Remove ads
From Wikipedia, the free encyclopedia
Меѓународен сојуз за заштита на природата или МСЗП (англ. International Union for Conservation of Nature, IUCN) — меѓународна организација посветена на заштитата на природните ресурси. Има за цел да му помогне на светот да изнајде прагматични решенија за најголемите еколошки и развојни проблеми. Групата го издава т.н. „Црвен список“ кој претставува попис на загрозени видови подреден според нивото на загрозеност. Списокот се составува од наодите на разни еколошки организации.[1]
Вид | Меѓународна организација |
---|---|
Дејност | заштита на природата, одржливо искористување |
Основано | октомври 1948, Фонтенбло, Франција |
Седиште | Гланд, Швајцарија |
Клучни личности | Жилија Мартон-Лефевр Ашок Хосла |
Доход | 133 милиони франци (2008) |
Вработени | преку 1.000 (ширум светот) |
Мреж. место | www.iucn.org |
МСЗП пружа поддршка за научни истражувања, раководи со теренски проекти ширум светот и работи со влади, невладини организации, агенции на ООН, фирми и локални заедници за подготовка на закони и правилници за зачувување на природата. Ова е најстарата и најголемата еколошка мрежа во светот - демократски сојуз со членство од преку 1.000 владини и невладини организации, и речиси 11.000 научници-доброволци од преку 160 земји. МСЗП има стручен кадар од над 1.000 лица во 60 служби и стотици партнери од јавниот, невладиниот и приватниот сектор ширум светот. Седиштето на МСЗП се наоѓа во Гланд, близу Женева, Швајцарија.[2]
Задачата на МСЗП е да се злага за праведен свет што ја цени и штити природата.[3] Целта на МСЗП е да врши влијание, да ги поттикнува и потпомогнува општествата во светот да го зачуваат интегритетот и разновидноста на природата, како и да обезбеди исправно и еколошки одржливo искористување на природните ресурси.[2]
Сојузот се состои од три дела: организации-членки, 6 научни комисии и стручен секретаријат.[2]
Во Сојузот членуваат владини и невладини организации. Тие го одредуваат правецот на движење, ја утврдуваат глобалната програма на работа и го избираат Советот (нешто како одбор на фирма) на Светскиот конгрс на МСЗП. Самите организации-членки се организирани во државни и регионални комитети.[2]
Постојат 6 комисии што „вршат проценка на состојбата на природните ресурси и го советуваат и насочуваат Сојузот за еколошките проблеми во светот“:[4]
Комисијата за образование и комуникација (CEC) ја застапува стратешката употреба на средствата за комуникација и образованието со цел темелно да ги информира засегнатите страни за употребата на природните ресурси. Има 700 члена, предводени од претседателот Кит Вилер.[4][5]
Комисијата за еколошка, економска и социјална политика (CEESP) има за цел да пружа стручна помош и советодавна улога во врска со економските и социјалните фактори за заштитата на природата и одржливото искористување на биоразновидноста. Комисијата има 1000 члена, преводени од претседателот Ароха Те Пареаки Мид.[4][5]
Комисијата за еколошко право (CEL) се залага за еколошкото право со изработката на правни рамки за воспоставување и примена на законски регулативи во земјите со цел да се заштити природата и да се унапреди одржливиот развој. Има 800 члена, предводени од претседателот Шајла Абед де Завала.[4][5]
Комисијата за раководење со екосистеми (CEM): дава стручни совети и насоки за раководењето со природни и изменети екосистеми. Органот има 400 члена, предводени од претседателот Пит Вит.[4][5]
Комисијата за опстанок на видови (SSC) го советува Сојузот за техничките аспекти на заштитата на видовите и организира разни дејности во насока на заштитата на најзагрозените видови. Комисијата го изработува Црвениот список на загрозени видови. Тука членуваат 7.500 стручњаци за видови и биоразновидноста ширум светот, преводени од претседателот Сајмон Стјуарт.[4][5]
Светската комисија за заштитени подрачја (WCPA) има за цел да се залага за воспоставувањето и делотворното раководење на заштитени копнени и морски подрачја ширум светот. Брои 1.300 членови, преводени од претседателот Никита Лопухин.[4][5]
Членовите на комисијата соработуваат со стручен секретаријат кој се состои од преку 1.000 лица од над 60 земји. Генерален директор на Сојузот е Жилија Мартон-Лефевр - светски стручњак и водечка личност во областа на развојот и заштитата на природата. Го наследила Ахим Штајнер, кој сега е извршен директор на Програмата за животна околина на ООН (UNEP). Заменик-генерален директор е Вилијам Џексон.[6]
МСЗП е предводник во издавачката дејност, со мошне обемна стручна литература, извештаи, напатствија и бази на податоци за заштита на природата и одржливиот развој.[7] Секоја година организацијата издава над 150 книги и реферати, како и стотици други извештаи, документи и напатствија.[8]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.