француски астроном From Wikipedia, the free encyclopedia
Никола Луј де Лакај (француски: Nicolas-Louis de Lacaille; 15 март 1713 – 21 март 1762 ) — француски астроном и геодет, откривач на 14 соѕвездија. Од 1750 до 1754 г. го проучувал небото над ’Ртот на Добрата Надеж во денешна ЈАР. Забележал преку 10.000 ѕвезди служејќи се само со многу скромен рефрактор.[1]
Никола Луј де Лакај Nicolas-Louis de Lacaille | |
---|---|
Портрет на Лакај од 1762 г. | |
Роден(а) | 15 март 1713 Римињи, Франција |
Починал(а) | 21 март 1762 49) Париз, Франција | (возр.
Државјанство | Французин |
Полиња | астрономија |
Роден е во Римињи, северна Франција. Основното образование го стекнал во Мант на Сена (денешен Мант ла Жоли). Учел реторика и филозофија на колежот „Лисје“, па потоа завршил богословија во Наварскиот колеж. Во 1731 г. паднал во беда поради смртта на татко му, кој бил чиновник на војвотката од Вандом. Согледувајќи ја состојбата, војводата од Бурбон, како поранешен работодавец на татко му, го зел младиот Лакај под своја закрила и му го платил образованието.[2]
Откако дипломирал, решил да се запопи, туку станал ѓакон и игумен. Потоа се задржал на науката, и, со покровителство од Жак Касини, добил работа како земјомер на брегот од Нант до Бајон, а од 1739 г. во премерот на францускиот меридијански лак, за што е овековечен на меѓна пирамида во Живизи на Орж. Постигнал значаен успех во оваа тешка двегодишна задача, каде ги исправил грешките на Жак Касини од 1718 г. со неговата трудољубивост и вештина. За ова бил награден со членство во Кралската академија на науките и професорство по математика на Мазареновиот колеж при Парискиот универзитет, каде за свои потреби изградил мала опсерваторија. Напишал неколку влијателни учебни дела и цврсто ја застапувал Њутновата теорија за гравитацијата. Меѓу неговите студенти биле истакнатите научници Антоан Лавоазје и Жан Силвен Баји — обајцата погубени на гилотина за време на Француската револуција.
Кај Лакај се јавила желба да ги утврди растојанијата на планетите по тригонометриски пат служејќи се со што подолга појдовна линија. Во 1750 г. предложил експедиција во ’Ртот на Добрата Надеж, со службена поддршка од Ла Галисониер. Кога стасал, изградил опсерваторија на Трпезниот Залив со поддршка од холандскиот управник Рик Тилбах. За време на неговиот двегодишен престој успеал да пронајде 10.000 јужни ѕвезди, вршејќи набљудувања секоја ноќ во текот на цела една година. Притоа забележал и 42 магловити тела. Воедно, Лакај ја постигнал целта да ги определи месечевите и сончевите паралакси (со Марс како посредник). За да се оствари проектот, Жером Лаланд вршел речиси истовремени набљудувања од Европа.
Неговиот каталог на јужното небо наречен Coelum Australe Stelliferum бил посмртно објавен во 1763 г. Во него тој ги сместил ѕвездите во 14 нови соѕвездија.[3]
Престојувајќи на ’Ртот, Лакај извршил лачно мерење за да го утврди полупречникот на Земјата на јужната полутопка. Започнал од појдовница во низината Свартланд северно од денешен Дарлинг. Потоа со триангулација измерил меридијански лак од 137 км помеѓу Кејптаун и Аурора, определувајќи ги ширините на крајните точки со помош на астрогеодетски набљудувања. Од ова дошол до заклучoк дека Земјата е позарамнета кон јужниот пол отколку кон северниот. Ова се покажало како погрешно, кога, седумдесет години подоцна Џорџ Еверест[4] увидел дека Лакаевите ширински набљудувања биле повлијаени од одбивање на вертикалата, предизвикано од Земјината тежа на Трпената Планина на јужниот крај и планината Пикетберг на северниот.[5] Во 1838 г. кралскиот астроном Томас Меклир го повторил мерењето со подолга појдовна линија (Меклирова лачна мерка) и ја потврдил претпоставката на Еверест.[6] За да го провери заклучокот, Меклир поставил посебен светилник на Трпезната Планина во Кејптаун.[7]
Патувајќи кон јужната полутопка на бродот „Ле Глорије“, чиј капетан бил познатиот хидрограф Жан-Батист Дапре де Маневилет, Лакај станал свесен за потешкотиите при одредувањето на положбите на море. По враќањето во Париз, ги изготвил првите таблици со положбата на Месечината кои биле доволно прецизни за да служат во одредувањето на времето и должината, користејќи се со месечеви растојанија според орбиталната теорија на Клеро. Лакај имал страст за пресметки. Освен срочувањето на астрономски ефемериди и математички табели, пресметал таблица на затемнувања за следните 1800 години. Лаланд имал многу високо мислење за Лакај, велејќи му дека направил повеќе набљудувања и пресметки отколку сите негови современици заедно. Квалитетот на работата не заостанувал зад обемот.
По враќањето во Париз во 1754 г. откако прво свратил на Маврициус, Лакај сфатил дека станал славна личност, што не му се допаѓало. Продолжил да работи во Мазареновиот колеж.
Во 1757 г. Astronomiae Fundamenta Novissimus со список од 400 сјајни ѕвезди чии положби биле поправени во согласност со аберацијата и нутацијата. Правел пресметки на кометни орбити и ѝ го дал името на Халеевата Комета во чест на неговиот англиски колега. Последното предавање го одржал на 14 септември 1761 г. во Кралската акдемија на науките, каде говорел за напредокот на астрономијата.
Починал во 1762 г., делумно поради прекумерна работа. Погребан е во подземницата на Мазареновиот колеж, денес Институтот на Франција во Париз.
Во 1754 г. Лакај бил избран за странски член на Шведската кралска академија на науките. Бил почесен член и на академиите во Санкт Петербург и Берлин (Прусија), Кралското друштво во Лондон, Кралското друштво во Гетинген и Болоњскиот институт.[8]
Во негова чест се наречени месечевиот кратер Лакај и астероидот 9135 Лакај.
Телескопот од 60 см на островот Реинион е наречен „Лакај“, поради неговите заслуги за проучувањето на јужното небо.[9]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.