Каролиншко Царство
From Wikipedia, the free encyclopedia
Каролиншко царство (франц. Empire carolingien, герм. Karolingisches Reich, итал. Impero carolingio) (800–888) ― царство на Франките во Западна и Средна Европа во раниот среден век. Со него управувала Каролиншката династија, кои владееле како кралеви на Франките од 751 година и како кралеви на Ломбардите од 774 година. Во 800 година, папата Лав III во Рим го крунисал кралот на Франките Карло Велики за цар во обид да го пренесе Римското Царство од Византија во Западна Европа.
Каролиншко Царство Romanum Imperium, Universum Regnum, Romanorum sive, Francorum Imperium, Imperium Christianum (латински)
|
||
---|---|---|
Главен град | Мец,[1] Ахен | |
Уредување | Царство | |
Валута | Денариј |
По граѓанската војна (840–843) која избувнала по смртта на царот Лудвиг Побожниот царството било поделено на автономни кралства, со еден крал сè уште признат како цар, но со мала власт вон неговото царство. Единството на царството и наследното право на Каролинзите и понатаму се признавале. Во 884 година, Карло Дебелиот повторно ги обединил сите каролиншки кралства, но умрел во 888 година и царството веднаш се распаднало. Поради тоа што единствениот преостанат легитимен наследник од династијата бил дете, благородништвото избирало регионални кралеви кои не припаѓале на династијата или, во случајот со источното кралство, нелегитимен Каролин. Нелегитимната лоза владеела со истокот до 911 година, а во западното кралство легитимната Каролиншка династија била обновена во 898 година и владеела до 987 година (со прекин од 922 до 936 година).
Во царството живееле помеѓу 10 и 20 милиони луѓе.[2] Во сржта била Франкија, земјата помеѓу Лоара и Рајна, каде што се наоѓала главната кралска резиденција на царството, Ахен. На југ ги преминувало Пиринеите и се граничело со Емиратот Кордоба, а по 824 година со Кралството Памплона; на север се граничело со кралството на Данците; на запад имало куса копнена граница со Бретања, која подоцна била сведена на вазал; а на исток имала долга граница со Словените и Аварите, кои на крајот биле поразени и нивната територија била вклучена во царството. Суверенитетот на Каролинзите во јужните делови на Италија бил оспорен од Византијците и она што преостанало од Ломбардското Кралство во Кнежеството Беневенто. Своевремено, царството имало разни латински имиња; терминот „Каролиншко Царство“ се појавило подоцна.