Загрос
планински венец во Иран и Ирак From Wikipedia, the free encyclopedia
Загрос (персиски: رشته كوه زاگرس, курдски: زنجیرهچیاکانی زاگرۆس, лурски: کو یه لی زاگروس, арапски: جبال زغروس, асирски новоарамејски: ܛܘܪ ܙܪܓܣ) — најголемиот планински венец во Иран и Ирак, со вкупна должина од 1.500 км. Се протега накосо од северозападен Иран, по целата должина на западниот и југозападниот дел на Иранската Висорамнина, па завршува во Ормускиот Проток. Највисоки планини во венецот се Зардкух и Дена. Системот има и источен крак во облик на масивот Хазаран во покраината Керман, при што Џебал Барез доаѓа дури до Систан.
Екологија
Планините на Загрос опфаќаат неколку екосистеми. Од нив преовладуваат шумските и шумостепските предели со полусува клима. Во средните и повисоките планински предели преовладува шумостепскиот екорегион[1]. Годишното количество на врнежи се движи од 400 до 800 мм и се јавува претежно во зима и на пролет. Зимите се остри и со мошне ниски температури (често −25 °C). Екорегионот е пример за континентална варијанта на средоземната климатска шема која е слична на онаа во Македонија — студени снежни зими и блага врнежлива пролет, проследена од суво лето и сува есен.[2]
Иако денес е пореметено поради преиспаша и обесшумување, подрајчето на Загрос има богат и разновиден растителен живот. Сè уште се среќаваат остатоци од некогашните дабови шумски предели, како и проретчените кории од ф’стак и бадем. На планините виреат и дивите предци на најзастапените прехранбени култури како пченицата, јачменот, леќата, бадемот, оревот, ф’стакот, кајсијата, сливата, калинката и грозјето.[3] Планините имаат и поголем број на загрозени видови, како што се загрошкиот глувчовиден крчок, ирачкиот трскар и пругавата хиена. Порано се мислело дека персискиот елен лопатар е исчезнат, но во најново време се пронајдени единки во јужниот дел на планиинте.
Историја
Во подножјето на Загрос се пронајдени знаци на земјоделски активности од барем 9000 години п.н.е.[4] во местата што подоцна станале градови како Аншан и Суза. Во тоа подрачје се наоѓа и пештерата Шанидар, каде се ископани останки од неандерталци.
Во местата Хаџи Фируз Тепе и Годин Тепе се најдени најстарите винарски визби (3500 и 5400 г. п.н.е.).[5]
Во пораните периоди на стариот век на планините живееле разни древни народи како Каситите, Гутејците, Асирците, Еламците и Митаните, кои повремено поаѓале во походи и ги заземале сумерските и акадските градови во Месопотамија. Некои места како Тел Базмусијан кај Шемшара биле од VI милениум п.н.е. до IX век н.е..[6]
Поврзано
Наводи
Надворешни врски
Wikiwand in your browser!
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.