„Ефи Брист“ (германски: Effi Briest) — роман на германскиот писател Теодор Фонтане од 1895 година.
- 1-5 глава: Во Хоен-Кремен живее брачниот пар Брист со убавата ќерка Ефи. Еден ден, кај нив доаѓа во посета баронот Гер фон Инштетн кој во минатото бил вљубен во госпоѓата Брист. Сега, тој на бара за жена Ефи и истиот ден се спроведува свршувачката, иако тој има 38 години, а Ефи само 17. Утредента, баронот се враќа во Померанија, а по некое време, Ефи и мајка ѝ заминуваат во Берлин, каде купуваат облека и други работи потребни за венчавката. Подоцна, во октомври, во родното место на семејството Брист се одржува свадбата, а утредента, Ефи и Герт заминуваат на меден месец во Италија, каде Герт ја запознава сопругата со бројни уметнички дела, зашто тој е голем љубител на сликарството.[1])
- 6-15 глава: Во средината на номеври, брачниот пар се враќа дома во малиот град Кесин. Веднаш по пристигнувањето, Ефи го запознава аптекарот Гизхиблер, а потоа и сите видни луѓе во градот и околината. Една ноќ, за време на отсуството на Герт, Ефи се буди од од страв и тогаш ѝ се причинува дека низ собата поминува Кинезот чија слика се наоѓа во една од напуштените соби во куќата. Утредента, додека минувата крај неговиот гроб, Герт ѝ ја раскажува приказната за Кинезот кој му бил слуга на претходниот сопственик на куќата. За време на концертот што го приредува Гизхиблер, Ефи ја запознава пејачката Марија Трипели. Пред Нова година, таа дознава дека е бремена, а зимата и пролетта ги минува во здодевност и осаменост. Летото, таа случајно ја запознава слугинката Розвита која ја вработува како дадилка за ќеркичката која се раѓа на 3 јули. Во средината на август се одржува крштевката на бебето, кое го добива името Аника, веднаш потоа Ефи и бебето престојуваат неколку недели кај нејзините родители, а во средината на септември се враќаат во Кесин.[2]
- 16-23 глава: Есента, Ефи и Герт започнуваат да се дружат со мајорот Крампас. Во декември, тој режира театарска претстава во која главната улога ја игра Ефи. Герт е љубоморен на нивниот однос и некое време Ефи се повлекува дома, но за време на неговиот престој во Берлин, таа секојдневно излегува надвор. Герт се враќа со веста за неговото вработување во министерството, а Ефи заминува во Берлин (каде веќе се наоѓа мајка ѝ) за да побара стан. Пред да замине, таа му пишува проштално писмо на Крампас, задоволна поради прекинот на нивната врска. По двенеделниот престој во Берлин, Ефи воопшто нема намера да се врати во Кесин, наспроти секојдневните писма од Герт. Најпосле, таа се преправа дека е болна и така останува во градот сѐ до доаѓањето на Герт.[3]
- 24-31 глава: По некое време, и Герт пристига во Берлин. Кон крајот на летото, тие заминуваат на одмор на балтичкиот брег, оттаму одат во Копенхаген и Данска, а потоа Герт се враќа во Берлин, додека Ефи и ќерката остануваат кај нејзините родители. Таму, таа размислува за својот грев. Полека минуваат седум години од нивниот престој во Берлин, исполнети со семејна среќа и со богат општествен живот при што Ефи се запознава дури и со царот и царицата. Поради влошеното здравје, Ефи заминува на одмор. Еден ден, сосема случајно, Герт ја открива нејзината преписка со Крампас и така дознава за неверството. Бесен, веднаш закажува двобој во близината на Кесин и го убива мајорот Крампас. Истиот ден, тој се враќа во Берлин, каде весниците веќе пишуваат за настанот, а тој решава да се раздели од Ефи. По неколку дена, таа добива писмо од нејзините родители, кои ја известуваат за настаните и се откажуваат од неа. Веднаш по приемот на писмото, Ефи го напушта одморалиштето.[4]
- 24-36 глава: Оттогаш минуваат три години: Ефи живее во мал стан во Берлин, заедно со слугинката Розвита. Еднаш, Ефи случајно ја здогледува Аника, но нема храброст да се соочи со неа, а потоа ја замолува сопругата на министерот да ѝ помогне да се сретне со ќерката. Набргу, Аника доаѓа во станот на Ефи, но девојчето е многу воздржано и тоа силно ја погаѓа Ефи. По некое време, кај Ефи се појавуваат знаци на туберкулоза и нервно растројство, па личниот лекар им пишува на нејзините родители да ѝ простат и да ја примат во нивниот дом. Така, Ефи се сели во Хоен-Кремен, каде живее повлечено, опкружена со љубовта и негата на родителите и на Розвита. За тоа време, Герт е унапреден, но тоа не му предизвикува никакво задоволство, зашто е потиштен поради уништената семејна среќа. Еден ден, Розвита му пишува писмо на Герт и тој го испраќа кучето Роло во Хоен-Кремен за да ѝ прави друштво на Ефи. Меѓутоа, Ефи повторно се разболува и набргу умира. Романот завршува со сцената во која брачниот пар Брист, во друштво со Роло, седат крај гробот на Ефи и се прашуваат дали тие се виновни за нејзината несреќа.[5]
Без сомнение, „Ефи Брист“ е најпознатото и најуспешното дело на Фонтане. Со својата морална проблематика и со трагичната иронија, овој роман се наоѓа на нивото на „Мадам Бовари“ на Флобер. Уште повеќе, за разлика од Флоберовиот лик кој не предизвикува симпатија кај читателот, Фонтане успеал Ефи да ја направи симпатична и мила жена со чиста душа кај која сите постапки се дело на „искрените чувства“. Иако историјата на нејзиниот брак ги има сите елементи како во забавните романи (брак без љубов, прељуба, двобој, развод и страдање), Фонтане е голем уметник и не се фокусира врз „што“ туку врз „како“. Делото е напишано во согласност со барањата кои авторот ги поставува пред модерниот роман од неговата епоха – „да го опише животот што е верен одраз на животот што го живееме ние“, зашто тој сметал дека „најдобриот роман е оној чии ликови се споредливи на ликовите од вистинскиот живот“. И покрај реализмот во прикажувањето, животната судбина на главниот лик е раскажана со меланхолична љубов на умен и благороден раскажувач кој знае дека е тешко да се бориме против „природниот човек“ во себе. Притоа, Фонтане покажува разбирање и трпеливост кон бедната човечка личност и токму тој социјално-етички момент, покрај формално-уметничкиот, му дава посебна вредност на овој роман. Фонтане не мисли да ги решава проблемите, но со својата нарација изнесува критика на општеството полно со противречности и јасно покажува дека е нехумано да го жртвуваме човекот поради конвенционалните предрасуди.[6]
Според Томас Ман, ако би сакале да направиме список на извонредни романи при што би морале да се ограничиме на десетина наслови, во таквиот избор мора да се најде и „Ефи Брист“.[7]
Teodor Fontane, Efi Brist. Rad, Beograd, 1969, стр. 3-29.
Teodor Fontane, Efi Brist. Rad, Beograd, 1969, стр. 29-89.
Teodor Fontane, Efi Brist. Rad, Beograd, 1969, стр. 89-144.
Teodor Fontane, Efi Brist. Rad, Beograd, 1969, стр. 144-183.
Teodor Fontane, Efi Brist. Rad, Beograd, 1969, стр. 144-210.
Miloš Đoršević, „Teodor Fontane“, во: Teodor Fontane, Efi Brist. Rad, Beograd, 1969, стр. 219.
Miloš Đoršević, „Teodor Fontane“, во: Teodor Fontane, Efi Brist. Rad, Beograd, 1969, стр. 215.