики, како на пример на изложбата „Уметноста на тлото на Југославија“ во Париз во 1971 година и слично. Пред војната изработил и неколку мурали во Скопје.
Никола Мартиноски е роден на 18 август 1903 година во Крушево, како Николаче Мартин - едно од четирите деца на угледното и богато Влашко семејство на Коста и Анушка Мартин.[4] Сè до 1930, неговото презиме е Мартин или Мартини. Тоа е периодот на Илинденското востание, кое останало запаметено како херојска и нееднаква борба на Македонците против петвековното ропство наметнато од страна на Отоманското Царство.
Во 1906 година семејството Мартин се преселило во Скопје. Градот бил мало турско провинциско гратче во кое, сепак, постоеле знаци на економски, политички и културен живот. Никола Мартиноски го започнал своето образование во романското основно училиште во Скопје (1910), а во средното српско училиште во Скопје (од 1918 до 1920 година) почнал да покажува интерес кон цртањето. Во 1919 година, заедно со Томо Владимирски, работел во ателјето на последниот македонски зограф Димитар Андонов Папрадишки и тука Мартиноски и Владимирски како помошници усвоиле некои знаења од иконописот и сликарството.
Иако по смртта на Коста Мартин во 1919 финансиската состојба на семејството не била добра, Никола Мартиноски успеал да го продолжи своето образование во Букурешт па така од 1920 до 1927 година тој ја посетувал Школата за убави уметности. Ги следел курсевите по цртање, декоративна уметност и сликање, кај професорите Георге Миреа и Камил Ресу, и скулптура кај професор Димитрие Пачуреа. На крајот од школувањето Мартиноски бил награден со прва награда за сликарство. Во Букурешт, Мартиноски го следел и тамошниот богат културен живот.
По студиите, тој за кратко останал во Скопје, каде веднаш зел учество во уметничкиот живот на градот, кој до 1927 година бил сосема неразвиен. Таа година Димитар Пандилов и Лазар Личеноски ги имале своите први самостојни изложби, а заедно со Мартиноски излагале и на една групна изложба.
Престојот во Париз, од 1927 до крајот на 1928 година, е најважниот момент и пресвртница во уметничкиот развој на Мартиноски. Таму тој ги посетувал познатите академии Гранд Шомјер и Рансон. Негови професори биле Роже Бисјер, М. Кислинг и Амаде де ла Пателер.
Мартиноски се вратил во Скопје на крајот од 1928 година. Политичката, општествената и културната состојба во Македонија, во рамките на Кралството Југославија во тоа време била многу лоша. Назадувањето на економскиот и општествениот живот во Македонија (поради големата светска економска криза и кралскиот диктаторски режим, воведен на 6 јануари 1929), имало особено негативно влијание врз културата и уметноста. Сепак, од политички причини, српските власти, кои се обидувале да го денационализираат македонскиот народ, дозволиле одделни научни и културни активности во Скопје кое во тоа време било главен град на таканаречената Вардарска бановина. Тука во триесеттите години, се одржувале групни и самостојни изложби главно на македонски уметници, но имало и гости од другите делови на кралството. Мартиноски имал неколку самостојни изложби во Скопје, а треба да се спомене дека освен првата (1929), сите други (1930, 1931, 1935, 1936, 1938 и 1939) биле организирани од новооснованото друштво на пријателите на уметноста „Јефимија”. Освен во Скопје, Мартиноски самостојно изложувал и во Белград (1931, 1932) и Загреб (1936, 1937), а учествувал и на повеќе групни изложби во Југославија и надвор од неа (Прага, Софија, Солун или Рим) како член на белградската група „Облик”. Пред Втората светска војна, Мартиноски сликал, цртал, работел на илустрации за книги, а посебно се интересни неколкуте негови ѕидни декорации кои ги изработил во триесеттите години. Една сезона (1939 - 1940) бил и хонорарен сценограф во Скопскиот театар.
Напишал неколку написи за уметничкиот живот во Скопје и редовно се дружел со исклучителни личности од тогашниот културен живот кои со голем интерес го следеле неговото творештво.
За време на Втората светска војна, под германската и бугарската фашистичка окупација (1941-1944), првите две години Мартиноски живеел во Скопје. Тогаш не создавал многу, бил невработен и ја почувствувал бугарската политика на тотално духовно и национално угнетување на Македонците.[1] Во 1942 година, Мартиноски имал самостојна изложба во Скопје, а зел учество и на неколку групни изложби. По 1943 година, тој се повлекол во своето родно Крушево. Веднаш по ослободувањето на градот, се вклучил во различни културни и пропагандни активности за потребите на Генералштабот на НОВ и бил испратен во Прилеп.
По ослободувањето на Скопје (13 ноември 1944), Мартиноски се вратил и го основал денешното Училиште за применета уметност и бил негов прв директор сè до 1949 година, кога станал директор на новооснованата Уметничка галерија – Скопје (денес Национална галерија на Македонија). Во 1945 година Мартиноски се оженил и имал 2 сина. Двапати бил избран за народен пратеник во федералното собрание на Југославија, а неколкупати бил претседател на ДЛУМ (Друштво на ликовните уметници на Македонија). Неговите дела биле изложени и на првите повоени изложби во Југославија и странство.
Во педесеттите години тој имал повеќе самостојни изложби на цртежи и слики во земјата и странство. Мартиноски често патувал и бил во допир со најновите тенденции во светската современа уметност. Во шеесеттите имал неколку самостојни изложби во Скопје и Белград, а учествувал и на неколку групни изложби во Југославија и странство, вклучувајќи ја и големата изложба на југословенска уметност „Од праисторијата до модерната” во Париз, во 1971 година.
Сè до неговата смрт Мартиноски бил директор на Уметничката галерија - Скопје, а во 1967 година станал и редовен член на Македонската академија на науките и уметностите. Добил Награда за животно дело (1964) и Наградата АВНОЈ (1967). Во 1968 година, во Крушево, беше основана Галеријата Никола Мартиноски, со повеќе дела кои тој му ги подарил на својот роден град. Мартиноски бил близок со најистакнатите личности од научната, политичката и уметничката сфера. Имал многу почитувачи и колекционери во Македонија, поранешна Југославија и во странство. Бил креативно активен, сè до неговата ненадејна смрт, на 7 февруари 1973 година.
Никола Мартиноски покажал интерес за цртањето уште за време на неговите први училишни години во Скопје. Научил многу во работилницата на последниот македонски зограф Димитар Андонов Папрадишки, а до 1920 година Мартиноски ги создал своите почетнички дела, главно со мотиви позајмени од разгледници во боја.
Во Школата за ликовни уметности во Букурешт, Мартиноски се здобил со целосно професионално образование. Се запознал со романската уметност од тоа време која меѓу другото била и под влијание на извесни склоности кон експресионизмот. Во овие школски години Мартиноски создал неколку дела кои се важни за неговиот развој како уметник. Започнал со разубавени портрети, а завршил со ликови направени со усогласени ликовни експресии како на пример „Портрет на романски Циганин” или „Глава на дете”. За сликата „Женски акт”, работена под влијание на Камил Ресу, Мартиноски ја добил првата награда за сликарство на самиот крај на неговите студии. Ова дело се одликува со сигурен и цврст цртеж и продлабочени, благо степенувани темноокерни бои.
Престојот на Мартиноски во Париз е од особено значење за развојот на неговото творештво. Во тоа време таму биле оформени низа модерни уметнички правци. Како посебно влијателна се издвојува група на уметници со еврејско потекло кои во Париз емигрирале по Првата светска војна, а ние денес ги препознаваме под поимот Париска школа. Во така комплексна креативна средина, Мартиноски покажал особен интерес за сликањето на Модиљани, Сутин, Кислинг и Паскен. Се запознал и со францускиот, германскиот и фламанскиот експресионизам, со уметноста на А. Дерен и Пабло Пикасо. Нивното влијание е очигледно во неговиот „париски период” и неколку години потоа, што е од несомнена важност за развојот на сето современо македонско сликарство. Со два пејзажи кои денес не се познати, Мартиноски зел учество на изложбата на југословенските уметници во Париз во 1928 година. Тука тој користејќи ги новоздобиените сознанија и под влијание на париските примери создал и други слики: „Глава на жена”, „Женски акт со шапка”, „Дама со мачка” и „Шахисти” и др.
Од 1929 до 1944 година Мартиноски доживеал мошне сложен и хетероген творечки развој. Патот од специфичните форми на експресионистичко изразување, испреплетените искуства стекнати во Париз, па сè до изградбата на творештво чии реалистички стилски белези се означени со многу елементи на социјалната уметност бил доста сложен и поминал низ неколку карактеристични фази, кои мошне логично и континуирано се вградуваат една во друга.
Овој период е важна етапа за целата идна уметничка кариера на Мартиноски. Неговата улога на македонската сцена е заснована на уметниковото стремење кон современите текови и обидот да ги надмине ограничувањата наметнати од времето и средината во која живеел. Првата самостојна изложба на Мартиноски била одржана во февруари 1929 година. Меѓу другите, тој ги изложил сликите во масло: „Мртва природа”, „Седната Циганка”, „На пазар”, „Берачки на јаболка 1” и „Берачки на јаболка 2”. Во нив уметникот ги прифатил импресионизмот, кубизмот и експресионизмот, се стремел кон геометриско упростување и декоративност, со прилично студено нивелирани бои.
„Портретот на младиот филозоф” претставува почеток на нов вид изразување на Мартиноски, обликот на главата е овален, деталите на лицето се манирично подвлечени, формата на телото е вретенесто обликувана и обла. Сите овие одлики се блиски до стилот на Модиљани, но присутна е и блискост со естетиката на македонските средновековни икони. Во творештвото на Мартиноски се појавиле и слики со симболични и метафорични мотиви во кои тој станал поблизок до некои од уметниците на Париската школа и уште поусогласен со германскиот експресионизам, со симпатијата за лошата општествена и етичка состојба на луѓето. Овие дела на Мартиноски биле специфични и во рамките на југословенската уметност. Нивна единствена врска може да се пронајде во творештвото на некои членови на прогресивната хрватска група „Земја”, особено на сликарот Игњат Јоб.
Многу од делата на Мартиноски од почетокот на триесеттите години претставуваат сцени од кафеанскиот живот или пак се поврзани со проституцијата. Користејќи го искуството на други уметници, Мартиноски ги деформира, дури и ги карикира фигурите за да ја нагласи бруталноста на мотивите на кои работи. Сликите „Доилка” и „Композиција - Мајка со дете” (1929/30), се дадени со слободни контури на фигурите и пејзажите, со еден вид експресионистичка тензија. Сликата „Кафеана 1” (1930) е смело „измешана” и преполнета композиција. Формите на женските и машките фигури се дадени со нервозни, раздробени потези, со забележлива кубистичка и експресионистичка инспирација.
Во 1930 година, Мартиноски ги создал сликите во масло „Девојче со плетенки” и „Портретот на Олга”. Цврстите форми, силните контури и празните светли подлоги, одделно ја нагласуваат кубистичката структура на сликите. Тогаш настанала и гипсената „Фигура на жена”, единствената зачувана (сега мошне оштетена) скулптура на Мартиноски, со здржаната изразност и патос на позата, блиска е со сликите од истиот период.
Во 1930 година, Мартиноски насликал и две платна со религиозни мотиви: „Распнатиот вечен син” (уништена) и „Под распетие”. Во второто, видливите рабови на фигурите градат обли форми со испрекинати движења, драматично и грубо предадени. Ликовите се вулгарно упростени, а боите се рафинирани и јасно распределени. Во 1931 година, Мартиноски имал две самостојни изложби и зел учество во неколку групни изложби во Скопје и Белград. Неговите дела се смела потрага по уметничка поединечност, втемелена на париската инспирација и експресионизмот. Таа година ги насликал „Пејзаж од Скопје” и „Пејзаж од Соко Бања”, со извиени, грчевито поставени потези и смело деформирани облици. Го насликал и својот „Автопортрет”, впечатлива синтеза на посткубизмот и рафинманот на Модиљани. Во симболичната композиција „Семејство”, три фигури (маж, жена и дете) се предадени на гола заднина во кубистички и експресионистички манир, со нагласена маса на облиците и поедноставени детали на лицата. Од друга страна сликите „Госпоѓица Арети”, (1931), „Порок” (1931/32), „На дното” (1931/32), „Во кафеана 2” (1932), се голи или облечени машки и женски фигури, во кафеана или некоја друга средина кај кои телата се цилиндрично заоблени или „скршени”, со кубистички деформирани облици кои наликуваат на кукли или марионети, потсетуваат на делата на Пикасо, Грос, Дикс, Кислинг, но ја сугерираат и врската на Мартиноски со македонската уметничка традиција. Во пејзажот „Еврејско маало во Скопје” (1932) збиената композиција е претставена во кубистички третман со геометриско поедноставување на деталите. На крајот на овој период, Мартиноски создал многу цртежи кои во мотивите (особено оние социјалните) и третманот, впечатливо го следат развојот на неговото сликарство.
До 1933 година, творештвото и изложбите на Мартиноски го најавиле крајот на периодот на влијанијата на францускиот и германскиот експресионизам. Во 1933 година, во скопска приватна куќа, Мартиноски ги направил своите први две фрески. Едната од нив е комплетно уништена, a другата („Шумадиска идила”), со своите пасторални мотиви и со третманот ја покажува авторовата тенденција кон благо заоблени форми, грациозни движења и деликатна стилизација на сите детали. Ваквите тенденции се забележливи во многу женски фигури од тоа време.
„Циганска свадба” (1933) е динамична композиција со повеќе седнати фигури и разработени етнографски, социјални и психолошки детали. Тука третманот е речиси реалистичен, а во некои портрети обработката е експресивна и претставува издолжени, речиси аскетски ликови. Во 1934 година, Мартиноски излагал, со групата „Облик” во Софија и Прага. Критиката укажала на експресивната уметност на Мартиноски, на неговиот модернизам, споен со инспирациите од македонската уметничката традиција. Тие експресионистички одлики се забележливи и во неговите илустрации за книгата на Растко Пуриќ „Наличја”. Тука социјалните мотиви се изработени со карикатурална деформација на облиците, забележлива и во „Портретот на Растко Пуриќ”.
Во сликата „Мајка со дете” (1934), драматичната и патетичната изразеност е особено нагласена, слична со е уметноста на Сутин, а повторно е забележлива и силната врска со македонските икони. Во другите женски ликови, формите се обли, рафинирано изработени, под забележливо влијание на Кислинг. Овие настојувања се согледани и во 1935 година, на самостојната изложба на Мартиноски во Скопје, неговиот експресионизам сега е стивнат, интересот за социјалните мотиви останал, но типични се лирските и поетични експресии. Два пејзажа од 1935 година без сомнение се меѓу најдобрите предвоени слики во Македонија. Таа година настанале и тринаесетте смело замислени, сега уништени, мурали во кафеаната „Океан”. Овие симболични и еротски сцени биле полни со рафинирана сензуалност, елегантно стилизирани и извиткани форми, блиски до некои од делата на Матис и на одделни германски експресионисти.
До 1936 година, уметничката личност на Мартиноски дефинитивно созреала. Тој и понатаму ќе ги бара своите главни мотиви и модели во циганските маала во Скопје, откривајќи ја општествената реалност на предвоена Македонија.
Годините до почетокот на Втората светска војна биле обележани со интензивна активност на Мартиноски. Во 1936 и 1937 година, тој излагал цртежи во Загреб заедно со хрватскиот уметник Томислав Кризман. Неговите лирски и реалистични дела на социјални мотиви критиката ги прогласи за „прогресивна уметност”. На скопската изложба на Мартиноски (1936), видлив бил и неговиот интерес за општествената средина која го опкружувала, предадена со „екстремни, импресивни ликовни средства”. Во оваа фаза на лирски реализам, Мартиноски предал слики на сиромашно облечени момчиња и девојчиња со милозливи, носталгични лица и убаво обликувани тела и глави. Најспецифични цртежи на Мартиноски се илустрациите во книгата „Работнички југ” на Р. Пуриќ каде покрај мотивите на „Мајка со дете”, портретирани се резигнирани машки и женски фигури, со чисти линии и без несуштински детали.
Во 1936 година, во приватна куќа во Скопје, Мартиноски ја создал и фреската „Пасторала” (или „Селска идила”) со декоративен третман на композицијата, во неговиот претходно разработен стил, близок на Модиљани. Наредната 1937 година, Мартиноски излагал со „Облик” во Рим и Солун. Тогаш настанала „Невеста”, инспирирана од Кислинг и од низа средоземни поттици, изработена со милозливо, деликатно обликувано лице, издолжено и благо опуштено тело.
До 1941 година, во делата на Мартиноски се развил еден вид социјален реализам, како израз на симпатијата кон сиромашните и како вистински одраз на животот. На неговата самостојна изложба во 1938 година, уметноста на Мартиноски била класифицирана како реалистична и тој бил наречен „голем македонски сликар”. Од таа година датираат неколку типични дела: „Питач”, во партали и со превез над десното око, „Малиот ерменски емигрант” и „Албанец”, кои претставуваат млади момчиња, со „слатки лица” и деликатен третман, сличен на оној во „Невеста” од 1937 година.
Со својата самостојна изложба во 1939 година, Мартиноски продолжил да ја следи оваа тенденција кон социјалниот реализам. Претставувајќи мајки со деца, момчиња и девојчиња, тој често пренагласувал некои детали за да искаже страдање и човечка резигнација. Така во сликата „Дедо и внука” (1940) личностите се портретирани со укажување на горчината на тешкиот и нерадосен живот, а во неколку „мајки со деца” и „доилки”, социјалните и психолошки моменти понекогаш се натуралистички нагласени. Поимпресивни резултати уметникот постигнал во претстави на полуголи девојки и многубројни портрети на деца или момчиња. Мартиноски тогаш насликал и неколку мртви природи кои се меѓу најдобрите негови дела од овој вид. Цртежите и понатаму го следеле реалистичкиот правец, движењата се впечатливо предадени со фина, тенка линија и типична физичко-емоционална обработка на физиономиите.
За време на војната творештвото на Мартиноски стилски ја следело претходната експресивно-реалистичка ориентација. Така, во платното „Коледари” (1941), сиромашно облечени девојчиња се дадени во зимски пејзаж, во духот на предвоената социјална уметност со типични деформации и неизразни бои. Во овие години, прво во Скопје, а потоа и во Крушево, Мартиноски портретирал неколку момчиња и девојчиња, роднини и пријатели, каде рутински го следел својот предвоен период. Тоа е видливо и во неколку пејзажи и цртежи од тоа време. По ослободувањето на Крушево, Мартиноски, покрај новите обврски во политичката агитација и пропаганда, изработил неколку дела тематски врзани за НОВ, реалистичниот „Партизан”, серија цртежи со мотиви од партизанскиот живот и борба, каде со убави, цврсти линии ги предава типичните личности и ситуации, како и монументалните и горди ликови.
Повоеното творештво на Мартиноски се развивало во неколку фази, паралелно со динамичните историски промени во Македонија во тоа време, но и во битна врска со личниот живот на уметникот. Првата фаза е под влијание на социјалистичкиот реализам и трае до 1950 година. Тогаш Мартиноски воглавно го следел своето претходно творештво, со промени предизвикани од новите творечки состојби во повоениот период. Така во 1945 година, критиката ја нагласила мајсторската вештина на Мартиноски, но барала од него да ја усогласи својата уметност со принципите на социјалистичкиот реализам, јасна тематска определеност, реалистичен пристап кој не дозволува голема слобода на изразот.
На почетокот на овој период, Мартиноски продолжил да ги слика познатите мотиви како „Мајка со дете”, „Ученикот Диме”, „Бремена жена” итн. Во 1946 година се појавиле слики со идилични и пасторални мотиви, сцени со жетви, ора и слично, предадени со сентиментални и нежни стави. Многу портрети од тоа време се третирани со нервозни потези, без разработка и рафинман. Цртежите на Мартиноски од овој период ја имаат и понатаму истата вредност како и претходните цртачки дела. Во 1947 година тој го насликал „Ударник” на реалистичен начин, со масивен и остар цртеж и наметливо спротивставени бои, а во некои тогашни темпери и цртежи, Мартиноски претставил мотиви од доброволни работнички акции и од НОВ, рутинирано, без креативна длабочина. Тука се и маслата „Илинден”, „Портрет на Гоце Делчев”, потоа неколку слики со тековни политички мотиви, серијата темпери со мотиви на партизански колони, пренесување на ранети итн.
Делата на Мартиноски од 1950 година покажуваат дека тој постепено ја менувал својата ориентација, но сè уште останал во рамката на реализмот. Така, во „Автопортрет” (1949/50), со студени бои, но користени слободно и грижливо, тој убедливо ги претставил физиономските и психолошките одлики на сопствената личност. Цртежите на Мартиноски од овој период претставуваат поединечни фигури или групни композиции, третирани со сигурна и вешта реалистичка постапка.
Во периодот од 1950 до 1951 година, Мартиноски се обидел да ја обнови продукцијата на својата уметност, која во фазата на социјалистичкиот реализам значително опаднала. Во педесеттите години во Југославија се создаваат можности и предуслови за постепено освојување на творечката слобода во уметноста. Тогаш Мартиноски имал неколку самостојни и една ретроспективна изложба, а учествувал и на повеќе групни изложби во Југославија и странство. Неговиот интерес за новите насоки во современата светска уметност и за процесот на модернизација на македонската уметност влијаел врз неговото творештво и неговата личност, со што на некој начин го довел до преобразба на сопствениот изразен систем.
Една од темите кои Мартиноски често ги обработувал во овој период се сцени од секојдневниот живот, дадени со повеќе фолклорни одлики. Машките и женските фигури ги претставил во народни носии, неизнасилено, но без особени амбиции. Се изделува големото масло „Тешкото” (1952/54), со типични играорни чекори, вешто и рутинирано предадени. Потоа следуваат и низа слики со „мотиви од Крушево” каде пореалистичниот третман е забележлив во првите дела, а експресионистичкиот во подоцнежните. Во некои од овие дела посебно интересни се приказите на личности и обичаи од крушевската средина како „визити”, „свадби”, „слави” и сл. Овие сцени со многу фигури во народни или модерни облеки, се сместени во крушевските куќи, со сите нивни специфични детали. Уметникот се чувствувал приврзан кон овие луѓе и кон нивната средина, но сепак ги прикажува со блага иронија и ликовна слобода, понекогаш доближена до карикатуралност.
Во педесеттите години Мартиноски создал многу цртежи и слики во стилот на „симболичниот експресионизам”. Посебно се истакнуваат цртежите настанати помеѓу 1952 и 1954 година. Мартиноски тука ги искажал своите ставови за некои филозофски, морални и социјални проблеми на тоа време, за неговите симпатии кон луѓето, неговите еротски визии, а преку модерен уметнички израз го споил своето предвоено експресионистичко искуство со поттици од Грос, Паскен, Шагал и германските експресионисти. Некои од цртежите на Мартиноски се во блиска врска so византиската естетика, а други со симболизмот и надреализмот. Еротското, како лирска авантура и драма на страста, е присутно во многу цртежи на Мартиноски, а тука е и митолошкиот феномен, но за да предаде некои современи проблеми преку фантазијата и симболизмот Мартиноски никогаш не користи директни и вулгарни асоцијации. Овие цртежи биле придонес за целата југословенска уметност од тоа време. Мартиноски постепено ја менувал својата внатрешна тензија. Така, во цртежите од 1956, 1957, 1958 и 1959 година, внел аглести конструкции и деформации, кубистичка изразност и фантазија во композицијата, невообичаените, драматични и смели позиции на фигурите во просторот или грациозните, рафинирани и извиткани облици, се особено забележливи од 1959 до неговата смрт во 1973 година. Некои од маслата (1954-1955), изложени и во САД, му припаѓаат, исто така, на периодот на „симболичниот експресионизам” на Мартиноски, полни со сензуална и идилична атмосфера, слобода или фантазија во изразот, тие ги поврзуваат експресионистичките модели, со симболистички и надреални моменти. По 1960 година, овие тенденции се следат и во други дела на Мартиноски, особено во некои од неговите масла на стакло.
Понатамошниот развој на творештвото на Мартиноски се одликува со барање на континуитет и синтеза на сите видови на дотогашниот уметников израз. Не постои еднообразен третман на различните теми, а слободно импровизираните мотиви се многу блиску до експресионистичкиот израз.
Делата на Мартиноски од неговата последна фаза, со мотивите и стилот се блиски со неговото претходно творештво. На почетокот на шеесеттите години „мајките” и „доилките” се реалистички обработени. По 1965 година, Мартиноски трага по импресивни пози на фигурите и поубедлив ликовен третман. Потоа создал бројни дела на овој мотив каде без особени иновации го следи академскиот стил и ја нагласува звучноста на боите. Мартиноски во овој период изработил многу портрети и слободни композиции во кои често го следи експресионизмот. Посебно се истакнува „Автопортрет” (масло, 1969), кој е синтеза на фовистички и експресионистички третмани со слободно развиени форми, интензивни бои и импресивна психолошка изразност на ликот. Во многу мртви природи од овие години, Мартиноски речиси ја достигнал синтезата на експресионизмот и третманот на Сезан. Во поуспешните нагласена е масата на предметите, смелоста на редукцијата и богатството на боите.
Мартиноски во серија цртежи ја прикажал скопската трагедија од 1963 година. Тоа се поетизирани, патетични или драматични претстави, изведени со креди во боја, молив или фломастер. Во елегантни и маниристичко истанчени линии, континуирани, меѓусебно поврзани или прекршени, Мартиноски предал фигурални композиции, сместени или расфрлани во бескраен простор. Такви се (стилски) и двете масла на темата „земјотрес”, кои се негови порутински остварувања.
Никола Мартиноски имал околу 40 самостојни изложби. Од 1929 до 1971 неговите дела повеќепати биле изложувани во Скопје, Белград, Нови Сад, Загреб, Љубљана, Париз и Дижон. По неговата смрт во 1973 две комеморативни изложби со ретроспективен карактер биле одржани во Белград (1973) и Скопје (1975). Од 1975 до денес со најразлични концепти и по најразлични поводи биле организирани изложби во Скопје и други градови во Македонија.
Некои од ремек-делата на Мартиноски биле изложени и на бројни групни изложби во Скопје, Букурешт, Париз, Белград, Софија, Љубљана, Москва, Прага, Варшава, Вашингтон, Њујорк, Лугано, Град Мексико, Осло, Дижон, Лондон, Истанбул, Рим, Њу Делхи и др. Од многуте групни изложби во кои учествувал Никола Мартиноски како посебно интересни се издвојуваат:
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.