From Wikipedia, the free encyclopedia
Под изразот Неидентификуван (неутврден) летечки објект или НЛО, се подразбира каков било летечки објект во погорниот дел од Земјината атмосфера кој не може да биде идентификуван. Најголемиот дел од дискусиите за НЛО целат кон тоа дека некои од нив би можеле да бидат вонземјански направи, но нема научни докази што би го поддржале ова објаснување.[1]
Извештаи за необични воздушни феномени датираат уште од антички времиња, но актуелни случувања и првите официјални истраги започнуваат за време на Втората светска војна, со забележувања на т.н. фу-фајтери (термин користен од пилотите на Сојузниците во Втората светска војна за опишување на воздушни феномени видени на небото над европскиот и тихоокеанскиот фронт) во 1946 година и широкопознатите видувања на европските „ракети-духови“. Овие НЛО видувања и пријавувања пристигнуваат во сè поголем број по првата објавена статија во САД за НЛО, кога приватниот пилот Кенет Арнолд, во летото 1947 година, тврди дека видел НЛО. Оттогаш се пријавени десетици илјади видувања на НЛО на светско ниво.
Невообичаени воздушни набљудувања биле пријавувани во текот на историјата. Некои од овие феномени по природа несомнено биле комети, светли метеори, некоја од петте планети кои можат да се видат со голо око, или пак оптичка измама. Пример е Халеевата Комета, која за првпат била регистрирана од страна на кинески астрономи во 240 година п.н.е. Некои други стари извештаи не можат да се објаснат, но претставува тешкотија да се оценат овие документи, бидејќи можно е да се неточни, недоволно објаснети или пак, пристрасни. Пример претставува Стариот завет на Библијата во кој Езекил имал средба со нешто што денес би се опишало како НЛО, но тоа Библијата го опишува како средба со огнен Бог.
Која и да била нивната вистинска природа, вакви појави низ историјата биле сметани за разни натприродни појави, демони, ангели или други религиозни знаци. Уметничкиот историчар Даниела Џордано посочува на многу средновековни слики и објекти на кои има некакви невообичаени објекти во воздухот; таа признава дека многу од овие слики се тешки за интерпретација, но вели дека некои од објектите се зачудувачки слични со описи на видувања на НЛО од понови времиња.[2] (Видете: Список на НЛО видувања)
Шен Куо (1031-1095), од кинеската династија Сунг, напишал живописен пасус во својата книга Есеи од базенот на штата (1088) за неидентификуван летечки објект. Тој ги запишал исказите на очевидци од 11 век кои тврдат дека виделе летечки објект (во форма на бисер), со врати кои се отвораат за да пуштат светлина од внатрешноста, кој бил огромен во големина и можел да се движи со неверојатна брзина.[3]
Пред да станат популарни термините „летечка чинија“ и „НЛО“ во 1940-те, имало извештаи за неидентификувани појави во воздухот на Запад. Овие извештаи датираат од средината на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век. Меѓу нив се:
Повоената НЛО фаза во САД започнува со пријавата на американскиот стопанственик Кенет Арнолд, на 24 јуни 1947 година. Тој, додека летал со својот приватен авион во близина на Маунт Рејнер, Вашингтон, видел девет брилијантно светли објекти кои летале кон Маунт Адамс. Тој вели дека летале со брзина од отприлика 1200 милји на час.
Неговото известување не добило многу големо внимание од страна на медиумите и јавноста. Арнолд подоцна објаснува дека тоа што го видел било рамно, а летало како чинија кога би ја фрлиле на површина од вода. Исто така, вели дека биле како полумесечини, овални однапред, а испакнати одзади. Овие негови описи подоцна ќе бидат репортирани и ќе почне употребата на термините летечка чинија и летечки диск.[6] По пријавата на Арнолд, во наредните неколку недели биле пријавени стотици случаи од очевидци, најмногу од САД, но и од други земји.
Откако изјавата на Арнолд се нашла во медиумите, голем број други случаи се репортирани. Во еден случај, Јунајтед Еарлајнс забележала девет дисковидни објекти над Ајдахо вечерта на 4 јули. Во тоа време, овој случај бил пообјавуван дури и од случајот на Арнолд, што на неговиот случај му дава поголема веродостојност.
Американскиот НЛО истражувач Тед Блечер, во своето истражување на статии од весници од тоа време, забележал дека во наредните денови после 4 јули, весниците биле преполни со приказни за новите „летечки чинии“ или „летечки дискови“ на своите предни страници. По 8 јули имало помалку пријави, откако официјални лица вршеле прес-конференции за познатиот случај во Розвел, за кој тие објасниле дека се работи за метеоролошки балон.
Во наредните години, во 1960-те, Блечер открил 853 искази на очевидци на летечки дискови од весници во Канада, Вашингтон и од сите останати држави во Америка освен Монтана.
Уфологија (од англискиот UFO - Unidentified Flying Object) е наука за НЛО извештаи и докази во врска со нив.
Иако повеќето академици ја игнорираат оваа тема, други, вклучувајќи аматери и по некои професионални научни истражувачи, продолжуваат со истражувања. За жал, квалитетот на истражувањата варира кај повеќето аматерски истражувачи.
Честопати, погрешно се претпоставува дека единственото прашање кое се поставува за НЛО е тоа дали тие претставуваат вонземјанска интелигенција. Оставајќи го на страна прашањето за физичкото постоење на НЛО, постојат и студии за НЛО – има НЛО поткултури од фолклорни или антрополошки перспективи, а некои мислат дека оваа тема може да пружи нови сознанија во полето на психологијата, социологијата и комуникацијата.
Од доцните 1940-ти, луѓето ширум светот се запознале со НЛО феноменот и со извештаите кои кружат за НЛО. Тие биле именувани како планети, ѕвезди, метеори, облаци, молњи, експериментални воени летала, халуцинации и вонземјански вселенски бродови. И покрај големиот број извештаи на очевидци и големата заинтересираност на народот, научната заедница покажала мал интерес за овој феномен. Ова се случува поради фактот дека не постојат владини фондови за поддршка на истражувањата за НЛО. Многу научници претпоставувале дека Кондовиот извештај од 1969 година ставил точка на таа тема, па на НЛО испитувањата не им било обраќано големо внимание. Исто така, јавното исмејување преку јавните медиуми од страна на Робертсоновиот панел на ЦИА во 1953 година, ја претвори оваа тема во научна и политичка табу тема. Сето ова резултирало со потиснување на интересирањето за НЛО истражувања.
Истражувањата се разликуваат по обем и по научна рамнодушност од земја до земја. Познато е дека владите или воените агенции на САД, Канада, Велика Британија, Франција, Белгија, Шведска, Бразил, Мексико, Шпанија и Советскиот Сојуз спроведувале истражувања на НЛО извештаи. И покрај некои чудни случаи, ниедна национална влада јавно не изјавила дека претпоставува дека НЛО во каков било облик претставува вонземјанска интелигенција. Веројатно најпозната студија е проектот Сина книга, спроведувана од американското воздухопловство од 1952 година.
Покрај необјаснетите случаи, општото мислење на научната заедница е дека сите НЛО појави се резултат на погрешно толкување на природни или човечки предизвикани феномени, намерни грабнувања или физиолошки феномени, како што се оптичките илузии, сонување во будна состојба / парализа на сонот (често се објаснуваат како грабнувања од вонземјани). Според статистиката од студијата на американското воздухопловство, повеќето од случаите на НЛО видувања можат да се објаснат како погрешна идентификација, додека грабнувањата се мал процент од пријавените случаи. Сепак, многу академици сè уште сметаат дека истражувањето би било губење време, бидејќи нема веродостојни сведочења.
Само мал број академици вистински ја истражувале оваа тема или се запознале со литературата за неа. Резултатите на Штуровото испитување покажуваат дека отсуството од студии на оваа тема го зголемува скептицизмот, кој кај многумина влијае при одлучувањето дали да се истражува или не. Поединци во научната заедница мислат дека веќе има доволно докази да се започнат посериозни истражувања, правејќи паралела со историјата на истражувањето на метеоритите или атмосферските електрични феномени, како што се топчестите молњи, кога постоеле само сведочења од очевидци. Во ваквите примери, тврдењата на очевидците за овие феномени излегле точни и покрај почетниот скептицизам, одбивања и непријателски став на многу научници. Други, пак, истакнуваат дека е погрешно да се тврди дека доказите за НЛО се само видувањата, туку дека веќе постои значителен број забележани физички ефекти кои треба да подлегнат на истражувања од страна на физичките науки, во што се вклучуваат радарски детекции, фотографии, видео снимки, зголемено зрачење, електромагнетни пречки и физиолошки и биолошки ефекти.
Меѓу заговорниците за НЛО најзастапена е хипотезата за вонземјани, но некои наведуваат и хипотези како што се меѓудимензионална хипотеза и паранормална и окултна хипотеза.
Причини кои често се наведуваат како причина за презир на оваа тема од страна на многумина научници се следниве:
Надеж дека оваа тема ќе биде повторно покрената дала статијата во Журналот на Британското меѓупланетарно здружение (ЖБМЗ). Вовед во оваа тема дал еден од авторите, астрономот Бернард Хајш на своето мрежно место, која има интернет врска до страната со статијата на ЖБМЗ.[7]
За наводно широко распространетиот негативен став на научната заедница кон НЛО, може да се тврди дека е неточен. Според официјалната анкета на Американското астрономско друштво од 1977 година, Стурок дозна дека поголемиот дел од испитаниците сметаат дека НЛО заслужува научна студија и дека се подготвени да придонесат со својата стручност.[8]
Стурок во 1973 година спроведе анкета со преку 400 членови од Американскиот институт за аеронаутика и астронаутика. Околу две третини мислеле дека НЛО-ата можеби, веројатно или сигурно е научно значаен проблем. 5% рекле дека виделе НЛО. 10% верувале дека НЛО-ата доаѓаат од вселената.[9][10]
Сумирајќи ја својата анкета, Стурок нагласува дека гарантираната анонимност била многу важна за голем дел од испитаниците. Поради страв од исмевање од страна на своите колеги или страв од реперкусија на работното место, многумина не би зборувале отворено за тоа што го мислат. Д-р Жак Вале тврди дека има многу научници заинтересирани за истражување на НЛО-а, но претпочитаат да работат повлечено, поради факторот на исмевање. Вале овие научници ги нарекува невидливи колеги.
Други анкети спроведени на научни, технички и добро образовани групи исто така покажува значително интересирање за НЛО, или верувања дека НЛО-ата се вистинити или се од вонземјанско потекло. Анкетата на списанието Индустриско истражување и развој во 1971 година, на 90.000 им откри дека 76% од испитаниците веруваат дека владата не открила сè што знае во врска со НЛО-а. 54% веруваат дека НЛО-а сигурно или веројатно постојат, а 32% дека доаѓаат од вселената. Според анкета на списанието Оптички спектар во 1978, 42% од читателите мислеле дека е нормално НЛО-а да се вселенски бродови на други цивилизации. Две анкети од членови на МЕНСА од 1970-те години откриваат дека преку 50% од испитаниците веруваат дека НЛО-ата доаѓаат од вселената. Истражувањата на јавното мислење исто така покажуваат раст во верувањето во постоење на НЛО, што се однесува на испитаниците од образованието. На пример, истражувањето на Галуп од 1978 открило дека 66% од дипломците мислат дека НЛО-а се вистинити, а 57% од матурантите и 36% од полуматурантите.[10]
Сепак, некои тврдат дека општото мислење на научната заедница во врска со извештаите за НЛО е дека тоа има повеќе врска со психологијата и науката за перцепција, место со физичките науки. Навистина, повеќето од извештаите се наративни објаснувања за тоа којшто видел на небото, или што мислел дека видел. Но, се нагласува дека сведувањето на НЛО на ниво на психологија е неадекватно толкување на некои поединци. Во голем број од извештаите постојат повеќе сведоци, а во некои случаи, еден ист настан бил набљудуван од различни локации. Постојат и масовни видувања од страна на стотици и илјадници сведоци. Некои појави биле следени со радари, некои снимени на видео ленти, а некои оставиле физички ефекти на поединец или околината.
Други, пак, мислат дека физичарите нема што да бараат околу НЛО проблемот освен ако нема материјални докази. Забелешка на овој аргумент би било тоа дека треба сведочењата на очевидците да се обработат со научни методи за да се добијат важни информации. Сведоци на метеорски камења, на пример, можат да бидат интервјуирани и притоа да го реконструираат случајот кој често води кон откривање фрагменти од метеоритот.
Обемна статистичка анализа на НЛО случаи наречена Специјален извештај на Проектот Сина книга бр. 14 спроведе Бателовиот меморијален институт за американското воздухопловство од 1952 до 1954 година. Статистичарот д-р Дејвид Сондерс, член на Кондоновата комисија, предложил формирање на статистичка база на податоци за случаите со цел да се воспостават трендови. Така бил составен каталог со преку 10.000 случаи.[11] И други истражувачи правеле вакви бази на податоци, како на пример д-р Жак Вале [12] или Лери Хеч, кој ја одржува јавната база на податоци за илјадниците случаи со онлајн статистички анализи.[13]
Постојат многу НЛО извештаи кои биле пропратени со материјални докази од различни видови, како непосредни, така и посредни. Хајнековата скала на блиски средби дефинира материјален доказ како податок добиен од блиска средба од прв вид. Многу посредни материјални докази се добиваат од блиски средби од втор вид, интеракции кои се случуваат на блиска оддалеченост, вклучувајќи ги т.н. траги од слетување и физиолошки ефекти.
Во помал број случаи излегло дека се работи за намерни грабнувања, додека поголем е бројот на случаи, вклучувајќи ги оние кои биле истражувани од владини и воени агенции, кои биле означени како неидентификувани или необјасниви. Сепак, дури и двосмислените физички случаи треба да подлегнат на статистичка анализа за да се откријат поврзаностите меѓу нив.
Во списокот на различни материјални докази спаѓаат:
И покрај тоа што многу научници имаат ниско мислење за оваа тема, многу физички ефекти се достојни за научна анализа. Стуроковиот НЛО панел во 1997 година спровел сеопфатен преглед на случаите со материјални докази.[18]
Некои научници и инженери се обиделе да ги поврзат физиката и НЛО-а преку истовремена анализа и изјава на сведоци и материјални докази. Пример дале инженерите на НАСА Џејмс Макембел, во книгата „Уфологија“ и Пол Хил, во книгата „Неконвенционални летечки објекти“. Меѓу темите обработени од обајцата било и прашањето како НЛО-ата можат да летаат со надзвучни брзини, а притоа да не испуштаат звук. Решението на МекКембл во вид на микробранова плазма која го растура воздухот пред леталото, го истражува д-р Леик Мирабо, професор по инженерска физика на политехничкиот институт Ренслер, како можен напредок во хиперзвучното летање.[19]
Некои скорешни откритија на полето на електронската војна се многу слични на електромагнетните пречки и физиолошките ефекти опишани во НЛО случаи од 1940-те и 1950-те години. Американскиот воздухопловен научен одбор во 1997 година објави извештај за вооруженоста на воздухопловството за 21 век, во кој се опишува како енергетските оружја со микробранови би можеле да бидат употребени за блокирање на возила, со што би станале лесна мета за бомбардирање. Истото оружје може да ги онеспособи навигациските и комункациските системи на авиони, како и електричната мрежа во електронските уреди на земјата. Микробрановото оружје за контрола на масите, кое резултира со температура и интензивна болка било најавено во 2001 година.[20] Друго микробраново оружје би провоцирало губење на телесни функции.
Наводно 90% од пријавените видувања на НЛО биле објаснети и идентификувани, но најчесто со сомнителни објаснувања кои сведоците ги отфрлаат. Научниците тврдат дека одреден број НЛО видувања и грабнувања се човечки феномен.
Но, вистинскиот процент на ИЛО-и спрема НЛО-а зависи од тоа кој ја спроведува студијата и може да варира во зависност од критериумите.
Мал број на НЛО случаи стигнале до Ален Хендри, кој бил главен истражувач во Центарот за НЛО студии / ЦНЛОС [21]. ЦНЛОС е основан од Ален Хајнек (консултант на американското воздухопловство на Проектот сина книга) со цел сериозно да се проучи НЛО феноменот. Хендри поминал 15 месеци лично истражувајќи 1.307 НЛО извештаи. Своите заклучоци ги објавил во 1979 година во книгата: НЛО прирачник: Водич за истражување, проценување и пријавување на НЛО појави (The UFO Handbook: A Guide to Investigating, Evaluating, and Reporting UFO Sightings). Хендри признава дека сакал да најде доказ дека вонземјаните постојат, но нагласува дека во поголем дел од случаите има друго објаснување.
Неговите заклучоци биле следниве:
Феномени направени од човекот се:
Природни објекти кои се често погрешно толкувани:
Фактите од студиите за НЛО-а во текот на годините довеле до значајни откритија за атмосферските феномени и психологијата. Во психологијата, студиите за НЛО-а се значајни бидејќи откриваат информации за погрешни интерпретации, илузии, халуцинации и фантазии на некои личности како Џорџ Адамски, кои лесно можат да поверуваат дека биле грабнати од вонземјани. Многумина се сомневаат во ефектот што хипнозата го има во случаите со грабнувања.
Полето на НЛО-а не мора да се меша со паранормалното, иако во праксата тоа е чест случај. Некои истражувачи како Џон Кил и Жак Вале тврдат дека постои директна врска меѓу НЛО и паранормалните феномени, а астрофизичарот Жак Вале проучувајќи го однесувањето на НЛО-ата, кое воопшто не е налик на однесување на физички предмет, изјавил дека: „Тоа е однесување на слика, односно на холографска проекција.“[22]
Уште во 1959 година, психолошкиот и архетипскиот феномен на НЛО го инспирирал Карл Јунг да предложи дека „летечките чинии” се всушност производ на човечкото колективно несвесно и еден вид модерен мит за создавањето. Во 1969 година, Жак Вале ова тврдење го однел чекор натаму. Во својата пресвртничка книга под наслов „Пасош за Магонија” истакнува дека НЛО-ата се далеку од тоа да се нова појава, т.е. станува збор за многу стара појава во ново руво, односно дека се многу слични на различните народни преданија - од џуџиња и гноми во европските земји, преку средновековните извештаи за ангели, до натприродните битија опишани во легендите на американските Индијанци.
Апсурдното однесување на вонземјаните е исто како палавото однесување на џуџињата и самовилите во келтските легенди, норвешките богови и однесувањето на измамничките ликови од преданијата на американските Индијанци, истакнува Вале. Кога ќе се разголат до ниво на архетипот врз кој се темелат, сите такви појави се дел од големо пулсирачко нешто, нешто што ја менува својата појавност во склад со културата и временскиот период во кој се манифестира. Но, тоа со човечката раса се случува веќе многу, многу години. Во книгата „Пасош за Магонија”, Вале вели дека се чини оти е тоа интелигентно и безвременско, и дека се работи за феномен врз кој се засноваат сите митови.[23]
Исто така, постојат и верски секти чие средишно верување се НЛО-ата.
Многу древни религиски цртежи содржат приказни кои денес се толкуваат како НЛО-а и вонземјански суштества. Некои веруваат дека нечовечката интелигенција многу влијаела врз историјата на човештвото.
За НЛО-ата често се тврди дека се дел од организирана завера во која Владата намерно го крие постоењето на вонземјаните, или пак, соработува со нив. Постојат многу верзии на оваа приказна, некои се ексклузивни, додека други се поклопуваат со останатите теории на завера.
Се шпекулира дека НЛО појавите се всушност експериментални авиони или напредни оружја. Во овој случај НЛО-ата, тие експерименти не успеале да ја задржат својата тајност, или се намерни дезинформации за да не се открие вистинската природа на феноменот. Оваа теорија е спротивна на една друга, според која современата воена технологија е усвоена од технологијата на вонземјаните (Види Област 51). Исто така, сугерирано е дека целокупната човечка технологија, или пак поголемиот дел од неа е заснована врз контакти со вонземјани (Види древни астронаути).
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.