Мона Лиза (италијански: Mona Lisa) или Џоконда (La Gioconda) — слика изработена со маслени бои врз табла од топола во текот на 16 век од страна на Леонардо да Винчи и е една од најпознатите слики во западната историја на уметноста. Сликата е во сопственост на француската влада и се чува во Лувр во Париз. Димензиите на сликата изнесуваат 76,8 x 53 cm.
италијански: La Gioconda, француски: La Joconde | |
Творец | Леонардо да Винчи |
---|---|
Година | c. 1503–1519 |
Вид | масло на топола |
Димензии | 77 см × 53 см |
Место | Лувр, Париз |
Име на сликата
Името Мона Лиза произлегува од биографијата на Леонардо да Винчи, напишана од Џорџо Вазари и објавена 31 година по смртта на да Винчи. Во неа, тој ја идентификува седнатата дама како Лиза, сопруга на богатиот трговец од Фиренца, Франческо дел Џокондо. Зборот „Мона“ често се среќава во италијанскиот јазик со значење: „мадона“, што означува „моја дама“, еквивалент на француското „madame“, односно на македонски: „госпоѓа“. Така, името на сликата значи Мадам Лиза. Во 19 век, името „Мона Лиза“ започнува да означува „многу“ низ европските народи. Преретходно биле употребувани многу друѓи различни имиња како, на пример, „непознатата дама од Фиренца“.
Историја
Мона Лиза потекнува од периодот на вториот престој на да Винчи во Фиренца. Во март 1503 год., по нарачка на богатиот трговец со свила Франческо дел Џокондо, а по повод вселувањето во новата куќа, Леонардо почнал да работи на портретот на неговата бремена жена Лиза дел Џокондо (која тогаш имала 24 години). Мона Лиза, Леонардо ја сликал четири години и никогаш не ја доставил до нарачателот, туку ја задржал за себе.[1] Да Винчи ја зел со себеси сликата од Италија во Франција во 1516, кога кралот Франсоа I го поканил уметникот да работи во Кло Лисе, во близина на кралскиот замок во Амбоаз. Тогаш, кралот ја купил сликата за 4.000 екиа, со што таа станала дел од кралското богатство и била изложена во дворецот во Версај. По смртта на да Винчи, сликата била пресечена, при што биле отстранети делови од двете страни на сликата. На прв поглед, имало колони од двете страни на фигурата. Најпрвин, сликата била изложена во Фонтенбло, а подоцна била преместена во Версајскиот дворец. По Француската револуција, таа била преместена во Лувр. Подоцна, императорот Наполеон Бонапарт ја преместил во неговата соба во дворецот Тилери,[2] но потоа повторно била вратена во Лувр. Во време на Франко-Пруската војна од 1870 до 1871, сликата била извадена од Лувр и скриена некаде во Франција.
Сликата не била многу позната до средината на 19 век, кога неколку симболистички уметници почнале да ја ценат при што ја поврзале со нивните идеи за женската мистичност. Критичарот Валтер Патер, во неговиот есеј за Леонардо од 1867 година, го изразил овој поглед преку опишување на фигурата на сликата како еден вид на митско претставување на вечната женственост, што е „постаро од камењата на коишто седи“ и што било „мртво многупати и ги научило тајните на својот гроб“.
Денес, Мона Лиза е сигурно најпознатиот портрет, а можеби и воопшто, најпознатата слика на светот, која е предмет на бројни толкувања и уште повеќе репродукции. Особено пленува мистериозната насмевка на дамата, заедно со изразената динамика во поставеноста на нејзиното тело. Имено, иако ликот гледа директно кон набљудувачот, нејзините раце, телото и главата се свртени настрана, што претставува типична одлика на портретите на Леонардо. Сето тоа е дополнително изразено низ притаеното светло на композицијата во комбинација со темните тонови. Освен тоа, напуштајќи ја тогашната традиција во сликањето портрети, Леонардо го поставил ликот напред, поблиску до предниот раб на сликата, што го намалува растојанието меѓу ликот и набљудувачот. На сликата воопшто не се забележуваат остри линии и контури, што е резултат на примената на специјалната техника на сликање, позната како сфумато (fumo на италијански значи: чад). Најпосле, кон целокупната атмосфера на сликата придонесува и позадината на која се прикажани искривени патишта, реки и карпести планини, како одраз на личниот став на Леонардо дека сè во природата е во постојано течење и исполнето со движење и енергија.[3]
Во текот на 1911 година, сликата била украдена од Лувр од страна на италијанскиот декоратер Винченцо Перуџа. Тој сакал Мона Лиза да ја врати назад во Италија, „каде што всушност припаѓала“. По две години, под неразјаснети околности, сликата повторно се појавила во Фиренца.[1] Во 1956 година, во нејзиниот „атентат“, со киселина бил оштетен долниот дел на сликата. На 30 декември 1956 година, еден од посетителите на Лувр фрлил камен врз сликата. Поради овој чин, овој човек морал да го напушти својот дом во Боливија. Во 1960-тите и 1970-тите години, Мона Лиза била изложена во Њујорк, Токио и Москва. Нејзиното постојано место на изложување се наоѓа во Лувр, Париз.
Претпоставка за ликот на сликата
Во текот на годините по смртта на Леонардо да Винчи, луѓето започнале да си го поставуваат прашањето за тоа која е всушност жената на сликата која е насликана од да Винчи. Освен за сопруга на трговец, Мона се смета за женскиот облик на да Винчи, односно дека на сликата е самиот да Винчи. При задавањето на прашањето зошто Лиза се насмевнува ладно и како можела да стои неподвижна и насмевната толку многу време, историчарите и толкувачите сметаат дека оваа „жена“ всушност имала болест која не дозволувала мускулите на лицето да се отпуштат или пак според некои француски и канадски истражувачи, всушност Мона Лиза била бремена за време на нејзиното цртање.
Создавање
Најверојатно, за создавањето на сликата, да Винчи користел пирамида со цел жената да ја постави на точното место на сликата, и да ѝ биде пријатно и спокојно при нејзиниот изглед. Формата на нејзиното лице ја дава аголската форма со лице на пирамида. Исто така, многу е застапен и контрастот на светлината. Според многумина, оваа женска фигура ја дава формата на изобразената Мадона, слика што во тоа време била многу распространета. Раката на Лиза на столот, според многу толкувачи всушност го претставува растојанието меѓу набљудувачот и Мона Лиза. Нејзиниот став на столот е знак за нејзината зачувана позиција за подолго време. Најголем предизвик за набљудувачите е нејзината насмевка. Силното изразено лице е практично оформено со други многу поразлични и потемни елементи (косата или сенките, на пример). Привлекувањето на лицето на Мона Лиза е од најголем размер. Затоа, композицијата на сликата предизвикува двосмислен ефект: Ние сме привлечени кон оваа жена, но треба да останаме на растојание од неа.
Мона Лиза како тема во уметноста и во популарната култура
- „Мона Лиза“ (Mona Lisa) - филм на режисерот Нил Џордан (Neil Jordan) од 1986 година.[4]
- „Сестрата на Мона Лиза“ (The Mona Lisa's Sister) - албум на американскиот рок-музичар Греам Паркер (Graham Parker) од 1988 година.[5]
Наводи
Wikiwand in your browser!
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.