село во Општина Кичево From Wikipedia, the free encyclopedia
Жубрино — село во областа Горно Кичево, во Општина Кичево, сместено во околината на градот Кичево.
Жубрино | |
Поглед на селото со термоцентралата „Осломеј“ | |
Координати 41°35′12″N 21°0′37″E | |
Регион | Југозападен |
Општина | Кичево |
Област | Горно Кичево |
Население | 203 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 6254 |
Повик. бр. | 045 |
Шифра на КО | 12021 |
Надм. вис. | 696 м |
Жубрино на општинската карта Атарот на Жубрино во рамките на општината | |
Жубрино на Ризницата |
Во непосредна близина на селото се наоѓа РЕК „Осломеј“.
Селото се наоѓа во областа Горно Кичево, сместено во Кичевската Котлина, во северниот дел на подрачјето на Општина Кичево, од десната страна на патот и железничката пруга Кичево-Гостивар.[2] Селото е рамничарско, на надморска височина од 670 метри. Од градот Кичево е оддалечено 11 километри.[2] Жубрино се наоѓа на западните падини на планината Добра Вода.
Селото се наоѓа помеѓу рамното земјиште на исток и падините на возвишението Вардино на запад. Околни села се: Србица на исток, Арангел на североисток и Осломеј на југозапад.[3] Сместено е на патот помеѓу селата Осломеј и Поповјани.[4]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Селиште, Кафеџица, Млака, Ливадичиња, Долна Ограда, Кавгалија, Киша, Вардина, Кориште, Лаг, Варени, Крој Асани и Крој Адеми.[3]
Селото има збиен тип, поделено на три маала: Горно, Долно и Преку Река.[3]
Жубрино е старо село и најпрвин било словенско-христијанско село. Првпат било забележано во историските извори во втората половина на XV век, кога во турските пописни дефтери било забележано со 2 куќи, христијански семејства.[5] Подоцна нивниот број се зголемил на 20.[3]
Старото село се наоѓало 500 метри западно од денешното во месноста Селиште. Денес, таму се наоѓаат ниви.[3]
Во XIX век, Жубрино било претворено во чифлиг од Албанецот Канла-ага населен во Кичево (по потекло од Калица во Северна Албанија). Изградил кула, штали и куќи за македонските чифчии. Се наоѓале на местото на денешното село, односно во самото поле. Поради ова, населбата во Селиште опустела.[3]
До 1880 година, во Жубрино имало Македонци чифчии. Македонците живееле на чифлигот на Алил-аге, син на споменатиот Канла-ага. Целата земја од 100 хектари (ниви и шума) била негова. Таа година, Македонците биле иселени, бидејќи сопственикот на чифлигот започнал да ја продава земјата на Арбанаси од околните села. Најпрвин се доселиле Арбанаси од Ќафа на планината Буковиќ, а потоа следеле и Арбанаси од други села. Последното парче земја била купена во 1912 година.[3]
Македонците имале своја црква во месноста Киша, покрај некогашната населба во Селиште. Тоа е обраснато од шума, а во непосредна близина се наоѓаат и старите македонски гробишта. Кулата со амбарот постоела на местото Чифлик, каде денес се наоѓа куќата на Салиовци.[3]
Во XIX век, Жубрино било село во Кичевската каза на Отоманското Царство.
Атарот е мал и зафаќа простор од 3,3 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 123,7 хектари, на шумите отпаѓаат 122 хектари, а на пасиштата 47,9 хектари.[2]
Селото, во основа, има полјоделска функција. Во селото постои продавница.[2]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците од 1873 година, селото Жубрино имало 52 домаќинства со 150 жители муслимани и 50 христијани.[6]
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото имало 260 жители, сите Албанци.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 150 Албанци.[8]
Жубрино во 1961 година броело 328 жители, додека во 1994 година бројот се зголемил на 405 жители, албанско население.[2]
Пописот од 1991 година не бил одржан во селото Жубрино, бидејќи неговото население одбило да учествува, односно го бојкотирало неговото одржување, поради што за таа пописна година, за селото нема податоци.[заб 1]
Според пописот од 2002 година, во селото Жубрино живееле 547 жители, од кои 544 Албанци и 3 останати.[9]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 203 жители, од кои 198 Албанци и 5 лица без податоци.[10]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 260 | — | 248 | 294 | 328 | 392 | 416 | 0 | 405 | 547 | 203 |
Денес, Жубрино е албанско село, кое било населено од арбанашки родови од околните села.[3]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1960-тите години родови во селото се: Багардан (4 к.), првите албански доселеници. Се доселиле пред 85 години од селото Ќафа на планината Буковиќ. Се знае следното родословие: Исен (жив, на 54 години)-Шериф-Џафер, кој се доселил од Ќафа. Подалечното потекло им е од Северна Албанија; Губероски (15 к.), доселени се од Србица. И нивното подалечно потекло е од Матија од Северна Албанија; Тафалар (4 к.) и Пињалоски (9 к.), доселени се од Туин. Подалечно потекло од Северна Албанија; Фетоличи (4 к.), доселени се од Гарани. Подалечно потекло им е од Матија, Северна Албанија; Шегалари (3 к.), доселени се од Долно Строгомиште. Таму припаѓале на поалбанченото словенско население; и Чадороски (2 к.), доселени се од Црвивци. Подалечното потекло им е од Северна Албанија.
Според истражувањата, пак, на Тома Смиљаниќ во периодот од 1921-1926 година родови во селото се:[4]
Селото влегува во рамките на Општина Кичево, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2013 година. Во периодот од 1996-2013 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Осломеј.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кичево. Селото припаѓало на некогашната општина Кичево во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Осломеј, во која покрај селото Жубрино, се наоѓале и селата Арангел, Гарани, Лазаровци, Мамудовци, Ново Село, Осломеј, Премка, Србица, Стрелци, Црвивци и Шутово. Во периодот 1950-1952, селото влегувало во рамки на некогашната општина Осломеј, заедно со селата Жубрино, Осломеј и Црвивци.
Во селото постои избирачкото место бр. 0792 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[15]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 426 гласачи.[16]
Во минатото во селото постоел црковен храм во месноста Селиште.[4]
По Втората светска војна, од селото се иселиле четири албански семејства: две во Кичево и две во Турција. Потекнуваат од родовите Губероски и Чадороски.[3]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.