From Wikipedia, the free encyclopedia
Француската револуција — движење што ја потресе Франција меѓу 1789–1799 и претставува период на голема политичка и општествена промена во француската политичката историја, но и на Европа во целина. Во неа, француската структура на власта, претходно апсолутна монархија со феудални привилегии за аристократијата и католичкото свештенство, претрпела радикална промена во форми инспирирани од просветителските идеали на република, граѓанство и неотуѓиви права.
Овие промени биле проследени со насилни немири, вклучувајќи и масовни погубувања и репресија за време на таканареченото Владеење на Теророт, како и со француските револуционерни војни, кои ќе зафатат голем дел од континентална Европа, со создавање на краткотрајни француски клиентски држави (сестрински држави) и менување на европските граници.
Една од причините за револуцијата е дека, пред 1789 година француското општество било поделено на сталежи: сталеж на свештенството, кој опфаќал околу 100.000 лица; сталеж на аристократијата (благородниците) - 400.000 лица, и сталеж на народот составен од сите останати (околу 23 милиони луѓе). Сталежите на свештенството и на аристократијата не плаќале даноци и имале многубројни привилегии. Во сталежот на народот, пак, со текот на времето се развила силна буржоазија која сакала да има поголем удел во владеењето на земјата. Тоа довело до класен конфликт.
Друга причина за револуцијата била финансиската криза во Франција. Луј XVI направил обид за излегување на земјата од кризата и вовел даноци и за свештенството и за аристократијата, и го свикал Сталешкото собрание. Сепак, ова не успеало да го смири третиот сталеж, кои се собрале во Салата за тенис во Версај и заколнале дека нема да се раздојуваат сè додека не биде донесен Устав на Франција, на тој начин, било создадено Националното собрание. На 26 август 1789 била донесена Декларација за правата на човекот и граѓанинот, со која Французите се прогласиле за еднакви со своите права за слобода, сопственост и безбедност.
Се смета дека Француската револуција како историски период започнува во 1789 година, со состанокот на Националното собрание и освојувањето на Бастилја, а завршува околу 1799, со државниот преврат на 18 бример (9 - 10 ноември 1799) од страна на Наполеон Бонапарт. Во следните 75 години, Франција ќе биде управувана како република, диктатура, уставна монархија и империја. Исто така, револуцијата ќе создаде трајна поделба помеѓу приврзаниците на револуционерните идеи и бранителите на стариот режим, помеѓу антиклерикалците и католичката црква.
Французите ја сметаат оваа револуција за најзначаен настан во нивната историја, и не случајно денешните републикански симболи се имаат појавено токму за време на револуционерниот период. Револуцијата ќе стави крај на кралскиот апсолутизам, на поделеноста на сталежи и на привилегиите. Таа прогласува еднаквост на граѓаните пред законот и суверенитет на Нацијата, способна да се води себеси со пратеници избрани на слободни избрани.
Револуцијата, сама по себе, е епохален настан во историјата на Европа. Се смета за пресвртница во западната демократијата што ќе предизвика далекусежни промени - појавата на граѓанството како главна политичка и буржоазијата како главна економска сила.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.