Протисти
From Wikipedia, the free encyclopedia
Протистите (од грчки:πρώτιστος - прв, латински: Protista) се едноклеточни, колонијални или повеќеклеточни еукариотски организми кои содржат јадро и структура на еукариоти, но не се ниту животни ниту растенија ниту габи. Тие не се природна група или клад, но најчесто се групираат заедно заради погодност, каков што е случајот со алгите и безрбетниците. Во некои системи на биолошка класификација, како што е сѐ уште популарната класификација на Роберт Витакер од 1969 година, тие се ставени во царството Protista, кое опфаќа едноклеточни организми или колонии кои не формираат ткива.[2]
Протисти Период: Палеопротерозоик — денес | |
---|---|
Научна класификација | |
Домен: | Eukaryota Whittaker & Margulis, 1978 |
Царство: | Protista Haeckel, 1866 |
кладови надгрупи (оддели) | |
класификацијата варира |
Освен што поседуваат едноставна градба, тие не мора да имаат други заеднички особини,[3] така да, кога се користи терминот протист, тој се однесува на видови со сличен изглед, но сместени во различни таксони, кои не се поврзани преку заеднички предок, кои имаат различни животни циклуси, трофични нивоа, клеточна структура и начин на локомоција.[4][5] Во класификацијата на Лин Маргулис под терминот, Protista, се подразбира микроскопски организам, додека поширокиот термин, Protoctista, се однесува на биолошко царство во кое се вклучуваат и одредени големи, повеќеклеточни еукариоти, како што е крупната морска трева, црвените алги и лигавите габи.[6] Некои автори го користат терминот Protista во поширок смисла и во нив вклучуваат микробни еукариоти и макроскопски организми кои не можат да ги класифицираат во другите традиционални царства.
Во кладистичките системи не постојат еквиваленти на таксоните Protista и Protoctista, и двата термини се однесуваат на парафилетична група која опфаќа цело еукариотско дрво на живот. Во кладистичката класификација, протистите се распоредени меѓу разни супергрупи (SAR, Archaeplastida, Excavata, Opisthokonta и други), така да "Protista", "Protoctista" и "Protozoa" се сметаат за застарени термини. Сепак, терминот "протист" се користи за именување на сите еукариотски микроорганизми; на пример, под терминот "патоген протист" се подразбира било кој микроб што предизвикува болест, а не е бактерија, вирус, вироид или метазоа.[7]