Remove ads
село во Општина Куманово From Wikipedia, the free encyclopedia
Довезенце (познато и како Довезанце или Довезенци) — село во Општина Куманово, во областа Средорек, во околината на градот Куманово.
Довезенце Довезанце или Довезенци | |
Воздушен поглед на селото Довезенце | |
Координати 42°6′6″N 21°54′27″E | |
Регион | Североисточен |
Општина | Куманово |
Област | Средорек |
Население | 83 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 1304 |
Повик. бр. | 031 |
Шифра на КО | 17031 |
Надм. вис. | 360-560 м |
Слава | Спасовден |
Довезенце на општинската карта Атарот на Довезенце во рамките на општината | |
Довезенце на Ризницата |
Селото се наоѓа во источниот дел на територијата на Општина Куманово, чиј атар се допира со подрачјето на општината Старо Нагоричане. Тоа е сместено на левиот брег на Крива Река, недалеку од десната страна на железничката линија Скопје-Куманово-Бељаковце.[2] Селото е ридско и неговите маала се наоѓаат на надморска височина од 360 до 560 метри. Од градот Куманово, селото е оддалечено 26 километри.[2]
Низ атарот на самото село поминува регионалниот пат 29277.
Довезенце е познато село во Кумановско, кое се наоѓа во долината на Крива Река, сместено главно на нејзиниот лев брег. Околни села се Мургаш на југ, Јачинце на запад, Бељаковце на исток и Стрезовце на север. Во минатото, мештаните водата за пиење ја добивале од бунари и од неколку извори соѕидани во чешми. Некои извори се наречени Јеленац, Лозница, Бунарче, Чешмиче, Дерков Чукар, Брестов Дол, Ајдучко Кладенче, Мутавџиска Чешма, Зајевац, Црна Врба, Ѓоровац и други.[3]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Лачуга, Дерково Чукарче, Солиште, Оџина Падина, Маренковац, Делено Поле, Лозница, Јованов Чукар, Селиште, Шумулатица, Падовник, Стари Лозја, Ратковац, Спасевица, Будимирац, Липац, Стара Црква, Градиште, Јастребичарник, Долна и Горна Река и Орљак.[3]
Селото има разбиен тип и е поделено на голем број маала. Најголем дел од нив се наречени по родовите, како Велчевци, Вукановци, Јовевци, Ратковчани, Младеновци и други. Како средишни маала се сметаат Ратковското и Јовевското. Кај нив се наоѓа основното училиште изградено по Првата светска војна.[3]
Остатоци од стари населби се наоѓаат на три места, Селиште, Солиште и Преко Река, за што мештаните кажуваат дека таму живееле Римјаните. Кај Селиште се наоѓа селската црква „Вознесение Христово“ („Св. Спас“), која е изградена кон доцниот XVI или почетокот на XVII век на остатоци на поранешен храм. Тука се наоѓало и старото селско училиште, изградено уште во 1820 година.[3]
Месноста Градиште се наоѓа во северниот дел на атарот (десно од Крива Река), на самата граница со Стрезовце.[3]
Денешното село влегува во релативно старите села во Кумановско. Во него се зачувани бројни стари родови. Постои предание дека ова село и соседното село Мургаш ги основале двајца браќа. Најпрвин браќата живееле во Мургаш, но нивните сточарски трла биле на местото на Довезенце. Кога се поделиле, едниот од браќата останал во Мургаш, а другиот се преселил во Довезенце.[3]
Од основачот на селото потекнуваат сите денешни родови, кои слават Свети Архангел (Велчевци, Џаковци, Јовевци, Вукановци, Далевци и други).[3]
Атарот на селото зафаќа простор од 12,7 км2, при што преовладуваат пасиштата со површина од 549,6 хектари, на обработливите површини отпаѓаат 548,2 хектари, а на шумите само 52,5 хектари.[2]
Во основа, селото има полјоделско-сточарска функција.[2]
Довезенце и останатите села во долината на Крива Река повеќе се насочиле да имаат земјиште за обработување и за чување на стоката. Така, поголемиот дел од нивите се наоѓаат јужно од реката, додека пасиштата се наоѓаат северно од реката. Од таа причина и нивните атари се издолжени во насока север-југ.[3]
Во селото во текот на отоманскиот период немало чифлици и мештаните обработувале своја земја. Во тоа време, во маалото Станишковци се наоѓала мала станица со запчаници („каракол“).[3]
Од 1957 година, селото е поврзано со железничката линија Куманово-Бељаковце, поради што покрај пругата за брзо време се создало ново маало. Една година претходно, во месноста Орљак се отворил рудникот „Туф“, од каде се вади глина потребна за цемент и со железницата се пренесува во Куманово.[3] Како дел од проектот за обнова на пругата Куманово-Бељаковце и подоцнежно нејзино продолжување до Бугарија, предвидено е во селото да биде изградено железничко стојалиште.[4]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Довезенце живееле 560 жители, сите Македонци.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Довезенце имало 40 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија и 640 Македонци патријаршисти.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 650 Македонци.[7]
Од селото се иселил значителен број на населението, така што тоа преминало од средно во мало село. Така, во 1961 година селото броело 762 жители, додека во 1994 година бројот се намалил дури на 167 жители, од кои 163 биле Македонци, а тројца жители Срби.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Довезенце живееле 123 жители, сите Македонци.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 83 жители, од кои 73 Македонци, 1 Србин и 9 лица без податоци.[9]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 560 | 680 | 752 | 796 | 762 | 612 | 392 | 210 | 162 | 123 | 83 |
Довезенце е македонско село.[3]
Според истражувањата од 1972 година, родови во селото се:
Во турско време од ова село имало иселеници во селата Јачинце (Гужваровци), Вак'в (Богданови), Винце (Домазетовци).[3]
Во 1946 година 2 семејства се иселиле во селото Глогоњ кај Панчево.[3]
Меѓутоа од 1958 година почнало најсилното иселување и водело кон градовите Скопје и Куманово.[3]
Кон крајот на XIX век, Довезенце било село во Кумановската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Куманово, која била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било дел од некогашната Општина Клечевце.
Во периодот од 1962 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Куманово. Селото припаѓало на некогашната општина Клечевце во периодот од 1955 до 1962 година.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Клечевце, во која покрај селото Довезенце, се наоѓале и селата Бељаковце, Зубовце, Јачинце, Клечевце, Косматац, Мургаш и Новоселани. Во периодот 1950-1952 година селото било седиште на некогашната Општина Довезенце, во која влегувале селата Бељаковце, Довезенце, Јачинце и Мургаш.
Во селото постои избирачкото место бр. 1145 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на железничката станица.[14]
На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 46 гласачи.[15]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.