италијански фудбалски клуб From Wikipedia, the free encyclopedia
ФК Рома (итал. "Associazione Sportiva Roma- A.S. Roma"), или едноставно кажано Рома, е професионален италијански фудбалски клуб од градот Рим. Во моментов се натпреварува во Серија А, највисокото ниво на италијанскиот фудбалски лигашки систем.
Рома | ||||
---|---|---|---|---|
Целосно име | Фудбаслки клуб Рома | |||
Прекар | Џалороси | |||
Основан | 22 Јули 1927 | |||
Локација | Рим, Италија | |||
Стадион | Стадион Олимпико | |||
Капацитет | 72,698 | |||
Претседател | Џејмс Палота | |||
Менаџер | Пауло Фонсека | |||
Лига | Серија А | |||
2018-19 | Серија А, 6. место | |||
Мреж. место | Официјално мрежно место | |||
Титули | 15 | |||
| ||||
Тековна сезона |
Клубот бил основан со спојување во 1927 година, и оттогаш до денес има учествувано во сите сезони во највисоката фудбалска лига на италијанскиот фудбал, со исклучок само на една сезона во раните 50-ти години (1951-1952). Рома ја има освоено титулата во Серија А трипати, првпат во сезоната 1941-1942, потоа во 1982-1983 и последен пат во сезоната 2000-2001, а исто така има девет наслови во Купот на Италија, и три во Суперкупот на Италија. На Европската сцена, Рома го освоила Купот на саемски градови во сезоната 1961-1962 година, и била блиску до освојувањето на Европскиот куп на шампиони во сезоната 1983-1984 кога во финалето играно во Рим (на нивниот домашен терен) загубиле од Ливерпул по изведување на пенали со 4-2 откако по 120 минути резултатот бил нерешен 1-1. Исто така, Рома била финалист и во второто по важност европско натпрварување, Купот на УЕФА, кога во сезоната 1990-1991 биле поразени во двомечот од Интер.
Својте домашни натпревари екипата на Рома ги игра на Стадионот Олимпико. Истиот стадион е исто така дом и на нивниот градски и најголем соперник Лацио, со кого играат натпревари познати под името Дерби дела Капитале (превод на мак. Дербито на главниот град). Стадионот е со капацитет од над 72.000 места, и е втор по големина стадион во Италија, по Сан Сиро, којшто собира нешто повеќе. Во септември 2009 година клубот ги обелодени своите планови за изградба на нов стадион со капацитет од 55.000 места во западните предградија на Рим. Неговиот дизајн бил според моделот на англиските стадиони, сè со цел на навивачите да им се даде близок поглед на теренот, но сепак изградбата на новиот стадион сè уште не е започната.
Боите на клубот се бордо и златна, поради што клубот го добил прекарот Џалороси (превод на мак. жолто-црвени). Амблемот на клубот ги вклучува боите на клубот и волчицата, која асоцира на митот за Рим.
ФК Рома била основана во летото 1927 година од Итало Фоски[1], кој бил главниот иницијатор за спојување на трите постари клуба од италијанската фудбалска лига: ФК Роман, СС Алба-Аудаче и Фортитудо-Про Рома СГС. Предлогот за спојување бил со цел да се создаде силен клуб во главниот град кој ќе може да им парира на веќе постоечките доминантни клубови од Северна Италија во тоа време. Лацио бил единствениот поголем клуб од Рим кој не бил приклучен во спојувањето поради интервенирањето на генералот на фашистичката полиција, Вакарио, член на клубот и главен на Фудбалската федерација на Италија во тоа време. Клубот своите први сезони ги играл на стадионот Мотовелодромо Апио[2], пред да ги заседне улиците на работничките класи во Тестачо, каде бил изграден стадионот Кампо Тестачо, и истиот бил отворен во ноември 1929 година.[3] Првата сезона од основањето во која Рома направила голем знак било првенството во сезоната 1930-1931, кога тие завршиле на втората позиција во лигата, зад Јувентус. Капитенот Атилио Ферарис заедно со Гидо Масети, Фулвио Бернарди и Родолфо Волк биле меѓу најважните играчи во текот на овој период.[4]
По падот кој го доживеала во лигата и заминувањето на клучните играчи, Рома го обновила тимот со купување на напаѓачи, како аргентинецот Енрике Гуаита.[5] Под тренерската палка на Лујџи Барнесино, римскиот клуб дошол многу блиску до првата титула во сезоната 1935-1936, но сепак морале да се задоволат само со второто место во лигата, завршувајќи со еден бод помалку зад шампионот Болоња.[6]
Рома се вратила во форма по неконсзистентните сезони во доцните 1930–ти. Во сезоната 1941-1942 со неочекуван триумф, Рома го освоила своето прво ''скудето'' во историјата на клубот. Со 18 постигнати гола Амедео Амедеи бил клучниот играч во оваа сезона за освојувањето на титулата која била од суштинско значење за тренерот на Рома, Алфред Шафер. Во тој период Италија учествувала во Втората светска војна и Рома играла на Стадионот на Националната Фашистичката Партија.[7]
Во периодот после војната, Рома не успеала да ја поврати формата од раните 1940-ти, па во следните пет сезони заземала место во втората половина на табелата, за на крај да подлегне и кон крајот на сезоната 1950-1951 да испадне во Серија Б, речиси по само едно десетлетие по освојувањето на титулата.[8][9] Под водство на идниот селектор на италијанската репрезентација, Џузепе Вијани, Рома изборила промоција и враќање во Серија А по само една сезона отсуство откако го освоиле првото место во Серија Б во сезоната 1951-1952.[10]
По враќањето во Серија А, Рома успеала да се стабилизира и повторно да се врати во средината на табелата со играчи како што биле Егисто Пандолфини, Дино Да Коста и данецот Хелге Броне. Најголемиот успех од одвој период клубот го забележал под водство на англичанецот Џеси Карвер, кога во сезоната 1954-1955 завршиле првично на третото место, зад шампионот Милан и Удинезе, кој подоцна бил осуден за корупција и исфрлен во понизок ранг на натпреварување со што Рома го заземала второто место. Меѓутоа Рома не била способна да се пробие повторно во првите четири додека траело ова десетлетие, по што тие требало да преземат некои мерки за да постигнат успех во куповите. Во сезоната 1960-1961 Рома за првпат ја имала честа да игра надвор од Италија, учествувајќи во Купот на саемските градови којшто и го освоиле, победувајки го англискиот Бирмингем Сити во финалето со 4-2.[11] Неколку години подоцна Рома го освоила и својот прв наслов во Купот на Италија во сезоната 1963-1964, победувајќи го Торино во финалето со 1-0.[12]
Во сезоната 1964-1965 Рома доживеала силен пад кога тренерот Хуан Карлос Лоренцо изјавил дека клубот не може да ги исплати своите играчи и било веројатно дека нема да можат да отпатуваат за Виченца за да го одиграат нивниот натпревар. Навивачите се грижеле за клубот со тоа што започнале да собираат средства во Систинскиот театар и банкротот бил спречен со избирање на новиот претседател на клубот, Франко Евангелисти.
Во сезоната 1968-1969 Рома го освоила својот втор Куп на Италија кога се натпреварувале во мала лига како систем. За време на 1969 година, Џакомо Лоси поставил нов рекорд за Рома со 450 настапи во сите натпреварувања. Овој рекорд што тој го поставил траел 38 години (кога бил надминат од Франческо Тоти).
Во 1972 година Рома додала уште еден куп во својата колекција, со победата со 3-1 над Блекпул во Англо-италијанскиот куп.[13] Поголемиот период од 1970-те, појавувањето на Рома во горната половина од табелата во Серија А било спорадично. Најдобрата позиција на табелата која ја достигнал клубот за време на оваа деценијата била третата, во сезоната 1974-1975. Во овој период од клубот излегле значајни играчи меѓу кои посебно се истакнуваат играчите од средниот ред Џанкарло Де Систи и Франческо Рока.
Со освојувањето на уште еден Куп на Италија во сезоната 1979-1980, со победата над Торино во пенали, се осветлила една нова успешна ера во историјата на фудбалот на Рома. Рома ќе го достигне врвот во лигата, којшто го немале допрено од 1940-тите години, но сепак на крајот тесно и контроверзно завршиле на второто место зад Јувентус во сезоната сезоната 1980-1981.[14] Во тоа време, поранешниот фудбалер на Милан, Нилс Лидхолм, бил тренер, а меѓу истакнатите играчи биле Бруно Конти, Агустино Ди Бартоломеј, Роберто Пруцо и Фалкао.[15]
Сепак, по оваа одлична сезона Рома не морала многу да чека на своето второ скудето. Во сезоната 1982-1983 римскиот клуб ја освоил титулата после 41 година чекање, по што уследила голема веселба во центарот на главниот град. Во сезоните коишто следувале Рома го заземала второто место во Италија и ја освоила титулата во Купот на Италија (во 1984 и 1986),[12] а исто така била финалист во Европскиот куп на шампиони во 1984 година.[16] Во финалето на Европскиот куп со тие играле против англискиот Ливерпул во натпревар што завршил без победник 1-1 по 90 минути игра, Пруцо го постигнал изедначувачкиот гол за Рома со што го анулирал раното водтсво на англичаните кој повеле со голот на Нил, но сепак Рома загубила по изведувањето на пенали со 4-2.[16] Успешната серија на Рома во 1980-тите завршила со освојувањето на второто место во Серија А во сезоната 1984-1985 и освојување на Купот на Италија, со победа над Сампдорија со 3-2.
После тоа, започнал компаративен пад во лигата, еден од неколкуте издигнувања во лигата било и освојувањето на третото место во сезоната 1987-1988. Во почетокот на 1990-тите, Рома била дел од се-италијанското финале на Купот на УЕФА, каде што загубила од Интер со 2-1 во 1991 година.[17] Истата сезона клубот го освои седмиот Куп на Италија и го загубиле Суперкупот на Италија од Сампдорија. И покрај тоа што играле во уште едно финале на Купот на Италија во кое биле поразени од Торино во 1993,[12] остатокот од деценијата не бил баш најуспешен за Рома, особено во лигата каде успеале да достигнат само до четвртото место во Серија А 1997-1998.[8] Во раните 1990-ти клубот го вклучува во првиот тим напаѓачот од младинската школа Франческо Тоти кој подоцна ќе биде еден од битните членови во клубот, капитен и клупска икона.
Рома се вратила во одлична форма на почетокот на 2000-те, започнувајќи ја деценијата во одличен стил со освојување на третата титула шампион на Италија во сезоната 2000-2001. Скудетотo го освоиле во последното коло од сезоната со победата над Парма од 3-1, останувајќи на крајот од првенството на врвот со два бода повеќе од Јувентус.[8] Капитенот на екипата, Франческо Тоти бил една од одлучувачките фигури за освојувањето на титулата а подоцна ќе стане и една од најбитните личности во историјата на клубот, соборувајќи неколку клупски рекорди.[15]. Меѓутоа покрај својот каитен, Рома исто така во тој период имала одлична екипа која содржела искусни и проверени играчи како Алдаир, Кафу, Венсан Кандела, Габриел Батистута и Винченцо Монтела.[18][19] Во следната сезона клубот се обидел да ја одбрани титулата, но останале само на второто место со еден бод помалку од шампионот, Јувентус.[8] Тоа бил почетокот на еден период во кој Рома неколкупати завршувала на второто место во Серија А, но исто така загубиле и две финалиња во Купот на Италија: во сезоната 2002-2003 од Милан со вкупни 3-6 по двата финални натпревари, и во сезоната 2004-2005 од Интер со вкупни 3-0.
На 9 јули 2006, играчите на Рома Франческо Тоти, Даниеле Де Роси и Симоне Перота биле дел од италијанската репрезентација која ја победила Франција во финалето на Светското првенство 2006.[20] Скандалот за местење на натпревари во Серија А, кој бил откриен за време на летото 2006 година, според истражувањата не ја опфатил Рома бидејќи тие биле една од екипите коишто не биле вмешани. По казнувањата редоследот на табелата за сезоната 2005-2006 бил изменет со првобитниот, а Рома напредувала сè до второто место зад административниот шампион Интер, како единствените две екипи од врвот кој не се соочиле со санкции.[21] Во истата сезона, Рома повторно била во финалето на Купот на Италија каде загубила одново од Интер со вкупни 4-2. Во следните две сезони, Рома завршила како втора во Серија А, што значело дека во текот на 2000-тите Рома се наоѓала на првите две позиции многу повеќе од која и да било друга деценија во нејзината историја. Во меѓувреме во Лигата на шампионите во текот на двете сезони, Рома стигнала до четвртфиналето, пред да биде елиминирана од Манчестер Јунајтед. И покрај слабиот почеток во Лигата на шампионите во сезоната 2008-2009, Рома стигнала до нокаут фазата завршувајќи пред Челси во групата, со што за првпат во нејзината историја го освоила првото место во својата група во групната фаза од Лигата на шампионите. Сепак, Џалоросите загубиле во нокаут фазата од Арсенал на пенали, со што го заврши своето понатамошно натпреварување.
По разочарувачкиот почеток во сезоната 2009-2010, Клаудио Раниери го заземал местото на Лучано Спалети на тренерската клупа. За време на промената, Рома се нашла на дното од табелата, откако загубила од Јувентус и Џенова. И покрај овој неуспех, Рома ќе забележи 24 последователни победи во лигата, каде што во последниот од 24-те натпревари со 2-1 ќе го совлада градскиот соперник Лацио, натпревар во кој Рома направила целосен пресврт по негативата со 1-0 на полувремето.[22] "Џалоросите" биле на еден бод од врвот на табелата, пред да го загубат натпреварот од Сампдорија. Рома повторно и во оваа сезона ќе заврши на второто место, како во Серија А, така и во Купот на Италија. Со ова била заокружена успешната деценија во историјата на Рома, која дошла по неколкуте просечни резултати во 1990-те. За време на 2000-те Рома успеала да го освои скудетото, два трофеја во Купот на Италија и нејзините две први титули во Суперкупот на Италија. Меѓу другите успеси коишто се вбројуваат во историјата на Рома во ова деценија се и враќањето во четвртинафиналиња во Лигата на шампионите на УЕФА (во сезоните 2007-2008 и 2008-2009) за првпат уште од финалето во 1984, шестте второпласирани пласмани во лигата, учество во четири финални натпревари во Купот на Италија и три финални натпревари во Суперкупот на Италија, што ја прави деценијата најуспешна во историјата на клубот.
Низ историјата Рома имала многубројни претседатели кои биле на чело на овој клуб, некој од нив биле и сопственици, а некој почесни претседатели. Франко Сенси бил претседател сè до неговата смрт во 2008 година, кога неговата ќерка Росела Сенси го заземала неговото место.[23][24] Еве ја комплетната список на претседатели на Рома од 1927 година па сè до ден денес.[24]
|
|
Голем број на тренери поминале низ историјата на Рома, еве ја хронолошката листа од 1927 година па наваму:.[10]
|
|
|
Извор:Yearbook 2014
Играчи со најмногу настапи за клубот
|
Играчи со најмногу постигнати голови за клубот
|
|
Следниве броеви на дресовите се повлечени од употреба во екипата на Рома во чест на следниве играчи :
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.