Книга е збир на пишани, печатени, илустрирани или празни страници, изработени од хартија, пергамент или друг вид на материјал, обично прицврстени заедно од едната страна. Секоја страна на лист од книгата се нарекува страница. Книга направена во електронска форма е позната како електронска книга или скратено е-книга.
Книгите исто така се однесуваат и на литературни творби. Во библиотеките постои разлика меѓу периодичните часописи, магазини или весници и книгите. Една книга може да се подели во неколку тома или секции, и тогаш секоја од нив се нарекува исто така книга, но содржи и број, на пример прва книга, втора книга, итн. Вљубеникот во читање книги се нарекува библиофил. Местото каде се купуваат и се продаваат книгите се нарекува книжарница, а местото од каде што се позајмуваат книгите се нарекува библиотека.
Во 2010 година Гугл проценил дека постојат околу 130 милиони наслови на книги во светот.[1]
Главна статија: Историја на книгата
Антика
Кога е измислено пишувањето во древните цивилизации, било користено речиси сè што може да служи како подлога за пишување: камен, глинена плоча, кора од дрво и друго. Користење на азбука се појавува во Египет пред околу 5000 години. Во тоа време најчесто се пишувало на папирус, растение кое расте покрај реката Нил. На почеток зборовите биле слеани еден до друг (scriptura continua) и не постоеле интерпункциски знаци. Текстовите се запишувале од десно кон лево, од лево кон десно, а најчесто наизменично.
Свиток
Главна статија: Свиток
Папирусот се користел за пишување во древен Египет, најверојатно уште во текот на првата династија, но првите зачувани докази датираат од времето на петтата династија (околу 2400 п.н.е.).[2] Листовите од папирус биле залепени заедно во форма на свиток. Се користела и кора од липа.[3]
Според Херодот (Историја 5:58), Феникијците ги донеле пишувањето и папирусот во Грција околу десеттиот или деветтиот век пред нашата ера. Грчкиот збор за папирусот како за материјал на кој се пишува бил библион (biblion) а за книга библос (biblos), а доаѓал од феникискиот град-пристаниште Библос (Byblos), од каде се извезувал папирусот за Грција.[4] Од грчкиот јазик исто така доаѓа и зборот том (грчки: τόμος), или на латински јазик томус (Tomus), со значење посебна книга која е дел од целината на повеќе книги.
Свитоците биле често користена форма за книги во хеленската, латинската, кинеската и еврејската култура. За време на Римското Царство е развиен нов формат на составување на книгите, познат како кодекс.
Кодекс
Главна статија: Кодекс
Свитоците од папирус биле користени и во првиот век од нашата ера, за што сведочат пронајдоците од Помпеја. Првата книга направена во форма на кодекс е од крајот на првиот век. Но, кодексот не се здобил со голема популарност во тоа време.[5] Постепено бил прифаќан поради неколку економични причини. Форматот кодекс се восочни таблички на кои можело да се пишува, понекогаш дрвени таблички натопени во восок. Тие биле полесни за носење, за ракување и за криење, но исто така ја имале предноста на бришење на напишаното со тоа што восокот можел да се истопи и повторно од него да се направи восочна табличка за пишување. Ова било значаен фактор за употреба на овој формат во школите како и при водење белешки.
Во 5 век, Исидор од Севиља во својата книга Етимологија (Etymologiae, VI.13) ја објаснува врската меѓу кодекс, книга и свиток: „Кодексот е составен од многу книги, а книга е еден свиток.“
Среден век
Ракописи
Главна статија: Ракопис
После падот на Римското Царство во 5 век, станало тешко да се набави папирус, заради намалените контакти со Египет, па така пергаментот станал главен материјал на кој се пишувал. Во тоа време манастирите ја продолжиле традиција на пишување, односно препишување на текстови.[6] Пред појавата на печатарските машини, сите книги биле препишувани рачно, што ги правело книгите да бидат скапи, но и во многу мал тираж. До 9 век, поголемите колекции на книги броеле околу 500 книги, а кон крајот на средниот век библиотеката на папата во Авињон како и библиотеката во Париз на Сорбона содржеле само околу две илјади наслови.[7]
Местото во манастирите каде се препишувале книгите e наречено скрипториум (scriptorium). Било забрането користење на вештачко осветлување од страв да не се запалат ракописите. Учесниците во препишувањето ја делеле работата на петмина:
Калиографи (Calligraphers), кои ја завршувале крајната копија
Кописти (Copyists), кои препишувале
Коректори (Correctors), кои ја споредувале книгата со ракописот од кој била препишана
Илуминатори (Illuminators), кои ги цртале сликите, илустрациите
Рубрикатори (Rubricators), кои ги боеле црвените букви
Процесот на правење на книга бил долг и макотрпен. Најпрвин се подготвувал пергаментот, потоа се подготвувале страниците, па се препишувал текстот. Препишувачот оставал празни места за илустрациите и за големите црвени букви со кои започнувале поглавјата. На крајот книгата се поврзувала.[8]
Биле користени неколку видови на мастило. Текстот бил пишуван во темнокафеава или црна боја, а се користела црвената и златната боја за украсување на текстот. За илустрациите понекогаш се користеле повеќе бои. Понекогаш пергаментот се обојувал во темновиолетова боја, а текстот бил пишуван со сребрена или златна боја.[9]
Ирските монаси први започнале со оставање празно место меѓу зборовите во седмиот век, но ова не било прифатено како општа употреба сè до 12 век.[10]
Кориците на книгите биле правени од дрво, пресвлечени со кожа. Бидејќи пергаментот има тенденција да се врати во формата која ја имал пред оформувањето во книга, односно страниците се виткале по некое време, на кориците имало игли за стегнување на листовите.
Книги од хартија
Арапите го развиле производството на книгите во нивната „златна ера“. Тие биле први кои произвеле книга од хартија, откако го научиле правењето на хартијата од Кинезите во 8 век.[11] Книгите кои ги правеле тие, биле сошиени со свила и корица од кожа. Бидејќи хартијата е поотпорна на влага, не биле потребни прицврстувачи. Производството на книги станало вистинска индустрија, а во градовите имало улици со книжарници, како на пример во Маракеш, каде само во една улица имало повеќе од 100 книжарници во 12 век. Познатата џамија Кутубија е наречена така поради нејзината местоположба на оваа улица. Според зборовите на Дон Бејкер:
Светот на Исламот ги произвел најубавите книги направени било кога. Потребата од пишување на Откровенијата кои пророкот Мухамед ги примил, ја предизвикувала и желбата да се разубави книгата која ги содржи тие зборови. Освен можеби во Кина, само во исламскиот свет кон производството на книга се пристапувало со почит. Биле ставани прекрасни илустрации со златни и живи бои, а целата книга убава корица.[12]
Исламскиот свет во средниот век исто така развил посебна техника за репродукција на копии од книги во големи тиражи, за разлика од ракописите кои во тоа време се правеле во другите земји, каде рачно се препишувала една книга во една копија.[13] Со тој систем, произведувале десеттици или повеќе копии со едно „читање“, а со две или повеќе „читања“, лесно се доаѓало до бројката од сто копии.[14]
Денешните книги се печатат на хартија која е специјално изработена за производство на печатени книги. По традиција, хартијата е бела за да може лесно да се чита, и е непроѕирна за да не се гледа текстот отпечатен од другата страница. Хартијата е исто така со одредена тежина. Најчесто се користи 80 грамската хартија (80 g/m²), но сепак се користат различни видови на хартија за различни намени на книгата која се печати.
„Books of the world“. Google. August 5, 2010. Посетено на 2010-08-15. After we exclude serials, we can finally count all the books in the world. There are 129,864,880 of them. At least until Sunday.
Avrin, Leila (1991). Scribes, script, and books: the book arts from antiquity to the Renaissance. New York, New York: American Library Association; The British Library. стр.83. ISBN9780838905227.
The Cambridge History of Early Christian Literature. Edd. Frances Young, Lewis Ayres, Andrew Louth, Ron White. Cambridge University Press 2004, pp. 8–9.
Edmund Burke (June 2009). „Islam at the Center: Technological Complexes and the Roots of Modernity“. Journal of World History. University of Hawaii Press. 20 (2): 165–186 [43]. doi:10.1353/jwh.0.0045.
Edmund Burke (June 2009). „Islam at the Center: Technological Complexes and the Roots of Modernity“. Journal of World History. University of Hawaii Press. 20 (2): 165–186 [44]. doi:10.1353/jwh.0.0045.
Лилјана Узуновиќ, „Читателот во земјата на романите или за нишката на Шехерезада“, во: Итало Калвино, Ако една зимска ноќ некој патник. Скопје: Магор, 2012, стр. 227.