село во Општина Новаци, Македонија From Wikipedia, the free encyclopedia
Паралово (поретко: Паралево) — село во Општина Новаци, во околината на градот Битола.
Паралово | |
Поглед на селото | |
Координати 41°2′30″N 21°33′10″E | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Новаци |
Население | 3 жит. (поп. 2021)[1] |
Пошт. бр. | 7211 |
Повик. бр. | 047 |
Шифра на КО | 02091 |
Надм. вис. | 820 м |
Слава | Ѓурѓовден |
Паралово на општинската карта Атарот на Паралово во рамките на општината | |
Паралово на Ризницата |
Името на селото се поврзува со поставеноста на теренот, односно дека планинскиот предел е каменлив и испресечен со суводолици што доведува дека селото било „распарано“ со потоци. Друга легенда тврди дека името на селото доаѓа од личните имиња на брачниот пар Паре и Пара, кои го основале селото.[2]
Селото се наоѓа во источниот дел на Битолското Поле, сместено во северниот дел на територијата на Општина Новаци, на југозападната падина на Селечка Планина.[3] Селото е ридско, на надморска височина од 820 метри. Се наоѓа на неколку километри оддалеченост од регионалниот пат 1311, од каде се двои земјен пат, кој води преку самата брана на Суводолското Езеро. Од градот Битола е оддалечено 20 километри.[3] Од општинското средиште Новаци е оддалечено 13 километри.[2]
Паралово е полупланинско село во источниот дел на Пелагонија. Околни села се Суводол, Врањевци, Балдовенци и други. Жителите имаат оскудни можности за вода за пиење, имајќи само еден извор соѕидан во чешма. Изворот лете скоро и да пресушува, поради што мештаните оделе до друг извор далеку од селото. Во селото немало бунари.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Гребен, Сраишта (над манастирот), Гроб, Длабоки Дол, Зољо Камен, Рамнеш, Срѓах, Слатина, Мавер, Водица и Извори.[4]
Селото има збиен тип, поделено на две маала: Отадне и Одавде Маало. Двете маала се одвоени со долина. Помали делови од маалата носат имиња на родовите.[4]
Околината на селото изобилува со старини, поради што мештаните знаат да кажат дека селото е од „елимско“ време (со значење за римско време). На месноста Водица мештаните наоѓале стари пари и гробови.[4]
Самото Паралово е старо село. Основано е заедно со соседното село Суводол, а во селото се зачувани и стари македонски родови. Во историските списи за првпат се сретнува во XVII век (1620-1650 г.).[4]
За време на отоманскиот период, селото најпрвин било слободно, а подоцна во него биле основани чифлици. Во XIX век, сопственик на чифлигот бил Бељул-ага, а по неговата смрт го наследил Имер-ага. Во 1912 година, избегал во Турција, а за наследник го поставил Малиќ-ага. Во овој период, во селото постоела и кула.[4]
Во отоманскиот период, селото често пати било цел на зулуми.[4]
Во пролетните месеци од 1906 година поради појава на грчки андарти во Мариовско, Битолскиот револуционерен округ му наредил на Ѓорѓи Сугарев да оди во Мариово и да се пресмета со непријателските грчки андарти. Сугарев на патот кон Мариово одел преку Паралово, но неговата рута била предадена на битолскиот валија од страна на Петар Лигушев, началник на Битолската окружна организација на ВМРО. Така, војводата Сугарев со својата чета во борба со отоманската војска во месноста Чукарите загинал на 24 март 1906 година. Денес, неговиот гроб се наоѓа во непосредна близина на Параловскиот манастир. За него е посветена една од најпознатите песни од Мариово „Заплакало е Мариово“, во која е нанесена голема неправда врз жителите на Паралово, бидејќи се споменува дека предавството на Сугарев е од самите параловци, а не од Лигушев.[2]
Во текот на Првата светска војна, ова село се наоѓало на самиот Македонски фронт и истото било целосно разрушено. Истата судбина ја имал и Параловскиот манастир, чиишто конаци биле целосно разрушени, а манастирската црква претрпела сериозни оштетувања. Целокупното население две години живеело во битолското село Живојно,[4] кои по завршувањето на војната се вратиле и го обновиле и селото и манастирот.[2]
Само 1 жител на оваа населба е заведен како жртва во Втората светска војна.[5]
Атарот зафаќа простор од 8,3 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 523 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 321 хектар, додека шумско земјиште нема.[3]
Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[3]
Селаните поседувале своја земја во првиот дел од отоманскиот период, но подоцна во селото се појавиле чифлици. По ослободувањето од турската власт, селаните си ја купиле земјата, додека еден дел ја добиле со аграрната реформа направена за време на Кралството Југославија.[4]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Паралово живееле 195 жители, сите Македонци.[6] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Паралово имало 172 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[7]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Папапово се води како чисто македонско село во Битолската каза на Битолскиот санџак со 20 куќи.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 100 Македонци.[9]
Селото е мало, населено со македонско население и е доведено во фаза на раселување. Така, во 1961 година селото броело 213, а во 1994 година само 17 жители.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Паралово живееле 5 жители, сите Македонци.[10]
Според неслужбени податоци, селото во 2008 и во 2018 година имало само двајца жители.[2][11]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 3 жители, сите Македонци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 195 | 172 | 177 | 211 | 213 | 149 | 129 | 21 | 17 | 5 | 3 |
Паралово е македонско православно село.[4]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1956 година родови во селото се:
Од ова село иселеници има во Суводол (Поповци), Добрушево (Параловци), Големо Коњари (Параловци). Од родот Миленковци иселеници има во Лерин (едно семејство) и Битола (две семејства). Од родот Симоновци иселеници има во Новаци (Котевци).[4]
Бројот на иселени лица од селото изнесува над 150 лица. Најголем дел од нив се иселени во градот Битола и во селата Новаци, Долно и Горно Оризари, како и во прекуокеанските земји.[2]
Во XIX век, Паралово било село во Битолската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Новаци, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел на некогашната Општина Новаци.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Битола.
Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Новаци.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Новаци, во која покрај селото Паралово, се наоѓале и селата Балдовенци, Биљаник, Врањевци, Гнеотино, Горно Агларци, Грумази, Добромири, Долно Агларци, Долно Орехово, Мегленци, Новаци, Ново Село, Рибарци, Суводол и Тепавци. Селото било дел од некогашната општина Суводол во периодот 1950-1952, во која влегувале селата Врањевци, Мегленци, Паралово, Грумази, Орехово и Суводол.
Селото е опфатено во избирачкото место бр. 0168 според Државната изборна комисија, сместено во простории на објект на општината во Долно Орехово. Во избирачкото место се опфатени населените места: Паралово, Долно Орехово, Врањевци и Грумази.[16]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 66 гласачи.[17] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 57 гласачи.[18]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.