вид морски лав From Wikipedia, the free encyclopedia
Калифорниски морски лав (науч. Zalophus californianus) — крајбрежен вид на морски лав од западните делови на Северна Америка, од југоисточна Алјаска до средно Мексико, вклучувајќи го Калифорнискиот Залив. Се одликуваат со полов диморфизам — каде мажјакот е поголем од женката, има подебел врат и истакната челенка. Кога не се во вода, сместуваат претежно на песочни и каменливи плажи, но неретко и на вештачки објекти како сидришта и пристаништа. Се хранат со разни видови риби и лигни, а самите претставуваат плен за китовите-убијци и белите ајкули.
Калифорниски морски лав | |
---|---|
Научна класификација | |
Царство: | Животни |
Класа: | Цицачи |
Ред: | Ѕверови |
Подред: | Перконоги |
Семејство: | Ушести фоки |
Потсемејство: | Морски лавови |
Род: | Калифорниски морски лавови |
Вид: | Калифорниски морски лав |
Научен назив | |
Zalophus californianus (Лесон, 1828) | |
Распространетост на калифорнискиот морски лав — размножувалиште: темносино, вкупна застапеност: светлосино |
Овие животни можат да се видат во Зоолошката градина во Скопје.[2]
Морските лавови се многуженци. Се размножуваат од мај до август, при што мажјаците воспоставуваат свои територии и во нив привлекуваат женки. Женките пак, слободно се движат од една до друга територија, без присила од мажјаците. Мајките се грижат за младенчињата во периодот на одмор помеѓу ловните походи. Морските лавови општат со низа огласувања, од кои позабележителен е лаежот и мајчините повици на младите. Вон сезоната на парење, најголемиот дел од времето го проведуваат во морето, навраќајќи се на брегот да се митарат.
Ова се особено интелигентни животни и затоа се дресираат за извршување на разни задачи. Поради ова, калифорниските морски лавови се чести жители на зоолошките градини, циркусите и океанариумите ширум светот, каде најчесто се именуваат како „фоки“. Покрај ова, морнарицата на САД ги користи и како обучени извршители на извесни воени дејства. Според Меѓународниот сојуз за заштита на природата (МСЗП/IUCN), за видот го носи заштитниот статус „најмала загриженост“ (LC) поради неговата многубројност.
Калифорнискиот морски лав бил опишан од Рене Примевер Лесон, француски натуралист, во 1828 година. Тој е групиран со други морски лавови и крзнени фоки во семејството ушести фоки. Ушестите фоки, исто така познати како Otariidae, се разликуваат од вистинските фоки со тоа што имаат надворешни ушни школки и пропорционално поголеми предни перки и пекторални мускули. Заедно со галапагоскиот морски лав и изумрениот јапонски морски лав, калифорнискиот морски лав припаѓа на родот калифорниски морски лавови односно научно Zalophus кој потекнува од грчките зборови „за“ што значи „интензивен“, и „лофос“ што значи „грб“.[3] Ова се однесува на испакнатиот сагитален грб на мажите, што ги разликува членовите на родот.[4]
Традиционално, галапагоскиот морски лав и јапонскиот морски лав биле класифицирани како подвидови на калифорнискиот морски лав. Сепак, генетска студија во 2007 година открила дека сите три се всушност посебни видови.[5] Се чини дека лозата на калифорнискиот и јапонскиот морски лав се разделила пред 2,2 милиони години за време на плиоценот.[6] Калифорнискиот морски лав се разликува од галапагоскиот морски лав по својот поголем полов диморфизам.[4] Стелеровиот морски лав е најблискиот роднина на родот на калифорниските морски лавови, кој е сестринска врста.[7]
Поради половиот диморфизам, мажјаците и женките на калифорнискиот морски лав се меѓусебно разликуваат по големина, облик и боја. Мажјаците обично се долги по 2,4 м и тежат до 350 кг, а женките имаат должина од 1,8 м и тежина до 100 кг.[4] Женките и младенчињата имаат портокалово-кафеаво крзно,[4] а по митарењето добиваат привремена светлосива или сребрена боја.[8] Мажјаците можат да бидат од светлокафеави до црни, но најчесто крзното има темнокафеава боја.[4] Ликот може им биде прилично светол. Новороденчињата имаат црно или темнокафеаво крзно.[8] Иако ова е вид со витка става, возрасните мажјаци имаат силен врат, гради и рамена.[8] Кај нив се забележува и истакнатата челенка, која дава впечаток на високо чело;[9] од бели влакна.[4] Покрај ова, имаат и грива, која е помалку развиена од онаа кај јужноамериканските морски лавови.[9] Обата пола имаат тесни издолжени муцки.[8]
Како и сите други перкари, калифорнискиот морски лав се движи во водата со перки (пераи). Телото е мазно и хидродинамично отпор. ’Рбетот им е прилично свитлив, што значи дека можат да го свиткаат вратот наназад сè до задните перки, и со тоа да прават нагли грбни свртувања, задржувајќи го хидродинамичното држење.[10] Кога оди на копно, морскиот лав ги мести задните перки нанапред, што му овозможува да оди четириношки, но чекорењето е претежно условено од движењата на главата и вратот.[11] Во вода достигнуваат брзина од 10,8 км/ч,[12] и нуркаат до длабочина од 274 м во траење до 9,9 минути, иако најчесто одат до 80 м и се задржуваат помалку од 3 минути.[13]
Морските лавови гледаат во боја, но ограничено на сините и зелените подрачја на бојниот спекатар, што претставува еволутивно приспособување на морската средина.[14] Имаат прилично остар слух, во честотен опсег од 0,4 до 32 kHz.[15] Подводните вибрации ги чувствуваат со нивните мустаќи (вибриси), кои се помазни и помалку наменски насочени од оние на обичната фока.[16]
Калифорнискиот морски лав живее на западното крајбрежје и островски групи на Северна Америка, од југоисточна Алјаска до средно Мексико. Со анализа на митохондриската ДНК во 2009 г. се утврдени 5 посебни населенија: тихоокеанско умерно население од САД, тропско население на западниот дел на полуостровот Долна Калифорнија, како и населенијата од јужниот средниот и северниот дел на Калифорнискиот Залив.[7]
За време на сезоната за парење, морските лавови се собираат на песокливи или каменливи брегови, а во топлите денови лежат поблиску до морето. Навечер и кога е постудено одат повнатре на копното, на повисоки места.[8] Единките што не се парат се собираат на сидришта, пристаништа, па дури и на пловки за бродови. Морските лавови можат привремено да живеат и во слатка вода, како што е случај со единките кај браната „Бонивил“ на реката Колумбија.[17]
Морските лавови се хранат со различни морски животни. Најголем удел имаат лигните и рибите, но напати јадат и школки. Најзастапени во исхраната се лососот, осличот, сарделата, харинга, морскиот костреш, змиулката и морските кучиња.[18] Порагата по храна се одвива претежно по континенталните кражјбрежни води, околу континентални прагови и кај подводните планини.[8] Можат да јадат сами, во помали или поголеми групи, во зависност од количеството на расположлива храна. Понекогаш соработуваат со други грабливци како делфинот, морската свиња и морските птици кога се одвива лов на големи јата рибил[19], а знаат и да ги следат делфините, искористувајќи ги нивните ловни напори.[4] Возрасните мажјаци се хранат 10–100 км од брегот,[12] а кога водата е потопла, одат дури до 450 км од брегот.[20]
Непријатели на морските лавови се китовите-убијци, белите ајкули и ајкулите мако, кои ги напаѓаат од заседа додека се одмораат на површина.[21]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.