From Wikipedia, the free encyclopedia
Егзистенцијалистичката филозофија се занимава со смислата, тешкотиите и насоките на човековото постоење, и го поставува проблемот на егзистенцијата. Појавата на егзистенцијализмот во современата филозофска мисла е условена од тешката, драматична лична положба на човекот во историската и општествена ситуација во првата половина на 20 век, од општата разочараност во прогресот и од кризата на европската цивилизација.[1]
Предвесници на оваа филозофија се Кјеркегор и Ниче, чија филозофија е поврзана со егзистенцијата на човекот. Големо влијание врз овие филозофски идеи извршиле: Блез Паскал[2], Шелинг, Шопенхауер, како и Достоевски, Франц Кафка[3] и феноменолoгијата на Хусерл[1][4]. Егзистенцијализмот се појавува во средината на XX век меѓу група на особено значајни мислители. Таа најпрво се појавува во Германија, а подоцна во разни варијанти и во другите земји во Европа, во текот на Втората светска војна станува популарна, а по неа во Франција станува мода и култура[5]. Најзначајни автори се Жан Пол Сартр, Карл Јасперс, Мартин Хајдегер и други. Со мали разлики се диференцираат два правци: филозофија на егзистенцијата и егзистенцијализам[1].
Филозофијата на егзистенцијата (лат. постење, конкретно живеење) претставува реакција во однос на позитивизмот и неговиот оптимизам во науката, во однос на техниката, просперитетот и хуманоста на индустриското општество. Се противставува на рационализмот и филозофијата на апсолутот.[1] За оваа филозофија суштината на нештата се наоѓа во единичната егзистенција (битувањето) на човекот и неговото место во светот, притоа укажува на разнебитеноста и несигурноста кај човекот, што произлегуваат од светот во којшто живее.[1] Човекот е сред светот, кој го збунува и плаши, тој има сомневања и е опкружен од опасности. Поради тоа се чувствува осамен и напуштен, препуштен на самиот себеси, без основа за постоење, а истовремено има одговорност што произлегува од неговата слобода.
Поимот егзистенција се сретнува уште кај Платон и Аристотел, а посебно се развива од схоластичката средновековна филозофија. Поимот егзистенција определува постоење на некое единично нешто, но притоа и во единичното нешто, вистинито е она што е општо. Општото (есенцијата) е она што е суштествено за сите истородни нешта. Оттука, во егзистенцијата на единката е вистинито само она коешто и во колкава мера ги содржи општите начела, суштествените својства на човекот. Филозофијата на егзистенцијата има специфичен, сосема нов пристап кон егзистенцијата. Таа егзистенцијата на човекот ја сфаќа како посебна специфична форма на постење, кое се разликува од постоењето на другите нешта во светот. Пред се:
„ | Човекот е единственото суштество кое свесно се однесува кон своето постоење. | “ |
Личноста на човекот не може докрај да се разбере научно и рационално, таа не може да се третира како предмет на сознанието како другите нешта. Човековото постоење во светот е посебен начин на постоење. Личноста има слобода на избор, неговото постоење е неповторливо, конечно. Основните својства на човековата егзистенција се наречени егзистенцијалии, и тие се индивидуалноста, индетерминизмот и историчноста. Егзистенцијалите не можат да се осознаат со научен метод и рационалност. Оттука за да се проникне во егзистенцијата во нејзината срцевина и сушност, егзистенцијализмот се служи со поими како што се: очај, страв, мачнина, пораз, пад, закана, досада, проклетство, смрт, апсурд, ништост итн.[6] Со тоа егзистенцијалната ситуација на човекот се опишува како еднократна, лична и минлива. Оваа филозофија во зависност од пристапот кон егзистенцијата се јавува во две варијанти:
Најголеми претставници на овој правец се Карл Јаспер и Габриел Марсел.[7] Карл Јаспер е еден од најзначајните филозофи од оваа ориенатција. Јаспер разликува темелни области на филозофирањето како трансцендирање (преминување преку) на објективно даденото:
Основната теза во учењето на Јасперс е дека егзистенцијата е остварување на вечноста во времето, а таа како таква не може предметно да се осознае, т.е. да се мисли, самата егзистенција е секогаш воздржување пред неискажливото.
„ | Оној кој мисли дека може да проникне во се, тој повеќе не филозофира. Кој научното знаење го смета за сознание на битието како такво и за сознание на целото битие, тој влегол во еден вид научно празноверие. Кој повеќе не се зачудува, тој повеќе не прашува. Кој повеќе не знае ниедна тајна, тој повеќе не ја ни бара. Заедно со темелната воздржаност за границите на можноста за знење, филозофијата познава и целосна отвореност за она што на границите на знаењето се покажува како нешто што не може да се знае [8] | “ |
Најголем претставник на овој правец е Мартин Хајдегер.[9] Во својата филозофија тој се запрашува за битието. Според Хајдегер, испитувањето на егзистенцијата (која е во времето), т.е. на самата човекова опстојба (да се биде), е подготовка за прашување на самото битие. Да се мисли што е тоа битието може само ако човековата суштина се премислува како ек - систенција (како отвореност за вистината на битието како дом на битието). Посебно Хајдегер се занимава со испитување и објаснување на категориите на проблематичното човеково постење во современата епоха, загриженост, дело, смрт и др.
„ | Прашањето што е филозофијата и самото мора да значи филозофирање. Кога филозофираме? Очигледно дури тогаш кога ќе почнеме да раговараме со филозофите. Тоа вклучува да го разгледаме со нив она за што тие зборуваат. Таквото заедничко разгледување на она што изгледа дека се однесува само на филозофот, тоа е филозофски разговор, разговор во смисла на дијалог [10] | “ |
Третата варијанта на овој филозоски правец се нарекува егзистенцијализам. Негови најзначајни претставници се Жан-Пол Сартр, Симон де Бовоар, Морис Мерло-Понти, а некој го приклучуваат и Албер Ками.[11] Најголем претставник на овој правец е Жан-Пол Сартр. Тој бил под влијание на Хегел, Кјеркегор, Макс Шелер, Мартин Хајдегер и особено на Хусрел, а во својата последна фаза бил под влијание и на Карл Маркс. Инспириран од феноменологијата на Хуслер, ја изградува својата онтологија со разгледување на односот меѓу човекот и светот. Сартр притоа ги критикува материјализамот и идеализамот, кои не можат со своите погледи да ги објаснат тие релации, толку суштестевени за човекот.
Наспроти материјализмот и идеализмот, Сартр егзистенцијата ја сфаќа како она што и претходи на есенцијата. Со самото тоа прави пресврт во третирањето на односот помеѓу есенцијата и егзистенцијата, односно Сартр смета дека егзистенцијата (постоењето) и претходи на есенцијата (суштината), егзистенцијата е материјализирање на есенцијата во реалноста. Егзистенцијата и претходи на есенцијата. Човекот најпрво постои и тоа е однапред, тоа претходи, а потоа, како што живее се развива и умира, се определува неговата суштина[12]. Во романот Тегобност, Сартр опишува како неговиот главен јунак ја осознава својата егзистенција во мигови на вдаховеност, размислувајќи за коренот на едно дрво што го набљудувал. За парадоксот на личното постоење во своето дело ќе истакне:
„ | Тоа е младич без некоја општа важност, всушност само една единка.[12] | “ |
Во своето филозофско дело Битието и Ништо, Сартр го објаснува односот свест - релност како однос на меѓу битието-по-себе и битието-за-себе.[13] Битието-по-себе е сета реалност, освен човекот, кој е битие-за-себе.[13] Начинот на нивното постоење ја прави разликата меѓу предметите и човекот. Предметите се материјални, тешки, цврсти, масивни, валкани и тромави, тие даваат отпор и немаат смисла. Од друга страна човекот со својата свест е битие-за-себе ја определува смислата на постојаното, на нештата, на битието-по-себе.[13] Човекот како егзистенција постојано се менува, развива и е насочен кон иднината. Човекот не може да се определи и дефинира себеси. За човекот може да се каже дека е она што не е и не е она што е. Кога ќе умре ќе стане битие-по-себе и тогаш може да се каже што е, а со тоа тој престанува да биде она што бил[13]. Во битието-за-себе се појавува недостаток, ништо кое го поништува. Откривањето на ништото, значи извор на вредностите. Вредностите пак произлегуваат од човековата побуда што сака да ја оствари, односно синтеза на свеста и битието. Човекот сака да има апсолутна егзистенција, од која ќе биде исклучен недостатокот, имено човекот да стане Бог.[13]
„ | Ако Бог постои, тогаш човекот не постои, еден со друг се исклучуваат [13] | “ |
Главната тема на Сартр е слободата. Човекот е слобода. Сам во светот, без Бога, напуштен и неповрзан со нешто како што е битието. Човекот сам ја остварува својата активност. Човекот е она што самиот од себе ќе направи со својата дејност. Слободата е смислата на неговата егзистенција. Каков ќе биде неговиот живот зависи само од него. Човекот е одговорен како ќе се определува, како ќе се ангажира. Тој мора да избира. Човекот е осуден да бира, да избира. Ставен е пред можности и мора да ја прифати одговорноста за она што се случува, и ризикот за сопственото постоење. Зад секоја негова постапка се крие ризик, поради големиот број на непредвидливи опасности, кои го изложуваат на страв и неспокојство. Тие ја предизвикуваат јанsата и тегобноста во животот на човекот, и неговиот живот оттука станува бесмислен.[1]
Seamless Wikipedia browsing. On steroids.
Every time you click a link to Wikipedia, Wiktionary or Wikiquote in your browser's search results, it will show the modern Wikiwand interface.
Wikiwand extension is a five stars, simple, with minimum permission required to keep your browsing private, safe and transparent.