From Wikipedia, the free encyclopedia
Инсектите (научно: класа Insecta, од лат. insectum, позајмено од грч. entomon - „расечи на делови“) — група членконоги што имаат хитински надворешен скелет, триделно тело (глава, торакс и абдомен), три пара на членести екстремитети, сложени очи и две антени. Тие се една од најразнообразните групи на животни на планетава, со преку милион опишани видови и сочинуваат повеќе од половина од сите познати живи суштества.[1][2] Бројот на рецентни видови се проценува на шест и десет милиони,[1][3][4] и веројатно претставуваат над 90% од различните животински форми на Земјата.[5] Инсектите може да се најдат во речиси сите животни средини, иако само мал број на видови се среќаваат во океанот, станиште во кое доминира друга членконожна група — раковите.
Инсекти Период: ран девон – денес | |
---|---|
Од горе-лево, па на десно: мува танчарка (Empis livida), долгоносен чурилкар (Rhinotia hemistictus), австралиски ровец (Gryllotalpa brachyptera), германска оса (Vespula germanica), евкалиптен молец смолар (Opodiphthera eucalypti), бубачка грабливец (Harpactorinae) | |
Научна класификација [ у ] | |
Царство: | Животни |
Тип: | Членконоги |
Поттип: | Шестноги |
Класа: | Инсекти Linnaeus, 1758 |
Поткласи и редови | |
|
Животните циклуси на инсектите се различни, но повеќето се изведуваат од јајца. Растот на инсектите е ограничен од страна на нееластичниот надворешен скелет (егзоскелет), при што во текот на развитокот тие неколкупати го преслекуваат. Незрелите стадиуми можат да се разликуваат од возрасните по својата градба, навики и станишта каде живеат и може да се претставени со пасивен куклен стадиум кај оние групи кои подлежат на целосна метаморфоза. Инсектите може да подлежат и на нецелосна метаморфоза, при што недостасува куклениот стадиум, а возрасните единки се развиваат преку последователни ларвални стадиуми. Повисоките врски во групата Hexapoda се нејасни. Фосилизирани инсекти со огромна големина се најдени од Палеозоикот, како на пример, џиновски вилински коњчиња со должина на крилата од 55 до 70 cm. Најразновидните групи на инсекти коеволуирале со цветните растенија.
Должината на инсектите е мошне варијабилна, од пердувокрилестата џуџеста буба, која одвај се гледа со голо око (долга е 0,25 mm), па сѐ до подвижниот стап на Југоисточна Азија, кој е долг до 50 cm кога неговите екстремитети се испружени. Меѓутоа, најголемиот број од инсектите се големи меѓу 6 и 25 mm. Најтешкиот член во светот на инсектите е Африканската Голијат буба, која тежи околу 85 g, неколкупати повеќе отколку тежината на некои помали птици.
Независно од нивната големина, сите возрасни инсекти имаат сличен план на градба на телото, кој вклучува егзоскелет, глава, торакс и абдомен. Егзоскелетот го заштитува инсектот, давајќи ја формата на телото и ги прицврстува неговите мускули. Главата ги содржи повеќето од сетилните органи на инсектот, како и неговиот мозок и устата. Тораксот, односно телесниот сегмент за кој се прицврстуваат крилата и екстремитетите, е центар за движење на инсектот. Издолжениот и голем абдомен на инсектот е местото каде храната се обработува и каде се наоѓаат репродуктивните органи.
Како и кај другите членконоги, егзоскелетот на инсектите се состои од полуригидни плочки и цевчиња. Кај инсектите, овие плочки се состојат од пластиковиден материјал наречен хитин кој е во комбинација со белковина. Водоотпорна восочна покривка ги обложува плочките и превенира исушување на внатрешните ткива.
Еден инсект добива важни информации за околината во која се наоѓа преку своите антени. Тие се протегаат од предниот дел на главата, обично меѓу и нешто над очите на инсектот. Иако антените некогаш се наречени чувствувачи, нивната првична улога е осетување на мирисот. Антените се обрабени со бројни мирисни нерви, преку кои инсектот намирисува храна и ги детектира феромоните или молекулите кои носат мирис, ослободени од потенцијалните партнери. На пример, некои инсекти, како мравките и медоносните пчели, ги допираат антените меѓусебно за да ги разликуваат партнерите од натрапниците и за да делат информации за извори на храна или опасност. Антените на комарците можат да детектираат звуци и ароми.
Тораксот, кој се наоѓа веднаш после главата, е место за кое се припојуваат екстремитетите и крилата на инсектот. Возрасните инсекти можат да имаат еден или два пара на крила, или пак тие да отсуствуваат, но тие речиси секогаш поседуваат шест екстремитети. Кај некои инсекти, како тврдокрилците, екстремитетите се практично идентични, но кај други инсекти секој пар е со малку поразлична форма. Сепак, некои инсекти имаат специјализирана структура на екстремитетите. Пример за тоа се богомолките кои имаат предни екстремитети за раскинување и прободување, вооружени со смртоносни боцки; како и штурците и болвите, кои имаат големи, мускулести задни екстремитети кои ги катапултираат во воздухот. Предните нозе на молците се изменети за копање, а грбнопливачите имаат задни нозе превдидени за пливање.
Зад тораксот се наоѓа абдоменот, дел од телото чија функција е поврзана со дигестијата и репродукцијата. Абдоменот содржи два дела од дигестивниот тракт: средното црево, кое го вклучува и желудникот, и задното црево. Кај сите инсекти има Малпигиеви цевчиња кои лежат меѓу средното и задното црево. Овие цевчиња ги отстрануваат екскретите од крвта и ги предаваат на цревата.
Ова е список на редови и повисоки таксони на инсекти.
Во поттипот шестоноги, неколку групи како Земјините болви (Collembola), обично се третираат како инсекти; меѓутоа некои автори ги третираат како различни од инсектите бидејќи тие имаат различно еволутивно потекло. Ова е случај и со останатите членови на внатрешноусните (Entognatha): безантенците (Protura) и двоопашестите (Diplura).
Вистинските инсекти, тие од класата Insecta, се разликуваат од сите други членконоги по тоа што имаат ектогнатни или изложени (надворешни) усни делови и единаесет абдоминални сегменти. Поради ова, вистинските инсекти често се нарекуваат и како Ectognatha (надворешноусни). Многу групи на инсекти крилати како возрасни единки. Егзоптериготниот дел од Neoptera понекогаш се дели на Orthopteroida (каде се присутни церци) и Hemipteroida (каде отсуствуваат церци).
Поткласа Apterygota (бескрилни инсекти)
Поткласа Pterygota (инсекти со крила)
Инсектите најверојатно еволуирале од некој примитивен член од надкласата Myriapoda за време на Силур (пред околу 400-440 милиони години). Во овој период од геолошката историја, васкуларните растенија тукушто започнале со освојување на копното. Овие растенија несомнено претставувале нов и огромен неексплоатиран извор на храна и засолниште, а е евидентно од раните фосилни пронајдоци дека инсектите биле брзи во искористувањето на овој нов ресурс. Нивниот штотуку стекнат успех во овие суви, копнени услови се должел најмногу на егзоскелетот со надворешен слој од восочна кутикула за да се минимизира исушувањето.
Иако не постојат фосилни пронајдоци за првите инсекти, разумно е да се шпекулира дека инсектите еволуирале независно од другите шестоноги (споредба на главени структури и усни делови). Како што и претходно се спомена, сите примитивни инсекти имаат ектогнатни усни делови (мандибулите и магзилите не се затворени со главената празнина). Овие усни делови се најчесто насочени надолу од вентралната страна на главата (хипогнатни) отколку нанапред од предниот дел на главата (прогнатни) како кај другите хексаподи. Инсектите исто така еволуирале со додатен склерит (клипеус) на предната површина од главената капсула. Мускулите се протегаат од клипеусот до горните ѕидови на предусната празнина (цибариум) зад усните делови. Кога овие мускули се контрахираат, цибариумот се зголемува и ја цица храната кон устата.
Најраните фосилни инсекти се пронајдени во девонските карпи. Тие се неверојатно слични со инсектите кои денес ги нарекуваме праменоопашести. Овие ,,најпримитивни‘‘ инсекти се членови на поткласата Apterygota (бескрилци). Тие се без крилја и имаат аметаболен развиток. Во минатото, ентомолозите ги групирале сите примитивни бескрилни инсекти во еден ред (Thysanura). Но, од неодамна, оваа класа е поделена на три реда: Archaeognatha, Thysanura и Monura. Од сите овие, Archaeognatha и Thysanura преживеале до денес. Овие аптериготни редови делат неколку ,,примитивни‘‘ особини со многуногите и неинсектските хексаподи. Прво, тие продолжуваат да се преслекуваат дури и како адулти. Некои Thysanura, на пример, можат да живеат и до неколку години и да се преслечат 40-50 пати. Второ, аптериготните инсекти имаат кратки и сегментирани телесни додатоци долж страните на абдоменот. По се изгледа дека овие структури се хомологни со екстремитетите за одење на многуногите. Трето, мажјаците произведуваат сперматофори кои се положуваат на земјата и подоцна се собираат од женката (надворешно оплодување). Некои видови развиле елаборирани ритуали на парење кои ја осигуруваат брзата и ефикасна размена на сперматофори.
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.