Карло Дебелиот
From Wikipedia, the free encyclopedia
Карло Дебелиот[1] (13 јуни 839 – 13 јануари 888 ), познат и како Карло III — каролиншки цар од 881 до 888 година. Најмладиот син на Лудвиг Германски и Ема Баварска, Карло бил праправнук на Карло Велики и последниот владетел кој ќе владее со обединетото Каролиншко Царство.
Карло Дебелиот | |
---|---|
Печат на Карло III со натписот KAROLVS MAGS („Карло Велики“) | |
Каролинзи | |
На престол | 881–888 |
Крал на Западна Франкија | |
На престол | 884–888 |
Претходник | Карломан II |
Наследник | Одо (Крал на Западна Франкија) Ранулф II (Крал на Аквитанија) |
Крал на Италија | |
На престол | 879 – 26 декември 887 |
Претходник | Карломан Баварски |
Наследник | Беренгар I |
Крал на Источна Франкија | |
На престол | 20 јануари 882 – 17 ноември 887 |
Претходник | Лудвиг Помладиот |
Наследник | Арнул (Крал на Источна Франкија) Рудолф I (Крал на Бургундија) |
Роден(а) | 13 јуни 839 Источна Франкија |
Починал(а) | 13 јануари 888(888-01-13) (возр. 48) Донауешинген, Каролиншко Царство |
Почивалиште | Рајхенау, Боденско Езеро |
Сопружник | Рихгарда (862–888) |
Деца | Бернард (нелегален) |
Династија | Каролинзи |
Татко | Лудвиг Германски |
Мајка | Ема Баварска |
Вероисповед | христијанство |
Во текот на неговиот живот, Карло бил владетел на најразлични кралства. Му било доделено владение над Алеманија во 876 година по поделбата на Источна Франкија, тој го наследил и италијанскиот престол по повлекувањето на неговиот постар брат Карломан Баварски кој бил онеспособен од мозочен удар. Бил крунисан за цар во 881 година од страна на папата Јован VIII, по наследувањето на владенијата на неговиот брат Лудвиг Помладиот (Саксонија и Баварија) се обединува Источна Франкија. По смртта на неговиот роднина Карломан II во 884, ја наследил цела Западна Франкија, обединувајќи го целото Каролиншко Царство.
Но вака обединетото царство не опстојало. За време на преврат предводен од неговиот внук Арнулф Каринтски во ноември 887 година, Карло бил симнат од власт во Источна Франкија, Лотарингија и Италија. Принуден да се повлече, тој починал од природна смрт во јануари 888 година, неколку недели по неговото симнување од власт. Царството набрзо по неговата смрт се распаднало и никогаш не било возобновено, разделувајќи се на пет одвоени наследнички царства.
Го сметале за мрзоволен и смотан – познато е дека постојано бил болен и се верувало дека страдал од епилепсија – во два наврати го откупил мирот со викиншките ограбувачи, вклучувајќи ја и познатата Париска опсада во 886 година.