Remove ads
From Wikipedia, the free encyclopedia
Француските револуционерни војни (француски: Guerres de la Révolution française) биле серија на воени конфликти во периодот од 1792 до 1802 г. како резултат на Француската револуција. Во војните Франција војувала против Велика Британија, Австрија, Светото Римско Царство, Прусија, Русија и неколку други монархии. Тие се делат на два периода: Војна на Првата коалиција (1792–97) и Војна на Втората коалиција (1798–1802). На почетокот борбите биле ограничени на Европа, а потоа постепено добиле глобална димензија. По една деценија постојана војна и агресивна дипломатија, Франција ги освоила териториите на Италијанскиот полуостров, Ниските Земји и Рајнската област во Европа, а ја напуштила Луизијана во Северна Америка. Успехот на Франција во овие конфликти придонело за ширење на револуционерните принципи во поголемиот дел од Европа.
Француски револуционерни војни | |||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|
Дел од Коалициските војни | |||||||
Горе: Битката кај Валми (20 септември 1792) Долу: Битката кај Маренго (14 јуни 1800) |
|||||||
|
Уште во 1791 година, монархиите во Европа биле против револуцијата во Франција; и размислувале дали треба да интервенираат и да го поддржат кралот Луј XVI за да се спречи ширењето на револуцијата, или пак да го искористат хаосот во Франција. Австрија поставила трупи на својата француска граница и заедно со Прусија, ја издала Декларацијата од Пилниц, според која доколку нешто им се случи на кралот Луј XVI и кралицата Марија-Антоанета ќе следуваат тешки последици по Франција. Откако Австрија одбила да ги повлече своите трупи од француската граница и да ја повлече заканата за употреба на сила, Франција, пролетта 1792 година, им објавила војна на Австрија и Прусија. По ова, двете земји координирано ја нападнале Франција. Нападот бил одбиен во битката кај Валми (септември 1792). По оваа победа Националната конвенција ја укинала монархијата.[1] Серијата победи на новите француски војски ненадејно завршила со пораз кај Неервинден (пролетта 1793 г.). Французите истата година претрпеле уште неколку порази, а тоа го искористиле Јакобинците кои го наметнале владеењето на теророт за да ја обединат нацијата.
Во 1794 година, Французите однеле огромни победи кај Флеурус против Австријците и на Црната планина против Шпанците. Тие го навестиле почетокот на нова етапа во војните. До 1795 година, Французите ги зазеле Австриска Холандија и Холандската Република. Со Базелскиот мировен договор, Французите ги отстраниле Шпанија и Прусија од војната. Дотогаш непознатиот генерал по име Наполеон Бонапарт го започнал својот прв поход во Италија (април 1796 г.). За нецела година, француските војски под Наполеон ги десеткувале хабсбуршките сили и ги истиснале од Апенинскиот Полуостров, ја добиле речиси секоја битка и заробиле 150.000 заробеници. Кога француските сили почнале да маршираат кон Виена, Австријците барале мир и се согласиле на Договорот од Кампо Формио, со што се ставил крај на Првата коалиција против Републиката.
Војната на втората коалиција започнала во 1798 година со француската инвазија на Египет, на чело со Наполеон. Францускиот поход на Блискиот Исток го искористиле сојузниците за си ги вратат териториите изгубени од Првата коалиција. Сојузниците добро напредувале во Европа, и постепено ги избркале Французите од Италија и ја нападнале Швајцарија – попатно победиле кај Мањано, Касано и Нови. Пресвртница била победата на Французите кај Цирих (септември 1799 г.), по која Русија излегла од војната.[2] Во меѓувреме, силите на Наполеон победувале во низа против египетски и отомански војски во битките кај Пирамидите, планината Табор и Абукир. Победи во Египет ја зголемиле популарноста на Наполеон во Франција, и тој триумфално се вратил есента 1799 година, иако египетската кампања на крајот завршила со неуспех. По победата на Кралската морнарица во битката кај Нил во 1798 година, дополнително ја зајакнало британската контрола врз Медитеранот, а ја ослабнало француската морнарица.
Враќањето на Наполеон од Египет довело до пад на Директориумот по државниот удар од 18 Брумер, при што Наполеон си се поставил како конзул. Потоа, Наполеон ја реорганизирал француската армија и пролетта 1800 година започнал нов напад против Австријците во Италија. По одлучувачката француска победа во битката кај Маренго (јуни 1800 г.), Австријците уште еднаш се повлекле од полуостровот. По вториот француски триумф во Хоенлинден во Баварија, Австријците биле принудени по втор пат да бараат мир, по што бил потпишан Договорот од Луневил (1801 г.). По излегувањето на Австрија и Русија од војната, Британија била изолирана и со владата на Наполеон во 1802 година се согласила на Договорот од Амјен, со кој завршиле Револуционерните војни. Но тензиите било тешко да се задржат, и за нешто една година подоцна започнале Наполеоновите војни со формирањето на Третата коалиција, со што продолжила серијата на Коалициски војни.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.