Remove ads
From Wikipedia, the free encyclopedia
Ерусалим (хебрејски: יְרוּשָׁלַיִם ⓘ; арапски: القُدس, ел-Кудс ⓘ, арамејски: ܐܘܪܫܠܡ, ’Ūrišlem; грчки: Ίερουσαλήμ или Ίεροσόλυμα; латински: Hierosolyma, Hierusalem, Aelia Capitolina) — древен град на Блискиот Исток и најважен град во Израел, и покрај тоа што овој факт е спорен за муслиманските земји, особено за Палестина.[2] Градот брои 804,355 жители, и се протега на точно 125,1 км2, вклучувајќи го и Источен Ерусалим.[1][3][iv] Градот се наоѓа во близина на јудејската планина, помеѓу Средоземното Море и Мртвото Море. Модерниот Ерусалим е изграден надвор од ѕидините на стариот дел од градот. Градот бил основан во 4 век п.н.е., и како таков е дел од најстарите градови на светот.[4].
|
|||
Mестоположба | |||
---|---|---|---|
Координати |
| ||
Општи податоци | |||
Име - изворно - други имиња |
Ерусалим יְרוּשָׁלַיִם (Јерушалајим) арапски: القـُدْس (Ел-Кудс); грчки: Ίερουσαλήμ (Јеросалем) латински:Hierosolyma (Хиерусалем) | ||
Прво доселување | 4000 п.н.е. | ||
Стари имиња | Салем Јебус Сион или Цион Ир Давид (Давидов град) | ||
Повикувачки број | +972 2 | ||
Портал | www.jerusalem.muni.il | ||
Управа | |||
Земја | Израел | ||
Округ | Ерусалим | ||
Градоначалник | Нир Баркат | ||
Географија | |||
Површина | 126 km² | ||
Надморска височина | околу 760 m | ||
Население | |||
Население | 933 200 (2012)[1] жители година: | ||
Густина | 5.750,4 ж./km² (2006) | ||
Етнички групи | евреи (65%), муслимани (32%), христијани (2%), други (1%) | ||
Ерусалим е најсветиот град во јудаизмот, и претставувал најголемиот духовен центар на Евреите во 10 век п.н.е.[5]. Тој исто така претставува трет најсвет град во исламот, по Мека и Медина[6], а е свет град и за христијанството. На површина од само 0,9 км2[7], во Стариот Град, на Храмовата Гора се наоѓаат најважните религиозни градби: Западниот Ѕид или Ѕидот на плачот за јудаизмот, Светиот Гроб за христијанството и Ал Акса со Златната купола за исламот. Стариот Град е поделен на четири населби: еврејска, исламска, христијанска и ерменска населба, кои биле поделени во текот 19 век.[8] Стариот Град бил номиниран и вклучен во списокот на светско наследство за несигурни градови во 1982 година од Јордан.[9] Во текот на својата историја, градот Ерусалим двапати бил целосно разрушен, 23 пати под опсада, 52 пати нападнат и 44 пати освоен.[10]
Денес, статусот на Ерусалим е определен со израелско-палестинскиот конфликт. Анексијата на Источен Ерусалим е многупати дискутирана и осудувана од страна на ООН[11][12], а и самите Палестинци го сметаат Источен Ерусалим како главен град на нивната идна држава, Палестина.[13][14] По 1980 година, многу амбасади и светски организации своите канцеларии ги преместиле од Ерусалим во Тел Авив, но има и такви чии амбасади сѐ уште се во Ерусалим, како на пример амбасадата на САД.[15]
И покрај тоа што оригиналното име на градот е Ерусалим, сепак постојат повеќе теории околу тоа што всушност во превод означува овој израз. Некои веруваат дека името на градот доаѓа од хебрејскиот збор јеруша, што во превод значи наследство и хебрејскиот збор шалом, што во превод значи мир, односно Наследство на Мирот. Според други мислења, зборот „шалом“ доаѓа од хебрејското „шоломо“, што пак асоцира на царот Соломон, градител на Првиот храм[16][17] Вториот дел од зборот е „шалем“, (целосност или хармоничност), што е и најраниот назив на денешниот град Ерусалим,[18] споменат уште во првата книга на Библијата, Создавање.[19] Од друга страна, во Араманските писма напишани на акадски јазик, името на градот се нарекува Урушалем, слично на хебрејското Ир Шалем.[20]
Во еврејската Мидраш, Авраам дошол во градот, кој тогаш го нарекол Шалем.[21] Пророкот го замолил кралот Мелхиседек да му даде благослов. По оваа средба се смета дека била додадена претставката јеру, добиено од јерех, име кое Авраам му го дал на Храмовата Гора.[21]. Од тука доаѓа и Јерушалем, што во превод значи „градот на Шалем“ или „основан од Шалем“.[22] Последната наставка -им е додадена од хебрејската граматика.[23][24]
Се верува дека градот бил наречен и Рушалимум или Урушалимум, што доаѓа од староегипетскиот јазик.[25] Грците кон името на градот ја додале претставката „хиеро“ (свето место), и градот го нарекувале Хиеросолјама. Арапите, градот го нарекувале Ал Кудс (Свето место). Сион или Цион се нарекувал само дел од градот, но подоцна ова име започнало да се употребува и за целиот град. По царот Давид, градот бил познат и како Ир Давид, односно Давидов град.[26]
Според археолошките откритија, се претпоставува дека градот бил основан околу 4000 година п.н.е.,[4][27] со елементи од бронзената доба во периодот помеѓу 3000 година п.н.е. и 2800 година п.н.е.[27][28] Пронајдените писма од 19 век п.н.е., во кои градот се нарекува Рошламем[27] и Араманските писма се првите називи за градот.[29][30] Некои археолози, вклучувајќи го и Кетлин Кенјон, сметаат дека Ерусалим бил основан од страна на западносемитските народи во околу 26 век п.н.е. Но, според еврејската традиција, градот бил основан од страна на синот на Ное, Сим и неговиот внук Ебер. Во Библијата, градот најпрво е наречен „Салим (Шалем - שָׁלֵם)“, и негов цар бил Мелхиседек, истомисленикот на Авраам, кој верувал во Библискиот Бог.[31] Подоцна, градот бил заземен од страна на Давид, кој го претворил во престолнина на своето царство.[32][33][v]
Според хебрејските ракописи, цар Давид со градот владеел во 970 година п.н.е. Тој бил наследен од страна на својот син, Соломон,[34] кој го изградил Ерусалимскиот храм на планината Мориах. Храмот на Соломон, (подоцна наречен Прв Храм) прераснал во големо светилиште во еврејската историја, а се смета дека подоцна во него бил чуван и Ковчегот на Заветот.[35] Повеќе од 600 години, односно сѐ до преземањето на градот од страна на Вавилон, градот останал престолнина на Јудејското кралство и религиозен центар на Израелците.[36] Овој период е познат како период на Првиот Храм.[37] По смртта на Соломон, (930 п.н.е.), градот останал престолнина на царството.[37]
По освојувањето на градот, завршил првиот период на храмот, и тоа во 586 година п.н.е., со заземањето на градот од страна на Вавилон, рушејќи го храмот на Соломон[37]. По педесет години Евреите откако биле протерани од градот, персискиот крал Кир II им дозволил повторно да се вратат. Со нивното доаѓање, дошла и идејата за повторна реконструкција на ерусалимскиот храм. Тој бил изграден во 516 п.н.е. во времето на Дариј I, односно седумдесет години по уривањето на Првиот храм[38][39]. Градот повторно станал најважен центар на Евреите и нивната култура. Во времето кога Александар Македонски ја поразил Персија, Ерусалим попаднал во рамките на Македонската држава. По распадот на Македонската држава, со Ерусалим владеел Птоломеј I Сотир. Во 198 п.н.е., Птоломеј I го изгубил Ерусалим предавајќи го градот на селеквидите.[40]
Имиња |
Морија · Сион · Аелија Капитолина |
Историја · Хронологија |
10 век п.н.е. · 721 п.н.е. · 597 п.н.е. |
Религиозно значење |
Јудаизам · Христијанство · Ислам |
Демографија · Луѓе |
Патријарси · Рабини |
Археолошки градби · Најпознати места Населби · Планини |
Транспорт · Образование |
Позиции Источен Ерусалим |
|
Градот бил заземен од страна на Римјаните во 70 година, во времето на царот Тит. Во времето кога Римското Царство била во својот најголем подем, Ирод бил назначен како поданик на царот во еврејските земји. Тој започнал со обнова на градот, градејќи многу кули, палати и храмови, од кои најпознат е Храмот на Ирод, изграден на местото на поранешниот храм на Соломон. Во негово време, големината на Храмовата Гора бил проширен двојно.[34][41][42]. Во 6 век, градот спаѓал во јудејската провинција на Римското Царство,[43] а Ирод бил наследен од страна на Агрипа III во 96 година. Римската улога и господарство во Ерусалим и регионот ја предизвикала првата еврејско-римска војна. За време на оваа војна, во 70 година, повторно е урнат Ерусалимскиот Храм. Во 130 година, император Адријан го романизирал градот, менувајќи му го името во Аелија Капитолина.[44] Градот повторно станал престолнина за времето на тригодишниот конфликт меѓу Евреите и Римјаните, конфликт наречен Бар Кокба конфликт од 132 година. По три години, царот Адријан повторно го зазел градот, и им забранил на сите Евреи да се вратат назад. Адријан ја вклучил јудејската провинција во т.н. палестинска провинција, според Филистејците кои се обиделе да ја де-јудаизираат земјата.[45][46] Евреите, во градот Аелија Капитолина се вратиле во 4 век.
Во текот на 4 век, градот останал во составот на Римското Царство, а по нејзиниот распад во рамките на Византија. Во тоа време, римскиот цар го реконструирал градот во христијански, градејќи го Светиот Гроб. Населението на градот кон крајот на Вториот период на храмот нагло се зголемило на 200.000 жители,[45][47] а Евреите во времето на Константин I, повторно биле протерени од градот.[48]
Со ширењето на Сасанидското Царство, и градот Ерусалим бил вклучен во неговата територија.[49] Со Опсадата на Ерусалим, во 614 година, градот паднал по 21 ден опсада во рацете на Персијците. Персијците извршиле масакар над 90.000 христијани.[50] Градот останал петнаесет години под раководство на Сасанидското Царство, кога византискиот цар Хераклиус го зазел во 629 година.[49]
Градот Ерусалим е прогласен за трет најсвет град во исламот, веднаш по Мека и Медина. Во раноисламската ера, градот бил нарекуван Ел-Баит ел-Мукадас, а подоцна, како што е до ден денес, градот е познат како Ел-Кудс ел-Шариф. Во 638 година исламскиот калифат веќе доминирал во Ерусалим.[51] Со муслиманското освојување на Сирија, Евреите повторно се вратиле во градот.[52] Калифот Омар ибн ел-Хатаб успеал да постигне договор со монофизитистичкиот патријарх Софрониј Ерусалимски за осигурување на светите христијански места, и договор со кој се гарантирала безбедноста на христијанското население во градот од муслиманите.[53] Умар бил водич во пронаѓањето на каменот во Храмовата Гора, и наредил да се изгради џамија. Во периодот од 679 до 688 година, џамијата на Умар добила дрвена правоаголна форма, и била проширена со што нејзината внатрешност можела да собере 3.000 верници.[54] Златната купола повторно била обновена за време на умајадскиот калиф Абд ел-Малик во 7 век.[55] Ова го кажува и историчарот Ал Мукадас, кој напишал дека Абд ел-Малик изградил светилиште со цел да ги надмине ерусалимските цркви кои биле изградени многу порано.[54] Во следните 400 години, Ерусалим останал под раководство на Арапите,[56], сѐ до крстоносните војни.
Во 1099 година, Ерусалим бил освоен од страна на крстоносците. Со заземањето на градот, новите господари извршиле големи масакри врз нехристијанското население, пред сѐ врз муслиманското и еврејското. Крстоносците го населиле Ерусалим со христијанско население, главно од Европа, и го формирале Ерусалимското Кралство. Населението на градот значително се намалило од 70.000 на 30.000.[57] Во 1187 година, градот бил заземен од страна на Саладин, кој дозволил повторно да се вратат муслиманите и Евреите во градот.[58] Во 1244 година, Ерусалим бил заземен од страна на Татарите, кои повторно ги избркале Евреите од градот, и извршиле голем масакар врз христијаните.[59] Во периодот од 1250 до 1517 година, Ерусалим бил управуван од страна на Малмуците, и во текот на нивното владеење имало постојани борби меѓу нив и крстоносците.
Во 1517 година, градот влегол во составот на Османлиското Царство, и под раководство на Османлиите останал сѐ до 1917 година.[58] Во времето на Сулејман Величествениот, Ерусалим бил значително обновен, вклучувајќи ги ѕидините околу стариот дел на градот. Во склопот на оваа империја, Ерусалим останал како провинција и како голем религиозен центар, покрај новосоздадените Каиро и Дамаск.[60] Исто така, Османлиите воспоставиле бројни конзулства во градот, а транспортната мрежа била проширена, што означува дека градот бил потполно модернизиран.[61] Во текот на 19 век, градот бил поврзан со Јафа, а од 1892 година била изградена и железничка пруга.[61] Во 1840 година, многу Евреи од Алжир и Северна Африка се населиле во градот.[62] Така, според прускиот конзулат, населението на градот било 16.410 жители, од кои 7.120 Евреи, 5.000 муслимани, 3.390 христијани, 800 Османлии и 100 Европејци.[62] The volume of Christian pilgrims increased under the Ottomans, doubling the city's population around Easter time.[63]
Во почетокот на 1860 година, градот започнал да се шири и надвор од старите ѕидини. Така, биле изградени новите населби: Руската населба и Мишкенот Шананим.[64]
Во 1917 година, по Битката за Ерусалим, британската армија го зазела градот под раководство на Едмунд Аленби.[65] Така, во 1922 година, Обединетите нации ѝ доделија мандат на Велика Британија врз територијата на Палестина. Во периодот од 1922 до 1948 година, целото население на градот се зголемило од 52.000 на 165.000 жители, од кои две третини биле Евреи, а една третина им припаѓала на муслиманите и христијаните.[66] Тензијата во Палестина меѓу Арапите и Евреите сѐ повеќе растела. Дошло до нови нередија, најпрвин во 1920 година, а подоцна и во 1929 година. Под раководство на Велика Британија, градот започнал да се шири кон западниот и северниот дел од градот.[67][68] Во 1925 година бил изграден и првиот еврејски универзитет.[69]
Со истекувањето на британскиот мандат во Палестина, во 1947 година бил создаден нов план за градот Ерусалим, под раководство на Обединетите нации.[70] Официјалното резиме било заминување на воените трупи на десет години, и излегување на референдум кој би одлучил за иднината на оваа територија. Но, планот не се остварил, заради започнувањето на војната за независност на новата држава Израел.
Војната завршила така што Ерусалим бил поделен меѓу Израел и Јордан. Со договорот од 1949 година, централниот дел од градот и Скопуската Планина му припаднале на Израел. Градот бил поделен на источен и западен Ерусалим. Со декларацијата за независност, градот станал главна престолнина на Израел, а Јордан само формално го анексирал Источен Ерусалим во 1950 година.[71][72] За време на шестдневната војна, Израел го зазел Источен Ерусалим и го зачувал суверенитетот на градот, Евреите ги добиле светите места, а била распуштена мароканската населба која се наоѓала до Западниот Ѕид[73] со што бил расчистен патот кон светото еврејско место.[74]
Градот Ерусалим се наоѓа јужно од Јудејската Планина, источно од Маслиновата Планина и југоисточно од Скопуската. Стариот град се наоѓа на 760 метри надморска височина.[75] Кидрон, Хином и Тиропоеон се наоѓаат јужно од Стариот град.[76]
Во библиско време, градот бил опколен од бадемови, маслинови и борови дрвја. Но, со вековните борби кои се воделе на овие простори, овие шумички биле уништени. Снабдувањето на градот со вода отсекогаш претставувало проблем.[77]
Ерусалим се наоѓа на 60 км источно од Тел Авив,[78] и Средоземно Море, 35 км од Мртво Море.[79] Во близина на градот се наоѓаат Витлеем и Беит Јала на југ, Абу Дис и Мале Адумим на исток, Мевасерет Сион на запад, и Рамалах и Гиват Зев на север.[80][81][82]
Градот се одликува со средоземна клима, со топли суви лета, и ладни врнежливи зими. Обично во градот паѓа снег еднаш или двапати во годината, а големи врнежи од снег се појавуваат во просек од три до четири години. Јануари е најстудениот месец во годината, со температура од 8 °C, а јули и август се најжешките месеци, со температура од 23 °C. Температурата обично варира во денот и ноќта, и градот во летниот период има студени ноќи. Средниот годишен врнеж од дожд е околу 590 ml, а обично месеците мај и октомври се најврнежливи во годината. [83]
Климатски податоци за Ерусалим (1881 — 2007) | |||||||||||||
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Месец | Јан | Фев | Мар | Апр | Мај | Јун | Јул | Авг | Сеп | Окт | Ное | Дек | Годишно |
Највисока забележана °C (°F) | 23.4 (74.1) |
25.3 (77.5) |
27.6 (81.7) |
35.3 (95.5) |
37.2 (99) |
36.8 (98.2) |
40.6 (105.1) |
44.4 (111.9) |
37.8 (100) |
33.8 (92.8) |
29.4 (84.9) |
26.0 (78.8) |
44.4 (111.9) |
Прос. висока °C (°F) | 11.8 (53.2) |
12.6 (54.7) |
15.4 (59.7) |
21.5 (70.7) |
25.3 (77.5) |
27.6 (81.7) |
29.0 (84.2) |
29.4 (84.9) |
28.2 (82.8) |
24.7 (76.5) |
18.8 (65.8) |
14.0 (57.2) |
21.5 (70.7) |
Сред. дневна °C (°F) | 9.1 (48.4) |
9.5 (49.1) |
11.9 (53.4) |
17.1 (62.8) |
20.5 (68.9) |
22.7 (72.9) |
24.2 (75.6) |
24.5 (76.1) |
23.4 (74.1) |
20.7 (69.3) |
15.6 (60.1) |
11.2 (52.2) |
17.53 (63.58) |
Прос. ниска °C (°F) | 6.4 (43.5) |
6.4 (43.5) |
8.4 (47.1) |
12.6 (54.7) |
15.7 (60.3) |
17.8 (64) |
19.4 (66.9) |
19.5 (67.1) |
18.6 (65.5) |
16.6 (61.9) |
12.3 (54.1) |
8.4 (47.1) |
13.5 (56.3) |
Најниска забележана °C (°F) | −6.7 (19.9) |
−2.4 (27.7) |
−0.3 (31.5) |
0.8 (33.4) |
7.6 (45.7) |
11.0 (51.8) |
14.6 (58.3) |
15.5 (59.9) |
13.2 (55.8) |
9.8 (49.6) |
1.8 (35.2) |
0.2 (32.4) |
−6.7 (19.9) |
Прос. дожд мм (ин) | 133.2 (5.244) |
118.3 (4.657) |
92.7 (3.65) |
24.5 (0.965) |
3.2 (0.126) |
0 (0) |
0 (0) |
0 (0) |
0.3 (0.012) |
15.4 (0.606) |
60.8 (2.394) |
105.7 (4.161) |
554.1 (21.815) |
Прос. бр. дождливи денови | 12.9 | 11.7 | 9.6 | 4.4 | 1.3 | 0 | 0 | 0 | 0.3 | 3.6 | 7.3 | 10.9 | 62.0 |
Прос. релативна влажност (%) | 61 | 59 | 52 | 39 | 35 | 37 | 40 | 40 | 40 | 42 | 48 | 56 | 45.8 |
Сред. бр. сончеви часови месечно | 192.2 | 243.6 | 226.3 | 267.0 | 331.7 | 381.0 | 384.4 | 365.8 | 309.0 | 275.9 | 228.0 | 192.2 | 3.397,1 |
Извор бр. 1: Метеролошки завод на Израел[84][85] | |||||||||||||
Извор бр. 2: Хонгконшка опсерваторија за сонч. часови[86] |
Година | Број на жители |
---|---|
1844 | 15.510 |
1876 | 25.030 |
1896 | 45.420 |
1922 | 62.578 |
1931 | 90.053 |
1944 | 157.000 |
1948 | 165.000 |
1967 | 263.307 |
1980 | 407.100 |
1985 | 457.700 |
1990 | 524.400 |
1995 | 617.000 |
2000 | 657.500 |
2005 | 706.400 |
2012 | 933 113 |
Во декември, 2007 година, популацијата на Ерусалим изнесувала 747.600 луѓе, од кои 64% Евреи, 32% муслимани и 2% христијани.[1][2][87] Во споредба со 2000 година, процентот на Евреи во градот е намален, поради зголемениот прираст на палестинското население во градот и заминувањето на Евреите од градот. Во стариот дел од градот живеат 32.488 Евреи.[88]
Во текот на 2005 година, околу 2.850 нови емигранти биле населени во Ерусалим, повеќето од нив по потекло од САД, Франција и Русија. Во поглед на наталитетот на градот, во 2005 година, 16.000 жители го напуштиле градот, а само 10.000 се населиле.[2] Во истата година, целосната популација на Ерусалим се зголемила за 13.000 или 1,8%, но религиозните и етничките тензии сè повеќе растат. Арапската популација побрзо нараснува во градот во поглед на еврејската.[2] Во споредба со минатото, во 1967 година, процентот на Евреите во градот бил 74%, а по четири декади процентот се намалил за 9%.[89] За наталитетот на градот големо влијание имаат и финансиите со кои располагаат жителите на градот. Така, многумина се иселуваат од градот поради немање финансиски средства. Тие обично се населуваат во околните градови или села, каде условите за живот се поевтини.[90]
Ерусалимската општина е составена од градоначалник и 31 советник, кои се избираат на секои пет години. Моментален градоначалник на градот е Нир Баркат, и на оваа функција е од 2008 година.[91][92] Најдолго време, градоначалник на градот бил Теди Колек, кој поминал 29 години на оваа позиција. Обично, градското собрание е затворено за посетители, но за туристите се отвора еднаш месечно.[92] Седиштето на ерусалимската општина и градоначалничката канцеларија се наоѓа на плоштадот Сафра на улица Јафа. Новата општинска зграда била отворена во 1993 година.[93] Градот спаѓа во ерусалимскиот регион, каде Ерусалим е главен град.
На 5 декември 1949 година Израел го прогласил Ерусалим за главен град на новата држава[94] и сите владини организации и министерства биле сместени во градот.[95] За време на војната, Ерусалим бил разделен на источен и западен, а само западниот дел од градот бил престолнина на градот, додека останатиот бил под управата на Јордан, сѐ до Шестдневната војна кога Израел го анексирал источен Ерусалим, вклопувајќи го со преостанатиот дел од градот. На тој начин, со дефинитивниот изгласен Ерусалимски закон во 1980 година, градот бил прогласен за престолнина на Израел.[96]
Ваквите постапки на властите на Израел, создавајќи “Обединет Ерусалим“, не биле прифатени од страна на некои држави како добронамерни.[94][97] Некои земји отвориле конзулати во Ерусалим, како и свои амбасади, но повеќето од нив се дислоцирале во Тел Авив, главно поради сѐ позачестените етнички конфликти меѓу Арапите и Евреите во градот.[98][99]
Можеби најзабележителна градба во градот, по оние на Храмовата Гора се владините институции, вклучувајќи го Кнесет,[100][101] и официјалната резиденција на претседателот на Израел и премиерот на Израел. Пред основањето на израелската држава, Ерусалим бил користен како административен центар на британскиот мандат.[102]
Ерусалим претставува многу значајно место за јудаизмот, исламот и христијанството. Во градот се наоѓаат 1204 синагоги, 158 цркви и 73 џамии.[103]
Ерусалим е најсветиот град во јудаизмот. За Евреите, Ерусалим е градот престолнина на царот Давид за своето царство во 10 век п.н.е. Ерусалим е градот каде некогаш бил изграден Храмот на Соломон и Вториот ерусалимски храм.[5] Во градот на Сионската Гора се наоѓа Гробот на Давид. Денеска се смета дека Западниот Ѕид е единствено нешто што останало од некогашниот ерусалимски храм, и затоа денес ова место е најсветото во јудаизмот, на Храмовата Гора.[104] Речиси сите синагоги во светот се изградени според оние во Ерусалим,[105] и Кадош Хакадашим.[106] Според Евреите, ова е еден единствен храм кој постои, бидејќи самата синагога тие не ја признаваат како храм. Исто така, според нив овде е точното место каде Бог директно ги прима аманетите на човекот.
Ерусалим е третото најсвето место за исламот, веднаш по Мека и Медина.[6] Муслиманите веруваат дека пророкот Мухамед од Мека дошол во Ерусалим на Храмовата Гора, од каде со својот коњ воскреснал кон небото.[107][108] Најсвето место во Ерусалим за исламот е џамијата Ал Акса.[109]. Освен Ал Акса, големо значење има и Златната купола, во која се наоѓа местото од каде пророкот Мухамед воскреснал кон небото.[110] Денес, бројот на муслимани во градот се претпоставува дека е околу 100.000, но некогаш тој број изнесувал многу повеќе. Но по прогласувањето на независноста на Израел, и по арапско-израелскиот конфликт, нивниот број значително се намалил.
Ерусалим има голема улога во христијанството не само поради Стариот завет, туку и поради животот на Исус Христос. Во Библијата градот е споменат 632 пати. Според Новиот завет, Исус бил донесен во Ерусалим веднаш по рaѓањето,[111] а подоцна дошол во храмот каде проповедал.[112] Сионската горница се верува дека е местото каде била одржана Тајната вечера. Таа се наоѓа на Сионската Планина, на само неколку метри оддалеченост од Гробот на Давид.[113][114] Гетсиманската градина е местото каде Исус Христос ја поминал својата последна вечер. Тоа е и местото каде Јуда Искариотски дошол со римските војници и со бакнеж на левиот образ го предал Исус на Кајфа. Таа се наоѓа под Маслиновата Гора. Друго значајно место во христијанството е Голгота или Калварија, местото каде е распнат Исус Христос[115]. Според Евангелието на Јован, овој рид се наоѓал надвор од ѕидините на Ерусалим, но археолошките испитувања покажале дека се наоѓа многу блиску до ѕидините на стариот град.[116] Во Ерусалим се наоѓа и Светиот Гроб, местото за кое се верува дека е гробот на Исус Христос.[116][117][118] Градинарскиот гроб пак се смета за местото каде што бил погребан Исус Христос и каде што воскреснал.
Освен тоа што Ерусалим е познат како религиозен град, тој е познат и по своите културни манифестации. Израелскиот музеј годишно прима околу милион посетители, од кои една третина се туристи.[119] Музејот Светилиште на Книгата се наоѓа во непосредна близина на Израелскиот музеј.[120] Рокфелерскиот музеј се наоѓа во Источен Ерусалим и е првиот музеј во овој регион отворен во 1938 година.[121][122] На Храмовата Гора се наоѓа исламскиот музеј, изграден во 1923 година каде се чуваат многу исламски артефакти.[123]
Израелскиот национален музеј Јад Вашем е музеј кој е посветен на жртвите од холокаустот,[124] и поседува повеќе од 100.000 книги и материјали за тоа време. Јад Вашем е посветен на скоро 1 500 000 евреjски деца кои биле погубени од страна на нацистите.[125] The Museum on the Seam, which explores issues of coexistence through art is situated on the road dividing eastern and western Jerusalem.[126]
Ерусалимскиот симфорниски оркестар, кој бил создаден во 1940 година[127] е еден од најпознатите во светот.[127]
Историски, економијата на Ерусалим најмногу е поддржана од религиозни причини, посебно затоа што е сместен далеку од Газа и Јафа.[128] Економскиот туризам во Ерусалим е во голем степен развиен поради туристичките или религиозните посети на стариот дел од градот.[2] До 1967 година, Источен Ерусалим бил поразвиен во однос на Западен Ерусалим.[128] Статистиката покажува дека бројот на вработени кај арапските домаќинства е 76,1%, додека кај еврејските домаќинства тој процент е 66,8%. Степенот на невработеност во Ерусалим е 8,3%, и е подобар во однос на Тел Авив и Хаифа [2] како и на ниво на целата држава, каде тој процент изнесува 9,0%. Но, сиромаштијата во градот сѐ повеќе расте во последните години, и се смета дека тој степен е околу 40%.[129] Само 8,5% од жителите на ерусалимскиот регион се вработени во производниот сектор, 17,9% се вработени во образованието, 12,6% во здравството, 6,4% во комуникациите, 6,15 во хотели или ресторани, а 8,2% во администрацијата.[130]
Авионскиот превоз до Ерусалим е осигурен преку аеродромот Атарот од 2001 година. Пред тоа, овој аеродром бил користен за воени цели на израелската војска. Во Ерусалим се наоѓа и Еџед Бас, втора по големина компанија во светот за производство на автобуси[131] која истовремено управува и со ерусалимската станица на улица Јафа. Од 2008 година, единствен застапник за такси превоз во градот е Еџед Бас.
Градот е поврзан и со израелската железница, но во моментот се гради нова железничка станица во правец од Тел Авив до Ерусалим[132] која се очекува да биде довршена во 2011 година.
Ерусалим е град на престижни универзитети, на кој се предава на хебрејски јазик, арапски јазик и англиски јазик. Основан во 1925 година, Еврејскиот универзитет во Ерусалим е рангиран меѓу стоте највисоки образовни установи во светот.[133] Друга научна установа е Ерусалимскиот колеџ на технологијата, основан во 1969 година како и Ерусалимската академија на музиката и танцот, основана во 1958 година.
За исламскиот свет, во Ерусалим е отворен универзитетот Ел-Кудс, основан во 1984 година.[134] Ова е и единствениот арапски универзитет во градот.[135]
Двата најпопуларни спортови во Ерусалим се кошарката и фудбалот.[136] Беитар Ерусалим е еден од најпопуларните фудбалски клубови во Ерусалим и Израел. Некои членови на навивачкиот клуб се политичари или естрадни ѕвезди.[137] Другиот градски фудбалски тим, и еден од најголемите соперници на Беитар Ерусалим е Хапоел Катамон. Беитар Ерусалим има победувано пет пати во израелскиот куп,[138] а Хапоел Катамон има победено само еднаш. Овие два клуба своите домашни натпревари ги играат на стадионот Теди, кој во 1992 година бил изграден со капацитет од 21.600 гледачи.[139] Во кошарката, Хапоел Ерусалим е најдобриот тим, игра во израелската лига каде што ја има освоено трипати, во УЛЕБ купот еднаш и во Лига Хал.[140]
Ерусалим се јавува како честа тема во бројни дела од уметноста и популарната култура, како:
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.