From Wikipedia, the free encyclopedia
Леонардо да Винчи (италијански: Leonardo da Vinci; 15 април 1452 ― 2 мај 1519 ) — познат италијански ренесансен архитект, инженер, вајар, уметник, сликар, изумител, анатом, ботаничар и астроном. Tој сакал да знае сè за природата, односно како таа работи. Леонардо бил многу добар во проучување, дизајнирање и изработка на секакви интересни работи. Најпознат е по неговите слики како Мона Лиза, Тајната вечера и Витрувиевот човек.[1] Леонардо честопати размислувал за нови пронајдоци. Чувал тетратки со белешки и цртежи на овие идеи. Повеќето од неговите изуми никогаш не биле направени. Некои од неговите идеи биле хеликоптер, тенк, калкулатор, падобран, робот, телефон, еволуција и сончева енергија.
Леонардо да Винчи Leonardo da Vinci | |
---|---|
Портрет на Леонардо, цртеж со црвена креда, изработен помеѓу 1512 и 1515 г.Кралска библиотека во Торино | |
Роден(а) | Винчи, денешна провинција Фиренца, Италија |
Националност | Италијанец |
Познат(а) по | Голем број различни области на уметноста и науката |
Значајни дела | Мона Лиза, Тајната вечера, Витрувиев човек |
Правец | Висока ренесанса |
Многу луѓе мислат дека Леонардо бил еден од најголемите сликари на сите времиња. Другите сметаат дека тој бил најталентираната личност што некогаш живеела..[2] Историчарката по уметност Хелен Гарднер изјавила дека никој никогаш не бил како него бидејќи тој бил заинтересиран за толку многу работи што се чини дека имал ум на гигант, а сепак каков е тој како личност, сè уште е мистерија.[3] Поголемиот дел од животот го поминал работејќи за богати италијански благородници. Во последните години живеел во прекрасен дом што му го подарил кралот на Франција.
Леонардо да Винчи е роден во Винчи, село кое е сместено во зелените прегратки на Тоскана, на падините на планината Монте Албано, во непосредна близна на Емполи, како незаконски син на адвокатот Сер Пјеро ди Антонио да Винчи (1426 - 1504) и селанката Катерина. Постојат претпоставки дека Катерина била робинка од Блискиот Исток, но фактите не се доволни за да се докаже оваа теорија. По раѓањето на Леонардо, нивната врска завршила и Леонардо останал да живее со татко му, кој истата година се преженил за 16-годишната Албјера ди Џовани Амадори. Неговата мајка, во 1457 год. се омажила за варничарот Акатабрига ди Пјеро дел Вака.[4]
Во 1469 год., Сер Пјеро изнајмил куќа во Фиренца и веројатно истата година, или малку порано, Леонардо ја започнал праксата кај познатиот живописец и вајар Андреа дел Верокјо (1436-1488), кој бил пријател со татко му на Леонардо. Учејќи кај Верокјо, Леонардо ги оформил своите интереси и се здобил со првите знаења одархитектурата, анатомијата, и математиката. Во 1472 год., Леонардо ја завршил обуката и бил примен во здружението на фирентинските уметници Св. Лука, што покажува дека тој веќе го достигнал нивото на професионална самостојност.
Во април 1476 год., Леонардо и три други млади мажи биле обвинети за хомосексуални односи (во тоа време, кривично дело) со 17-годишниот помошник Јакопо Салтарели, кој исто така бил познат и по сексуалните услуги. Во јули истата година, тој анонимно бил повторно обвинет, но сепак, никогаш не бил казнет.[5] Обвиненијата биле отфрлени поради недостиг на докази и имало шпекулации дека бидејќи еден од обвинетите, Леонардо де Торнабуни, бил поврзан со Лоренцо де Медичи, семејството извршило влијание да се отфрлат обвиненијата.[6] Елизабет Абот тврди дека, иако Леонардо веројатно бил хомосексуалец, траумата од овој случај го претвори во целибат,[7] додека според Дејвид М. Фридман тетратките на Леонардо покажуваат преокупирање со мажите и со сексуалноста непопречено од судењето и се согласува со историчарот на уметност Кенет Кларк дека Леонардо никогаш не станал асексуален,[8][9] а Мајкл Вајт, во Леонардо: Првиот научник вели дека е веројатно судењето едноставно да го направил Леонардо претпазлив и дефанзивен во врска со неговите лични односи и сексуалноста, но тој не ги прекинал интимните врски со мажите.[10]
Од таа година многу е напишано за неговата претпоставена хомосексуалност и улогата што ја имала во неговата уметност, особено во андрогиноста и еротизмот што се манифестираат во Јован Крстител и Бахус и поексплицитно во бројни еротски цртежи.[11]
Во текот на 1472 - 1480, Леонардо сè уште работел во работилницата на Верокјо, помагајќи му во изработката на некои негови познати дела како што е Крштевањето на Христос (1472 -1475), каде што Леонардо ги насликал ангелот и делови од пејзажот. Најраното познато дело на Леонардо потекнува од 1473 год. - цртежот Пејзаж на долината Арно, којшто денес се чува во музејот Уфици во Фиренца. Овој цртеж е еден од најраните познати автентични пејзажи во историјата на уметноста. Исто така, од овој период потекнува и сликата Благовештение (1472 -1475), која му се припишува на Леонардо, но тоа не е сосема проверено, туку е поверојатно дека негови се само некои делови (композицијата, пејзажот, фигурата на ангелот итн.). Додека работел кај Верокјо, Леонардо изработил и неколку сопствени помали дела, како: Мадона со каранфил (1475) и Мадона Беноа (1475-1478). Мадона со каранфил е првото дело за кое се верува дека е целосно насликано од Леонардо и во него јасно се гледа влијанието од фламанските мајстори и од делата со слична тематика, изработени од Верокјо. Покрај сликарството, Леонардо го изучувал и вајарскиот занает, за што сведочи скулптурата Дамата со јаглики од 1475 год., за која се верува дека е изработена од Леонардо.[12]
Во годините кога Леонардо ја завршувал праксата кај Верокјо и се оформувал како самостоен уметник, во Фиренца постоела голема конкуренција од многу познати уметници, така што Леонардо добивал само порачки за малечки дела. Во 1478 год., веројатно со посредство на татко му, Леонардо ја добил првата самостојна порачка: да наслика олтарна икона во капелата на седиштето на тогашната општина, Палацо Векјо, но не ја завршил работата, а веројатно, воопшто не започнал да работи на ова дело, иако три месеци по потпишувањето на договорот, Леонардо добил аванс од 25 златни дукати. Истата година, по порачка на Бернардо Бембо, Леонардо го започнал Портретот на Џиневра де Бенчи (1478-1480), создаден под влијание на фламанските мајстори. Овој мал портрет е првото дело за кое постои сигурна документација дека е изработено од Леонардо. Во март 1481 год., веројатно повторно преку татко му (кој ги водел деловните работи за потребите на манастирот), Леонардо ја добил втората голема порачка: да ја наслика големата олтарна икона Восхитувањето на мудреците во Сан Донато а Скопето - манастирска црква во околината на Фиренца. Повторно, Леонардо не ја завршил работата, а недовршена останала и олтарната икона на Св. Хероним, започната малку порано.
Во Фиренца, материјалната положба на уметниците била во тешка состојба. Поради лошата материјална состојба и неможноста да ги оствари своите планови, Леонардо бил принуден да побара работа во некој друг град. Затоа, кон крајот на 1482 или почетокот на 1483 год., тој се преселил во Милано - во тоа време еден од најбогатите италијански градови. Тогаш, со градот управувал војводата Лудовико Сфорца, познат како Лудовико ил Моро. Во неговиот двор, почналe да “доаѓаат“ поети, хуманисти и учени луѓе. Во 1482 или 1483 год., Леонардо му се обратил на Лудовико Сфорца со писмо, во кое му ги предложил своите услуги како воен инженер, а само патем споменал дека е сликар. Во тоа писмо, Леонардо ги опишал сите можни проекти на подвижни мостови, борбени машини и артилериски орудија.
Од 1483 до 1486 год., заедно со браќата Амброџо и Еванџелиста де Предис, а по порачка на францисканското братство од црквата Сан Франческо Гранде, Леонардо бил ангажиран на еден голем проект - да го наслика олтарот на малата црквичка посветена на Безгрешното зачетие. Притоа, Леонардо на насликал централната икона Богородица со Христос, малиот св. Јован и ангел, позната како Дева Марија на карпите, чија прва верзија ја завршил, веројатно, во 1486 год. По завршувањето на олтарот настанал жесток правен спор меѓу трите уметници и францисканското братство во врска со плаќањето: сето тоа довело до создавање втора верзија на иконата, при што, првата верзија била продадена на некој љубител на уметноста. Во следните неколку години, Леонардо не се занимавал интензивно со сликарство, туку повеќе се посветил на конструирање разни воени орудија, справи, машини, утврдувања, сложени одбранбени системи, опсадна опрема итн. На пример, од овој период потекнуваат неговите идеи за зголемување на огнената моќ на малите топови преку вградување автоматски систем за полнење на муницијата; нацртите на тешките оклопни коли и борбените коли со подвижни сабји; нацртите на летечките машини итн.
Исто така, во текот на 1487 и 1488 год., Леонардо работел како архитект-консултант во подготовките за изградбата на катедралата во Милано, правејќи бројни скици за централниот простор на катедралата. И покрај тоа што не бил непосредно ангажиран во нејзината изградба, сепак оваа работа била од голема важност за Леонардо, бидејќи токму во ова време се покажува колку тој е размислувал за проблемите на куполниот скелет и за различните архитектонски решенија. Цртежите докажуваат дека тој, всушност, имал експериментален обид со различни можни варијанти за тој проект. Големо место во творечката дејност на Леонардо да Винчи заземаат и хидротехничките проекти. Но, политичките и економските услови биле такви, што овие замисли не се остварени, додека тој бил жив. Такви проекти, Леонардо смислил во Фиренца, Милано, Рим, па дури и во Франција. Додека бил во Милано, тој ги разработил проблемите за напојувањето на „Ломелина“ — бесплодно место околу Милано. Во текот на 1494-1498 год., Леонардо раководел со градбата на каналот во Мартезана.
Леонардо се занимавал и со анатомија, уште додека учeл кај Верокjо, но, во Милано, во текот на 1487-1495 год., тој започнал да ги прави првите големи анатомски истражувања, поврзани со пропорциите на човечкото тело. Така, во април 1489 год., Леонардо започнал да работи на една книга, насловена како За човечката фигура, која останала недовршена. Постојат сведоштва дека Леонардо правел обемни систематски истражувања на пропорциите на човечкото тело, со месеци мерејќи ги телата на двајца млади луѓе, особено насочувајќи се врз пропорциите во состојба на седење и клечење. Пропорциите на човечкото тело, добиени врз основа на реални мерења, Леонардо ги споредувал со теоретските мерки на римскиот архитект Витрувиј и од овој период (1490 год.) потекнува познатиот цртеж Пропорциите на човечката фигура - т.н. Витрувијски човек. Во продолжение, Леонардо оставил и голем број скици на разни делови на човечкото тело, како што се: мерки на главата, профил на глава на маж, вертикални и хоризонтални пресеци на череп, надолжни пресеци на маж и жена во поза на полов однос итн. Притоа, од белешките кои ги правел Леонардо може да се согледа дека тој робувал на бројните заблуди за човечкото тело, вообичаени за Средниот век, како што се: сфаќањето дека човечкиот разум се наоѓа во точно одредена точка во мозокот; претставата за трите дела на мозокот, сите со големина на орев и подредени еден зад друг, во кои се примаат, обработуваат и чуваат сетилата; верувањето дека градите на жената се споени со матката преку еден канал, а дека тестисите на мажот се споени со ‘рбетниот мозок итн.
Уште во периодот кога ги правел своите анатомски истражувања (периодот меѓу 1487 и 1490 год.), Леонардо се здобил со статусот на дворски уметник на Лудовико Сфорца. Од овој период потекнуваат некои помали дела, како што се: Портретот на Чечилија Гаљерани (омилената љубовница на Лудовико Сфорца), познат уште како Дамата со хермелин, Портретот на непозната жена (познат како La Belle Ferronière) и Портретот на млад човек (веројатно портрет на некој музичар), сите насликани во 1490 год. Од 1489 до 1494 год., Леонардо работел на едно грандиозно дело: статуа-коњаник на Франческо Сфорца, порачана од Лудовико Сфорца. За потребите на ова дело, Леонардо направил голем број скици, од кои може да се заклучи дека првобитно било планирано коњот да стои исправен на задните нозе, но поради можните проблеми со стабилноста на споменикот, подоцна Леонардо го преправил планот и коњот го поставил на сите четири нозе. Подготовките околу изградбата на споменикот биле во напредна фаза, што може да се заклучи оттаму што во 1492 год., Леонардо направил глинен модел на коњот (висок седум метри), кој бил поставен на плоштадот во Милано, по повод склучениот брак на внуката на Лудовико Сфорца - Бјанка Марија со царот Максимилијан I. Моделот опстојувал неколку години, предизвикувајќи восхит и љубопитност на минувачите. Но, коњаникот никогаш не дочекал да биде завршен, бидејќи во 1494 год., бронзата предвидена за леење на споменикот била употребена за производство на топови за потребите на војните со французите. Пет години подоцна, со влегувањето на француската војска во Милано, моделот на коњот полека почнал да пропаѓа, бидејќи војниците го користеле како мета при вежбите во стрелање.
Од 1495 до 1498 год., по порачка на Лудовико Сфорца, Леонардо работел на прочуената „Тајна вечера“ во трпезаријата на манастирот „Санта Марија деле Грацие“. Како и обично, по повод работата на ова грандиозно дело, Леонардо правел обемни подготовки и студии, со месеци низ Милано и околината барајќи луѓе со силни изрази на лицата, кои му служеле како инспирација за портретирање на учениците на Исус. Оваа фреска се смета за едно од најголемите дела на високата ренесанса, но за жал, таа се наоѓа во лоша состојба како последица на забот на времето, бројните невнимателни реставрации правени во текот на XVII и XVIII век, како и на невообичаената техника на сликање што ја применил Леонардо. Имено, наместо во вистинска фреско-техника, Тајната вечера е сликана во темпера, така што уште во времето на нејзиното сликање, таа почнала да се оштетува. Паралелно со работата на Тајната вечера, помеѓу 1496 и 1498 год., Леонардо работел на последната голема порачка од неговиот патрон, сликајќи ја внатрешноста на т.н. Сала деле Асе во замокот на Сфорциеви.
Миланскиот период од животот на Леонардо да Винчи завршил со катастрофа: во октомври 1499 год., француските војски го зазеле Милано и во декември истата година, Леонардо го напуштил градот. Со падот на Сфорца, уметникот го загубил својот патрон, но во тоа време, тој веќе бил познат и надвор од границите на Италија, што му овозможило и понатаму да наоѓа работа. Така, познато е дека уште во октомври 1499 год., францускиот крал Луј XII порачал од Леонардо една слика на Богородица, Христос, св. Ана и малиот св. Јован, која никогаш не била завршена, а денес е сочувана само скицата на сликата, позната како Цртежот од Барлингтон хаус. Во декември, Леонардо заминал во Мантова, каде што престојувал како гостин на познатата љубителка на уметноста Изабела д‘Есте. Овде, тој направил скица за нејзиниот портрет во природна големина, но и тој никогаш не бил завршен. Во март 1500 год., Леонардо заминал за Венеција, а во април истата година пристигнал во Фиренца.
Во април 1500 год., Леонардо се вратил во Фиренца и тогаш започнал неговиот најпродуктивен период како сликар. Додека Леонардо бил во Милано, во Фиренца се промениле многу работи. Така, на 8 април 1492 година умрел Лоренцо Медичи. Истата година, во Рим бил избран нов папа - Александар VІ Борџија. Две години подоцна, во 1494 год., во Фиренца избувнало востание против тиранијата на Пјеро Медичи, синот на Лоренцо. Како резултат на тоа се создале нови органи на државно управување, бил воведен данок на недвижен имот, а лихварите биле прогонати од градот. Во тоа време, огромно влијание во градот стекнал доминиканецот Савонарола, при што биле изгорени многу книги, слики, предмети и слично. На 23 мај 1498 год.,Александар VІ го исклучил Савонарола од црквата, бунтовничкиот монах и неговите приврзници биле обесени, а телата им биле изгорени „за да се разделат конечно душите од нивните тела“.
За време на вториот престој во Фиренца, Леонардо бил многу активен и од овој период потекнуваат некои од неговите најважни дела. Така, веднаш по враќањето во Фиренца, Леонардо ја прифатил порачката да наслика олтарна икона на Дева Марија и малиот Исус со св. Ана. Во 1501 год., тој го направил нацртот на иконата, но таа никогаш не била завршена. Пролетта, истата година, по порачка на Флоримон Роберте - секретар на францускиот крал, Леонардо ја изработил сликата Дева Марија и малиот Исус (позната како Мадона со вретено), иако денес не постои потполна согласност дека делото е целосно негово.
Во овој период, Леонардо интензивно се занимавал со геометрија и правeл математички експерименти. Во јуни 1502 год., во својство на архитект и воен инженер, Леонардо тргнал на повеќе патувања низ Средна и Горна Италија, заедно со озлогласениот водач на платениците Чезаре Борџија, при што изработил повеќе географски карти за потребите на неговите походи. Службата кај Чезаре Борџија била многу кратка и Леонардо се вратил во Фиренца на 5 март 1503 год.
Во март 1503 год., по нарачка на богатиот трговец со свила Франческо дел Џокондо, а по повод вселувањето во новата куќа, Леонардо почнал да работи на портретот на неговата бремена жена Лиза дел Џокондо (која тогаш имала 24 години) - познатата Мона Лиза. Мона Лиза, Леонардо ја сликал четири години и никогаш не ја доставил до нарачателот, туку ја задржал за себе. Подоцна, кога Леонардо се преселил во Франција, сликата била купена од францускиот крал Франсоа I и таа станала дел од кралското богатство и била изложена во дворецот во Версај. Едно време, Мона Лиза ја красела спалната соба на Наполеон Бонапарт.[13] Веќе од средината на XIX век, Мона Лиза се сметала како најпознатото дело на Леонардо, а нејзината популарност драстично пораснала на почетокот на XX век, кога во 1911 год., таа била украдена од Лувр од страна на еден италијански декоратер, за две години подоцна да биде пронајдена во Фиренца, под чудни околности.[14]
Денес, Мона Лиза е сигурно најпознатиот портрет, а можеби и воопшто, најпознатата слика на светот, која е предмет на бројни толкувања и уште повеќе репродукции. Особено пленува мистериозната насмевка на дамата, заедно со изразената динамика во поставеноста на нејзиното тело. Имено, иако ликот гледа директно кон набљудувачот, нејзините раце, телото и главата се свртени настрана, што претставува типична одлика на портретите на Леонардо. Сето тоа е дополнително изразено низ притаеното светло на композицијата во комбинација со темните тонови. Освен тоа, напуштајќи ја тогашната традиција во сликањето портрети, Леонардо го поставил ликот напред, поблиску до предниот раб на сликата, што го намалува растојанието меѓу ликот и набљудувачот. На сликата воопшто не се забележуваат остри линии и контури, што е резултат на примената на специјалната техника на сликање, позната како сфумато (fumo на италијански значи: чад). Најпосле, кон целокупната атмосфера на сликата придонесува и позадината на која се прикажани искривени патишта, реки и карпести планини, како одраз на личниот став на Леонардо дека сè во природата е во постојано течење и исполнето со движење и енергија.[15]
Во октомври, истата година, Леонардо го започнал монументалното дело - сликата Битката кај Ангјари, насликана на ѕидот на салата на Големиот совет во Палацо Векјо во Фиренца. Оваа слика, посветена на познатата борба од 1440 год., кога здружените војски на Фиренца и Папата ја победиле војската на Милано, прикажува борба меѓу четворица коњаници. Интересно, на конкурсот за изработка на ова дело, Леонардо се натпреварувал со младиот уметник во подем - Микеланџело. Всушност, се чини дека средбата со Микеланџело оставило голем впечаток врз Леонардо, кој во овој период (1504-1507) почнал да прави цртежи и анатомски скици на голи, мускулести машки тела, па дури направил и еден цртеж на големото дело на Микеланџело - статуата на Давид. Во мај 1506 год., по интервенција на францускиот гувернер на Милано - Шарл д'Амбоа, Леонардо добил дозвола од градската власт да ja напушти Фиренца на три месеци и тој заминал во Милано, оставајќи ја сликата Битката кај Ангјари недовршена. Меѓутоа, Леонардо останал во Милано подолго од дозволеното време.
Вториот милански период во животот на Леонардо да Винчи го опфаќа времето од летото 1506 година до есента 1513 год. Притоа, неколкупати Леонардо се враќал во Фиренца во врска со недовршената работа во Палацо Векjо, а особено околу поделбата на наследството, кое останало по смртта на татко му во 1504 година. Во Милано, тој живеел како прочуен сликар, иако бил сè помалку активен во сликарството, предавајќи им се на другите области кои го интересирале. Во август 1507, Леонардо повторно добил прилика да ја оствари својата идеја за споменик на коњаник: Имено, командантот на француската војска при опсадата на Милано, генералот Џанџакомо Тривулцјо оставил голема сума пари, наменета за изградба на спомен-обележје по неговата смрт. Кога Леонардо му ја претставил својата идеја за монументален споменик, Тривулцјо бил воодушевен и ги напуштил првичните скромни планови за својата гробница. Споменикот на Тривулцјо бил замислен во стилот на споменикот на Сфорца, при што, повторно, првичните скици од 1507-1509 год. предвидувале композиција со силна динамика (коњ исправен на задните нозе, борба меѓу два воини итн.), но во последната верзија од 1508-1512 год., Леонардо се одлучил за поскромно решение. Меѓутоа, наспроти неколкугодишните подготовки, на крајот, Тривулцјо одлучил да не го оствари проектот, па така, пропаднала и оваа можност за создавање монументално дело.
Во однос на сликарството, вредно е да се истакне дека во 1507 год., Леонардо ја започнал новата верзија на Дева Марија на карпите, која со судската пресуда бил обврзан да ја предаде на францисканското братство, кое ја порачало иконата. Во август 1508 год, Леонардо ја завршил втората верзија на Дева Марија на карпите и веројатно ја насликал Леда и лебедот, но оваа слика е изгубена и за неа се знае само врз основа на пишуваните извори и бројните копии. Исто така, Леонардо продолжил да работи на своите недовршени дела (на пример, Дева Марија и Исус со св. Ана) и се занимавал со анатомски истражувања, особено во текот на 1510-1512 год., при што предмет на неговото проучување биле мускулатурата, скелетот, движењата, функциите на срцето итн. Притоа, за разлика од претходните анатомски цртежи, овие биле засновани врз сопствени испитувања, направени на човечки трупови. Како резултат на овие проучувања, Леонардо оставил бројни студии на човечкото тело, кои со векови претставувале најпрецизни анатомски цртежи, кои биле далеку пред своето време.[16] Сепак, имајќи ги предвид околностите што владееле во тоа време (во прв ред, ставот на црквата кон анатмоските истражувања), цртежите што ги направил Леонардо останале заборавени и не оставиле поголемо влијание врз развојот на медицината.
Во 1511 год., ненадејно умрел патронот на Леонардо - Шарл д'Амбоа, а на 23 декември 1512 година, Максимилиjан Сфорца, син на Лудовикo Сфорца, влегол во Милано и ги протерал французите. Во септември 1513 год., Леонардо го напушил градот и заминал во Рим, заедно со неговиот нов патрон Џулијано де Медичи, брат на папата Лав Х.
Во мај 1513 год., Џовани Медичи, синот на Лоренцо Медичи, бил прогласен за нов папа под името Лав X. Иако покровител на Леонардо бил Џулијано де Медичи, веројатно тој работел и за благајникот на папата - Балдасаре Турини. Леонардо бил претставен на папскиот двор, каде што се надевал дека ќе добие порачки за големи дела, но помошниците кои му биле доделени (Германци) го шпиунирале и го клеветеле пред папата, така што тој не добил прилика за сликање. Во текот на 1514-1515 год., во дворецот на папата, Леонардо претставил многу од своите технички експерименти, меѓу кои и планот за исушување на мочуриштето Понтини, јужно од Рим. Покрај тоа, Леонардо правел и бројни научни експерименти со огледала, испитувал нови масла за сликање и материјали за заштита на сликите итн. Од овој период познати се само две слики на Св. Јован Крстител, од кои на втората, тој е претставен во природна големина, со атрибути на античкиот бог Бахус. Двете слики се создадени меѓу (1513 и 1516) год., но за нив не постои потполна сигурност дека се негово дело. Сепак, овие две слики се најважниот доказ за творештвото на Леонардо во Рим. Во март 1516 год., умрел Џулијано де Медичи и Леонардо повторно останал без покровител.
Во зимата 1516-1517 год., прифаќајќи ја поканата на францускиот крал Франсоа І да работи како негов дворски сликар, Леонардо ја напуштил Италија и се преселил во Франција. Таму тој пристигнал како прочуен уметник, како „божествениот“ Леонардо. Оттука, нему му била дадена на располагање една резиденција во Кола, во близината на кралскиот замок во Амбоа, каде што живеел со бројни пријатели и ученици. Притоа, Леонардо добивал многу висока плата, иако не е познато какви активности извршувал, освен што ги дизајнирал кралските прослави, се занимавал со научни експерименти, планирал иригациони проекти и слично. И покрај тоа што му се парализирала десната рака, Леонардо продолжил да работи до крајот на својот живот, при што, од овој период се зачувани само бројни цртежи на мачки, коњи и змејови. Сепак, постојат пишувани докази дека тој активно се занимавал со сликарство: Така, во едно свое писмо, Антонио де Беатис, секретарот на кардиналот Лујџи д'Арагона, пишува дека во октомври 1517 год., кардиналот го посетил Леонардо во Клоа и таму видел неколку слики во неговото ателје.
На 23 април 1519 год., Леонардо го напишал својот тестамент, а на 2 мај 1519 умрел, при што, како што кажува легендата, на смртната постела го придружувал лично францускиот крал. Според сопствената волја, Леонардо бил закопан во црквата св. Флорентин во Амбоа, но подоцна, неговиот гроб бил уништен за време на хугенотските војни. Во текот на 1520-1530 год., неговиот пријател и ученик, Франческо Мелци, ги собрал ракописите што ги наследил од неговиот учител, а најпознатите ги објавил под насловот Трактат за сликањето - збирка на теоретски и практични совети за сликарите. Еден друг ученик, Џакомо Салаи, наследил голем дел од сликите на Леонардо и по неговата насилна смрт во Милано, во 1525 год., во неговата оставнина биле пронајдени едни од најпознатите дела на Леонардо: Дева Марија и малиот Исус со св. Ана, Св. Јован Крстител, Леда и лебедот, Мона Лиза, Св. Хероним и уште еден портрет. Се претпоставува дека кон 1530 год., некои од овие дела завршиле кај францускиот крал и тие денес се наоѓаат во музејот Лувр во Париз.
Исто така, како непроценливо наследство се сметаат и научните белешки на Леонардо, напишани на околу 4 000 страници, кои по неговата смрт останале расфрлани низ бројни библиотеки и приватни колекции ширум Европа. Притоа, поголемиот дел од неговата научна работа останал непознат сè до XIX век, а голема улога во тоа имал и начинот на кој пишувал Леонардо: од десно кон лево, со превртени букви како одраз во огледало, со употреба на необични изрази и кратенки, спојување на повеќе зборови во еден долг збор, поделба на еден долг збор на два дела, без употреба на интерпункциски знаци, сите тие наредени без никаков логичен редослед.[17] Од зачуваните белешки, кои денес се објавени во повеќе изданија,[18][19][20] може да се согледа генијалниот ум на Леонардо, кој се занимавал со научни и технички истражувања во голем број области: архитектура, иригациони системи, географија, картографија, анатомија, ботаника, палеонтологија и еволутивна биологија,[21] аеродинамика, акустика, музичка естетика и конструирање музички инструменти итн.[22]
Во песната „Светилници“, францускиот поет Шарл Бодлер го опејува Леонардо.[23]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.