Тропски земји на Зимските олимписки игри
From Wikipedia, the free encyclopedia
Иако традиционално поврзани со земји со студени клими, Зимските олимписки игри исто така имале учесници од неколку тропски земји. Типичната клима на овие земји не е погодна за учество во зимски спортови, и поради тоа ниту една тропска држава досега не освоила олимписки медал. Најверојатно поради тоа, нивните учества се предмет на интерес на гледачите за време на игрите.[1][2]
Првата земја учеснички со топла клима на Зимските олимписки игри била Мексико. Голем дел од Мексико е на географска ширина северно од Северниот Повратник, и поголемиот дел од земјата има суптропски планински предели или степска клима, така што не е исклучиво тропска земја. Сепак, Мексико го остварил своето зимско деби на Зимските олимписки игри 1928[3] со боб екипа од пет лица која завршила на единаесеттото место на поредокот.[4] Мексико не се вратил на Зимските олимписки игри сè до игрите во 1984 одржани во Сараево.[5]
Првата целосно тропска земја која се натпреварувала на Зимски олимписки игри се Филипините, кои испратиле двајца алпски скијачи на Зимските олимписки игри 1972 во Сапоро, Јапонија.[6] Бен Нанаска завршил на 42. место во велеслалом (од 73 натпреварувачи), а Хуан Сипријано не ја завршил трката. Во слаломската трка ниту еден од двајцата скијачи не ја завршил трката. Костарика станала втората тропска земја која учествувала на Зимски олимписки игри, во 1980 во Лејк Пласид,[7] каде Артуро Кинч исто така се натпреварувал во алпско скијање. Кинч уште трипати настапил за Костарика на Зимските олимписки игри, вклучувајќи ги игрите во 2006 на 49-годишна возраст. Таму тој завршил на 96. место на трката на 15 км скијачко трчање.[8]
На Зимските олимписки игри 1988 одржани во Калгари, Канада се појавиле голем број на тропски земји: Костарика, Фиџи, Гуам, Гватемала, Јамајка, Холандските Антили, Филипините, Порторико и Американските Девствени Острови.[9] Јамајската боб-екипа станала фаворит на навивачите на овие игри[10] и била инспирација за филмот Реге на мраз. На игрите во 1994, шест години подоцна, јамајската екипа завршила на солидното 14. место, пред САД и Русија, додека пак боб санкачот Ласелес Браун освоил сребрен медал настапувајќи за Канада во 2006 година.
Зимските олимписки игри 2006 одржани во Торино, Италија го обележале зимското деби на Етиопија[2] и Мадагаскар.[11] На игрите во 2010 одржани во Ванкувер, Канада, деби настап забележале Кајманските Острови, Колумбија, Перу,[12] и Гана, а четири години подоцна на [13] игрите во Сочи деби настап забележале Доминика, Источен Тимор, Того и Тонга.