Зелени алги
From Wikipedia, the free encyclopedia
Зелените алги (науч. Chlorophyta) се еукариотски протисти кои содржат хлоропласти. Притоа, хлоропластите се распределени најчесто кон површината на цитоплазмата. Обично содржат два вида на хлорофил, ксантофили, каротини, при што доминира хлорофилот (оттука им доаѓа и името). Хлоропластите кај зелените алги се со разни облици: леќовидни, ѕвездовидни, прстенести, плочести и слично. Бидејќи обликот на хлоропластот е постојан за секој вид, ваквото својство се користи за детерминација на овие алги.
Зелени алги | |
---|---|
Каулерпа | |
Научна класификација | |
Царство: | Протисти |
Оддел: | Хлорофити
Харофити |
Пододдел: | Стрептофитини |
Според градбата на телото, зелените алги можат да бидат едноклеточни, колонијални, многуклеточни и бесклеточни (сифонални). Во однос на големината постојат големи разлики помеѓу зелените алги, и тоа од мошне ситни едноклеточни, видливи само под микроскоп, до такви кои можат да имаат должина и до половина метар:
- Колонијалните зелени алги се одликуваат со постојан број на клетки. Штом колонијата ќе го достигне одредениот број на клетки, тие повеќе не се создаваат во текот на целиот вегетативен живот. По ова својство колониите се разликуваат од многуклеточните зелени алги, кои во текот на целиот живот продуцираат клетки.
- Многуклеточните зелени алги имаат облик на разгранети или неразгранети нишки (фибрили), и како што погоре е спомнато, кај нив се создаваат клетки во текот на целиот живот.
- Бесклеточните зелени алги имаат доста специфична градба, најчесто во облик на сифон. Главна и најзабележлива особина на овие алги е што нивното тело не е поделено на клетки. Тие имаат талус со големи димензии во кој се содржат голем број на јадра, без никакви прегради.
Клетките на зелените алги имаат клеточен ѕид и клеточна мембрана. Клеточниот ѕид кон внатрешноста е целулозен, а кон периферијата е изграден од пектин.
Најголемиот број од зелените алги живеат во слатките води (било да се прицврстени за подлога или слободни). Помал број од нив живее во морињата. Морските алги се најчесто планктонски облици, додека поголемите се крајбрежни сесилни облици.
Размножувањето на зелените алги се одвива на повеќе начини: со проста делба, со спори и полово (по пат на изогамија, хетерогамија, оогамија и конјугација). Покрај простата делба, зелените алги можат да се размножуваат и вегетативно и со фрагментација на талусот, при што од секој фрагмент се развива нова единка.