Вак’в
село во Општина Куманово From Wikipedia, the free encyclopedia
село во Општина Куманово From Wikipedia, the free encyclopedia
Вак’в (познато и како Вакав) — село во Општина Куманово, во областа Блатија, во околината на градот Куманово.
Вак’в Вакав | |
Воздушен поглед на селото Вак’в | |
Координати 42°1′22″N 21°44′49″E | |
Регион | Североисточен |
Општина | Куманово |
Област | Блатија |
Население | 61 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 1323 |
Повик. бр. | 031 |
Шифра на КО | 17014 |
Надм. вис. | 280 м |
Слава | Духовден |
Вак’в на општинската карта Атарот на Вак’в во рамките на општината | |
Вак’в на Ризницата |
Селото се наоѓа речиси во најјужниот дел на територијата на Општина Куманово, недалеку од брегот на реката Пчиња.[2] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 280 метри. Од градот Куманово е оддалечено 18 километри.[2]
Селото е поврзано со асфалтиран локален пат, кој води од селото Пчиња, додека од селото Винце води макадам.
Селото се развило на земјиште лево од коритото на реката Пчиња, сместено помеѓу пониското земјиште на запад и повисокото земјиште на исток. Околни села се Пчиња, Студена Бара, Винце, Д’лга и други. Во минатото, водата за пиење се добивала од бунари и летно време вода имало само во еден бунар.[3]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Рујно, Островица, Закашљив Камен, Плоча, Дрезга, Кука, Стојанџиково Лозје, Дупник, Карпа, Преслап, Блага Крушка, Три Крушки, Цер и Расје.[3]
Вак’в е збиен тип на село, поделено на две маала: Горно и Долно. Првото го основале жителите на родот Краварци, додека втората ја основале жителите на родот Корењаци.[3]
Преданието говори дека селото најпрвин било „манастирско село“, односно припаѓало на познатиот средновековен манастир „Св. Богородица“ над селото Матејче на Скопска Црна Гора. Тогаш, во селото зимувала бројна манастирска стока, додека лете се одгледувале пчели и се обработувала земјата. Во тоа време селото имало и друг назив. Меѓутоа, подоцна, по одлука на некој турски суд од Скопје, селото било одземено на манастирот и било поклонето на една софиска џамија. Потоа, поради некоја причина селото било раселено.[3]
Западно од Вак’в, во месноста Три Крушки селаните при орање наоѓале камен од некогашни куќни ѕидови и мислеле дека таму се наоѓало првичното село. Остатоци од старини и тоа стари гробови со крстови се наоѓаат и на местото на денешното село.[3]
Околу средината на XIX век, некој Турчин за 40 лири ја купил земјата на селото од софиската џамија. На таа земја тој населил македонски доселеници и го основал денешното село. Но, наскоро потоа, Турчинот го продал селото на Албанецот Бејта од Тетово. Бејта го оставил селото на синовите Асип-ефенди и Мурат-ефенди, кои живееле во Скопје. Синовите останале земјопоседници до 1912 година. Тогаш, Вак’в имало само 10 македонски куќи.[3]
Атарот на селото е мошне мал и зафаќа простор од 3,2 км2, при што преовладува обработливото земјиште со површина од 156,5 хектари, на пасиштата отпаѓаат 148,4 хектари, а на шумите само 1,1 хектар.[2]
Во основа, селото има полјоделска функција.[2]
По 1912 година, селаните на Вак’в поголемиот дел од земјата ја купиле од чифлиг-сахабиите, а помал дел од земјата им бил доделен при аграрната реформа. Сепак, по отоманскиот период, една третина од атарот на селото го присвоиле селаните на Винце и Пчиња.[3]
Во минатото, западно од селото во нивите се одгледувало жито, тутун и бостан, додека на пострмното земјиште на исток биле ливадите и шумата.[3]
До 1947 година, најмногу се одгледувале кози, но во голем број биле и овците и говедата.[3]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Вак’в живееле 60 жители, сите Македонци.[4] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Вак’в имало 56 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[5]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 100 Македонци.[6]
Селото е мало и во 1961 година броело 259 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 122 жители, македонско население.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Вак’в живееле 108 жители, сите Македонци.[7]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 61 жител, од кои 57 Македонци и 4 лица без податоци.[8]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 60 | 56 | 219 | 239 | 259 | 234 | 164 | 131 | 122 | 108 | 61 |
Вак’в е македонско село.[3]
Според истражувањата од 1953 година, родови во селото се:
Кон крајот на XIX век, Вак’в било село во Кумановската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Куманово, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Куманово.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово. Во перидот од 1955 до 1965 година селото припаѓало на поранешната општина Орашац.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Орашац, во која покрај селото Вак’в, се наоѓале и селата Алакинце, Винце, Д'лга, Доброшане, Живиње, Колицко, Малино, Орашац, Пчиња, Скачковце и Шупли Камен. Во периодот 1950-1952 година селото влегувало во рамки на некогашната Општина Пчиња, во која влегувале селата Вак’в, Пчиња и Студена Бара.
Селото е опфатено во избирачкото место бр. 1092 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште во селото Пчиња. Во ова избирачко место влегуваат селата Вак’в и Д’лга.[13]
На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 83 гласачи.[14]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.