Арангел (село)
село во Општина Кичево From Wikipedia, the free encyclopedia
село во Општина Кичево From Wikipedia, the free encyclopedia
Арангел (изворно: Аранѓел) — село во областа Горно Кичево, во Општина Кичево, сместено во околината на градот Кичево.
Арангел Аранѓел | |
Поглед на селото | |
Координати 41°35′40″N 21°01′27″E | |
Регион | Југозападен |
Општина | Кичево |
Област | Горно Кичево |
Население | 292 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 6254 |
Повик. бр. | 045 |
Шифра на КО | 12001, 12501 |
Надм. вис. | 827 м |
Арангел на општинската карта Атарот на Арангел во рамките на општината | |
Арангел на Ризницата |
Името на селото потекнува од стариот храм „Св. Архангел“, кој се наоѓал на тврдината Меркулија.[2]
Селото се наоѓа во областа Горно Кичево, сместено во североисточниот рамничарски дел на Кичевската Котлина, во северниот дел на подрачјето на Општина Кичево.[3] Селото е рамничарско, на надморска височина од 705 метри. Од градот Кичево е оддалечено 13 километри.[3] Арангел се наоѓа на западните падини на планината Челоица.
Куќите на ова село се наоѓаат во долови и на благи падини покрај некогашната теснолиниска железница Скопје-Охрид. Околни села се: Србица, Жубрино, Поповјани и Туин.[2]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Манастириште, Илинец, Турска Ливада, Турски Даб, Меѓа, Каменица, Слатина, Меркулија, Јасак, Камчиња, Мерајка, Долга Нива, Бубана, Леска и Волчки Камен.[2]
Селото има збиен тип. Куќите на родовите се групирани.[2]
Во селото се наоѓаат старини од разни епохи. Покрај селото, од неговата источна страна, се наоѓа возвишението Меркулија или Маркови Кули. Таму се наоѓаат остатоци од некогашна тврдина, а внатре се наоѓаат рушевини од храм „Св. Архангел“. На денот на црковната слава доаѓале луѓе и од околните села. На местото на денешното село се наоѓала населба.[2]
Западно, пак, од селото се наоѓа месноста Манастириште, но во нивите нема видливи остатоци од старини.[2]
Традицијата наведува дека селото е старо и првпат било забележано во историските извори, во втората половина на XV век под истото име, кога имало 55 словенско-христијански куќи, поделени на два дела.[2]
Од пред два века во селото започнале да се населуваат муслимански Арбанаси. Истовремено, Македонците од селото постепено се иселувале и до крајот на XIX век нивниот број се намалил на само 14 домаќинства.[2] Доселувањето на Арбанасите се случило кога селото било заземено од Сефедин-бег и го претворил во чифлиг.[4]
Во XIX век, Арангел било село во Кичевската каза на Отоманското Царство.
Последните три домаќинства избегале од селото околу 1900 година. Главите на домаќинствата се викале: Петре, Штерјо и Трпе. Трпе се иселил во прилепското село Ропотово, а останатите во Кичево.[2]
Атарот е мошне мал и зафаќа простор од само 3,4 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 124,3 хектари, на пасиштата отпаѓаат 66,6 хектари, а на шумите 39,8 хектари.[3]
Селото, во основа, има полјоделска функција.[3]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците од 1873 година, селото Арангел имало 32 домаќинства со 92 жители муслимани и 26 христијани (Македонци).[5]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото имало 225 жители, од кои 175 Албанци и 50 Македонци.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Арангел имало 80 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Арханѓел се води како чисто македонско село од мешана (муслиманска и православна) вероисповед во Кичевската каза на Битолскиот санџак со 30 куќи.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 300 Албанци.[9]
Во Арангел живее само албанско население, кое во 1961 година броело 372 жители, а во 1994 година 640 жители.[3]
Пописот од 1991 година не бил одржан во селото Арангел, бидејќи неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема податоци.[заб 1]
Според пописот од 2002 година, во селото Арангел живееле 709 жител, од кои 708 Албанци и 1 останат.[10]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 292 жители, од кои 278 Албанци, 1 Бошњак и 13 лица без податоци.[11]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 225 | 80 | 347 | 357 | 372 | 500 | 553 | 0 | 640 | 709 | 292 |
Арангел е албанско село.[2]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1960-тите години родови во селото се: Леновци (32 к.), најстар род во селото, доселени се од областа Матија во северна Албанија. Од споменатата старина се иселиле тројца браќа, првиот дошол во селото Арангел од кој потекнува денешниот род, вториот се иселил во Поповјани, а третиот се иселил во прилепското село Дебреште. Го знаат следното родословие: Ајредин (жив на 70 г. во 1961 година) Мустафа-Ајро-Амет-Тафо, основачот на родот кој се доселил; Бајрамовци (25 к.), доселени се од Мат во северна Албанија, најпрво во Србица, па овде. Во Србица имаат роднини, а тоа се Зиловци (20 к.). Го знаат следното родословие: Реџеп (жив на 80 г. во 1961 година) Фета-Бајрам, основачот на родот кој се доселил од Србица; и Зуљовци (7 к.), најмлади доселеници во селото, исто така од Мат во Албанија.
Според истражувањата, пак, на Тома Смиљаниќ во периодот од 1921-1926 година родови во селото се:[4] Суловци (14 к.), Леновци (22 к.) и Адиловци (13 к.), дошле на чифлик од Србица, а некои кажуваат дека имаат потекло од Дебар и дека тука ги довел Абди-бег да работат на чифлигот.
Селото влегува во рамките на Општина Кичево, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2013 година. Во периодот од 1996-2013 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Осломеј.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кичево. Селото припаѓало на некогашната општина Кичево во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Осломеј, во која покрај селото Арангел, се наоѓале и селата Гарани, Жубрино, Лазаровци, Мамудовци, Ново Село, Осломеј, Премка, Србица, Стрелци, Црвивци и Шутово. Во периодот 1950-1952, селото влегувало во рамки на некогашната општина Србица, заедно со селата Арангел, Ново Село, Србица и Туин.
Во селото постои избирачкото место бр. 0787 според Државната изборна комисија, сместено во селскиот дом.[16]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 577 гласачи.[17]
Во минатото во селото постоел храмот „Св. Архангел“, кој се наоѓал на возвишението Меркулија, а христијанските гробишта се наоѓале на средината на селото, но камените крстови биле уништени од муслиманите.[2]
За иселувањето на христијанските македонски родови се знае следново: македонскиот род Наумовци се иселил во селото Премка (5 к.). Наумовци од Арангел дале свои преселници во Кичево и Битола. Потоа родот Глувачровци (5 к.) се иселиле во соседното село Поповјани. Има македонски иселеници и во соседната област Порече: во селата Девич (Јакимовци, 1 к.), Слатина (Арангелци, 1 к.) итн. Како последни глави на родови кои се иселиле од селото биле Петре, Штерјо и Трпе.[2]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.